Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 41

Деца што го радуваат Бог

Деца што го радуваат Бог

ШТО мислиш, кое дете на земјата најмногу го израдувало Бог?— Тоа бил неговиот Син, Исус. Да позборуваме за тоа што правел Исус за да го израдува својот небесен Татко.

Семејството на Исус живеело на три дена пат од Ерусалим, каде што се наоѓал прекрасниот храм на Јехова. Исус го нарекол храмот „домот на мојот Татко“. Секоја година, тој и неговото семејство оделе таму за да присуствуваат на Пасхата.

Една година, кога Исус имал 12 години, по Пасхата неговото семејство тргнало на пат кон дома. Дури кога застанале да ноќеваат, забележале дека Исус го нема меѓу роднините и пријателите. Затоа Марија и Јосиф веднаш се вратиле во Ерусалим за да го најдат. Што мислиш, каде бил тој?—

Тие го нашле Исус во храмот. Ги слушал учителите, и им поставувал прашања. А кога тие ќе го прашале нешто, тој им одговарал. Биле зачудени од добрите одговори што им ги давал. Гледаш ли зошто Бог се радувал поради својот Син?—

Се разбира, кога конечно го нашле Исус, Марија и Јосиф се чувствувале многу подобро. Но, Исус не бил загрижен. Тој знаел дека е добро да се биде во храмот. Затоа прашал: „Зарем не знаевте дека морам да бидам во домот на мојот Татко?“ Тој знаел дека храмот е Божји дом, и многу сакал да биде таму.

Потоа, Марија и Јосиф го однеле 12-годишниот Исус дома во Назарет. Што мислиш, како постапувал Исус со своите родители?— Па, Библијата вели дека тој ‚им останал подложен‘. Што значи тоа?— Тоа значи дека тој им бил послушен. Да, го правел она што го барале неговите родители, дури и кога требало само да им донесе вода од бунарот (Лука 2:41-52).

Како детето Исус го израдувало Бог?

Па, размисли за ова: Иако бил совршен, Исус им бил послушен на своите несовршени родители. Дали тоа го радувало Бог?— Сигурно дека го радувало, затоа што Божјата реч им вели на децата: „Бидете им послушни на своите родители“ (Ефешаните 6:1). И ти ќе го радуваш Бог ако си им послушен на своите родители, како што бил послушен Исус.

Друг начин на кој можеш да го радуваш Бог е ако им кажуваш на другите за него. Сепак, некои луѓе можеби ќе речат дека младите не би требало да го прават тоа. Но, кога луѓето се обиделе да ги спречат младите момчиња да го прават ова, Исус рекол: ‚Зарем никогаш не сте читале во Писмото: „Од устата на бебињата и доенчињата си прибави фалба“?‘ (Матеј 21:16). Значи, ако сакаме, сите ние можеме да им кажуваме на другите за Јехова и за тоа каков прекрасен Бог е тој. Ако го правиме тоа, ќе го израдуваме Бог.

Каде учиме ние за Бог, за да можеме да им го кажуваме тоа на другите?— Додека ја проучуваме Библијата дома. Но, уште повеќе учиме на местото каде што Божјиот народ се состанува за да проучува. Но, од каде можеме да знаеме кои луѓе му припаѓаат на Божјиот?—

Па, што прават луѓето на нивните состаноци? Дали навистина поучуваат за она што стои во Библијата? Дали ја читаат и дали зборуваат за неа? Тоа е начинот на којшто го слушаме Бог, нели?— И, на еден христијански состанок очекуваме да го чуеме она што го вели Бог, зарем не?— Но, што ако некои луѓе речат дека не мора да живееш како што вели Библијата? Дали би рекол дека тие луѓе му припаѓаат на Божјиот народ?—

Да размислиме и за уште една работа. Библијата вели дека Божјиот народ ќе биде ‚народ за неговото име‘ (Дела 15:14). Бидејќи Божјето име е Јехова, може да ги прашаме луѓето дали Јехова е нивниот Бог. Ако речат „не“, тогаш знаеме дека тие не му припаѓаат на неговиот народ. Божјиот народ исто така ќе зборува со другите за Божјето Царство. И ќе ја покажува својата љубов кон Бог така што ќе ги држи Божјите заповеди (1. Јованово 5:3).

Ако познаваш луѓе што ги прават сите овие работи, тогаш треба да одиш на состаноци со нив за да го обожаваш Бог. Треба внимателно да слушаш на тие состаноци и потоа да даваш одговори кога ќе бидат поставени прашања. Тоа го правел и Исус кога бил во Божјиот дом. Ако ги правиш овие работи, ќе го израдуваш Бог, како што го израдувал и Исус.

Можеш ли да се сетиш на некои други деца спомнати во Библијата што го израдувале Бог?— Тимотеј е еден извонреден пример. Неговиот татко не верувал во Јехова. Но, мајка му Евника верувала, а исто и баба му Лоида. Тимотеј ги слушал нив и научил за Јехова.

Иако татко му не бил верник, што сакал Тимотеј да прави?

Кога Тимотеј пораснал, апостол Павле отишол во градот каде што живеел тој. Забележал колку Тимотеј сакал да му служи на Јехова. Па така, го поканил да дојде со него за да му служи на Бог на еден уште поголем начин. Насекаде каде што патувале, им кажувале на луѓето за Божјето Царство и за Исус (Дела 16:1-5; 2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15).

Но, дали примерите во Библијата се однесуваат само на момчиња што го израдувале Бог?— Секако дека не. Размисли за едно израелско девојче кое го израдувало Бог. Во времето кога живеело тоа девојче, нацијата Сирија и нацијата Израел биле непријатели. Еден ден Сиријците се бореле против Израел и го заробиле тоа девојче. Било пратено во куќата на воениот заповедник, кој се викал Нееман. Таму девојчето станало слугинка на жената на Нееман.

Но, Нееман имал една болест што се вика лепра. Ниеден доктор не можел да му помогне. Но, девојчето од Израел верувало дека еден посебен Божји слуга, еден пророк, можел да му помогне на Нееман. Се разбира, Нееман и неговата жена не го обожавале Јехова. Дали требало девојчето да им го каже тоа што го знаело? Што ќе си направел ти?—

Како ова израелско девојче го израдувало Бог?

Па, девојчето рекло: ‚Кога само би отишол кај Јеховиниот пророк во Израел, Нееман би се излечил од лепрата‘. Нееман го послушал девојчето, и отишол кај Јеховиниот пророк. Кога го направил она што му го рекол пророкот, бил излекуван. Поради ова, Нееман станал обожавател на вистинскиот Бог (2. Царства 5:1-15).

Дали и ти би сакал, како тоа девојче, да му помогнеш на некого да научи за Јехова и за она што Јехова може да го направи?— На кои луѓе би можел да им помогнеш?— Се разбира, во почетокот тие можеби ќе мислат дека не им треба помош. Но, ти би можел да зборуваш со нив за добрите работи што ги прави Јехова. И можеби ќе слушаат. Можеш да бидеш сигурен дека ова ќе го израдува Бог.

Понатамошно охрабрување за тоа како младите можат да имаат задоволство додека му служат на Бог може да се најде во Псалм 122:1; 148:12, 13; Проповедник 12:1; 1. Тимотеј 4:12 и Евреите 10:23-25.