ВОДЕЊЕ БИБЛИСКИ КУРСЕВИ
ЛЕКЦИЈА 10
Решеност
Начело: „Бевме спремни да ви ја дадеме не само Божјата добра вест туку и својот живот, бидејќи ве засакавме“ (1. Сол. 2:8)
Што направил Исус?
1. Гледај го ВИДЕОКЛИПОТ или прочитај Јован 3:1, 2. Потоа размисли за следниве прашања:
-
а) Зошто можеби Никодим повеќе сакал да отиде кај Исус ноќе? (Види Јован 12:42, 43.)
-
б) Со тоа што разговарал со Никодим ноќе, како Исус покажал дека е решен да им помага на луѓето да станат негови ученици?
Што учиме од Исус?
2. Покажуваме дека ги сакаме луѓето со тоа што сме решени да им помагаме да станат ученици на Христос.
Следи го примерот на Исус
3. Проучувај со интересентот во време и на место што нему му одговараат. Можеби тој повеќе ќе сака да проучува во одреден ден во седмицата или во одредено време од денот. Дали можеби повеќе би му одговарало да проучува на своето работно место, во својот дом или на некое јавно место? Колку што ти дозволуваат околностите, направи промени во својот распоред за да се приспособиш на неговите потреби.
4. Редовно одржувај го библискиот курс. Ако планираш да бидеш отсутен, не го откажувај библискиот курс. Наместо тоа, размисли за следниве можности:
-
а) Дали би можеле да проучувате некој друг ден во седмицата?
-
б) Дали би можел да го одржиш библискиот курс преку телефон или видеоповик?
-
в) Дали би можел да замолиш некој друг објавител да проучува со твојот интересент?
5. Моли се да имаш исправен став. Моли го Јехова да ти помогне да не се откажуваш од твојот интересент, дури и ако тој не е редовен на библискиот курс или не го применува веднаш она што го учи (Фил. 2:13). Веројатно, твојот интересент има многу убави особини, и затоа моли го Јехова да ти помага да се концентрираш на нив.