Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЛЕКЦИЈА 48

Мудро бирај ги своите пријатели

Мудро бирај ги своите пријатели

Блиските пријатели се тука за нас и во добро и во лошо. Тие се радуваат со нас кога сме среќни и нѐ зајакнуваат кога минуваме низ тежок период. Но, Библијата нѐ предупредува дека не е секој добар пријател. Како можеш да избереш добри пријатели? Размисли за следниве прашања.

1. Како твоите пријатели влијаат врз тебе?

Ние обично стануваме слични на луѓето со кои поминуваме време. Тие може да имаат или позитивно или негативно влијание врз нас — сеедно дали се дружиме со нив лично или преку социјалните мрежи. Во Библијата пишува: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни [оние што не го сакаат Јехова], лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20). Ако имаме пријатели кои го сакаат Јехова и му служат, тие ќе можат да ни помогнат да останеме блиски со него и да носиме добри одлуки. Но, ако сме блиски пријатели со некои што не му служат на Јехова, би можеле да се оддалечиме од него. Затоа Библијата нѐ поттикнува мудро да си ги бираме пријателите. Ако нашите пријатели го сакаат Јехова, ќе имаат позитивно влијание врз нас, а и ние врз нив. Всушност, така ќе можеме меѓусебно да се храбриме и изградуваме (1. Солуњаните 5:11).

2. Како се чувствува Јехова кога гледа кои ни се пријатели?

Јехова внимателно ги избира своите пријатели. Библијата вели дека тој е близок со справедливите (Изреки 3:32) Како би се чувствувал Јехова ако се дружиме со луѓе што не го сакаат? Тој би бил многу разочаран! (Прочитај Јаков 4:4.) Од друга страна, ако го отфрлиме лошото друштво и ако станеме блиски со оние што го сакаат него, тој ќе се радува и ќе нѐ смета за свои пријатели (Псалм 15:1-4).

ДОЗНАЈ ПОВЕЌЕ

Во овој дел ќе дознаеш зошто е многу важно да внимаваме со кого се дружиме и ќе видиш како можеш да најдеш вистински пријатели.

3. Чувај се од лошо друштво

Луѓето што не го сакаат Бог и не живеат според неговите мерила се лошо друштво. Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ, а потоа разговарајте за следново прашање:

  • Како би можеле несвесно да почнеме да се дружиме со луѓе што не се добро друштво за нас?

Прочитај 1. Коринќаните 15:33, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • Што мислиш, какви луѓе би биле лошо друштво за тебе? Зошто мислиш така?

Прочитај Псалм 119:63, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • Што може да ти помогне да процениш дали некој би ти бил добар пријател?

Доволно е едно скапано јаболко за да ги расипе и другите. Како може да влијае врз тебе макар и еден лош пријател?

4. Добри пријатели можат да ни бидат и оние кои во нешто се разликуваат од нас

Во Библијата читаме за Давид и Јонатан, двајца мажи кои живееле во древниот Израел. Меѓу нив имало голема разлика во годините, а пораснале и во различни околности. Сепак, станале многу добри пријатели. Прочитај 1. Самоилова 18:1, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • Зошто нашите пријатели не мора да се на иста возраст како нас или да имаат ист социјален статус?

Прочитај Римјаните 1:11, 12, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • Како можат пријателите кои го сакаат Јехова да се храбрат едни со други?

Во овој видеоклип ќе видиш како еден млад брат си најде пријатели онаму каде што најмалку се надеваше. Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ, а потоа разговарајте за следниве прашања:

  • Зошто родителите на Акил беа загрижени поради неговото друштво на училиште?

  • Зошто на Акил отпрвин му се допаѓаше тоа друштво?

  • Што му помогна повеќе да не се чувствува осамено?

5. Како да стекнеш добри пријателства

Дознај како можеш да најдеш вистински пријатели и како и ти да бидеш таков пријател. Пушти го ВИДЕОКЛИПОТ.

Прочитај Изреки 18:24 и 27:17, а потоа разговарајте за овие прашања:

  • Како вистинските пријатели си помагаат еден на друг?

  • Дали ти имаш такви добри пријатели? Ако немаш, како би можел да стекнеш?

Прочитај Филипјаните 2:4, а потоа разговарајте за ова прашање:

  • За да имаш добри пријатели, треба и самиот да бидеш таков пријател. Како можеш да бидеш добар пријател?

За да имаш добри пријатели, треба и ти да бидеш добар пријател

НЕКОИ ВЕЛАТ: „Не е важно во што веруваат моите пријатели, важно е да бидат добри луѓе“.

  • Што би рекол ти?

ШТО НАУЧИ:

Ако мудро ги бираме пријателите, ќе го радуваме Јехова, а тоа ќе биде и за наше добро.

Како би одговорил?

  • Зошто на Јехова му е важно какви пријатели избираме?

  • Какви пријатели не треба да имаме?

  • Како можеш да изградиш цврсти пријателства со луѓе што го сакаат Јехова?

Цел:

ИСТРАЖУВАЈ

Прочитај како вистинските пријатели можат да ни помогнат во време на неволја.

„Гради цврсти пријателства пред да дојде крајот“ (Стражарска кула од ноември 2019)

Што треба да знаеш за пријателствата на интернет?

Немој да се заплеткаш во социјалните мрежи (4:12)

Во животната приказна со наслов „Копнеев по татко“ прочитај зошто еден човек одлучил да го смени друштвото.

„Библијата менува животи“ (Стражарска кула од 1 април 2012)