ЛЕКЦИЈА 36
Биди чесен во сѐ
Секој сака да има пријатели што се искрени и чесни. И Јехова го очекува истото од своите пријатели. Но не е секогаш лесно да бидеме чесни бидејќи живееме во нечесен свет. Како ќе ни користи тоа што ќе се трудиме секогаш да постапуваме чесно?
1. Која е најважната причина зошто треба да бидеме чесни?
Кога постапуваме чесно со другите, му покажуваме на Јехова дека го сакаме и дека го почитуваме. Јехова знае сѐ — не само што правиме туку и за што размислуваме (Евреите 4:13). Тој забележува кога одлучуваме да постапуваме чесно и многу го цени тоа. Во неговата Реч пишува: „На Јехова му е одвратен расипаниот човек, а близок е со справедливите“ (Изреки 3:32).
2. Како може во секојдневниот живот да покажеме дека сме чесни?
Јехова сака да ја зборуваме „вистината еден со друг“ (Захарија 8:16, 17). Што значи ова? Сеедно дали зборуваме со членовите на нашето семејство, со колегите на работа, со нашите соверници или, пак, со службени лица, ние не лажеме и не ги наведуваме на погрешни заклучоци. Чесните луѓе не крадат и не ги мамат другите. (Прочитај Изреки 24:28 и Ефешаните 4:28.) Исто така, ги плаќаат сите даноци бидејќи се должни да го прават тоа (Римјаните 13:5-7). На овие и на други начини, покажуваме дека „сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18).
3. Како ќе ни користи тоа што ќе се трудиме да бидеме чесни?
Ако сме познати како чесни луѓе, другите ќе имаат доверба во нас. Освен тоа, со нашето чесно однесување придонесуваме во собранието да има пријатна и топла атмосфера во која сите се чувствуваат сигурно. Исто така, имаме чиста совест. И што е најважно, кога постапуваме чесно, го украсуваме учењето на нашиот Спасител, Бог, а тоа може да ги поттикне луѓето што не му служат да сакаат да го запознаат (Тит 2:10).
ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ
Во овој дел ќе дознаеш како се чувствува Јехова кога постапуваме чесно и зошто е за наше добро да бидеме чесни. Освен тоа, ќе научиш како можеш да бидеш чесен во разни ситуации од животот.
4. Кога постапуваме чесно, го радуваме Јехова
Прочитај Псалм 44:21 и Малахија 3:16, а потоа разговарајте за овие прашања:
-
Што мислиш, зошто не е мудро да мислиме дека може да ја скриеме вистината?
-
Што мислиш, како се чувствува Јехова кога ја зборуваме вистината дури и кога ни е тешко да го правиме тоа?
5. Секогаш постапувај чесно
Многу луѓе сметаат дека не е можно секогаш да се постапува чесно. Но, да видиме зошто треба да бидеме чесни во секоја ситуација. Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ.
Прочитај Евреите 13:18, а потоа разговарајте како може да бидеме чесни...
-
со членовите на нашето семејство.
-
на работа или на училиште.
-
во други ситуации.
6. Вреди да постапуваме чесно
Понекогаш, може да имаме проблеми поради тоа што постапуваме чесно. Но на долги патеки, секогаш се исплаќа да бидеме чесни. Прочитај Псалм 34:12-16, а потоа разговарајте за ова прашање:
-
Како чесноста може да ти го подобри животот?
-
А. Сопружниците што се искрени и чесни еден со друг си го зајакнуваат бракот
-
Б. Чесните работници ја стекнуваат довербата на своите работодавци
-
В. Чесните граѓани немаат причина да се плашат од претставниците на властите
НЕКОИ ВЕЛАТ: „Не е страшно понекогаш да излажеш ако со тоа не наштетуваш на никого“.
-
Што мислиш, дали Јехова ги мрази сите лаги? Зошто мислиш така?
ШТО НАУЧИ:
Јехова сака неговите пријатели секогаш да постапуваат чесно и да ја зборуваат вистината.
Како би одговорил?
-
Како може да покажеме дека сме чесни?
-
Зошто е неразумно да мислиме дека може да ја скриеме вистината?
-
Зошто би сакал секогаш да бидеш чесен?
ИСТРАЖУВАЈ
Како можат родителите да ги поучат своите деца да не лажат?
Какви благослови добиваме кога си стоиме на зборот?
Прочитај дали мора да плаќаме даноци дури и ако тие средства не се користат на исправен начин.
„Мора ли да плаќаш даноци?“ (Стражарска кула од 1 септември 2011)
Што поттикнало еден нечесен човек да си го промени животот и да почне да заработува на чесен начин?
„Дознав дека Јехова е милостив и дека простува“ (Стражарска кула од 1 мај 2015)