Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 32

Како Исус бил заштитен

Како Исус бил заштитен

ЈЕХОВА понекогаш прави зачудувачки работи за да ги заштити оние што се млади и што не можат да се заштитат сами. Ако отидеш да се прошеташ во природа, можеби ќе видиш еден начин на кој Јехова го прави тоа. Но, можеби во почетокот не сфаќаш што навистина се случува.

Гледаш како близу до тебе на земјата слетува птица. Изгледа како да е повредена. Го влече едното крило, а кога се обидуваш да дојдеш поблиску до неа, бега подалеку. Додека одиш по птицата, таа цело време ти бега. Потоа, одненадеж летнува. Крилото воопшто не ѝ било повредено! Знаеш ли што правела таа птица?—

Па, близу до местото на кое птицата слетала до тебе, во грмушките биле скриени нејзините пиленца. Мајката птица се плашела да ни ги најдеш и да не ги повредиш. Затоа се преправала дека е повредена и те оддалечила од нив. Дали знаеш кој може да нѐ заштити нас како што една мајка птица ги штити своите пиленца?— Во Библијата, Јехова е спореден со една птица што се вика орел, кој им помага на своите малечки (Второзаконие 32:11, 12).

Како оваа мајка птица ги заштитува своите малечки?

Најскапоцено дете на Јехова му е неговиот драг Син, Исус. Кога бил на небото, Исус бил моќна духовна личност како својот Татко. Можел да се грижи за себе. Но, кога се родил како бебе на земјата, Исус бил беспомошен. Му била потребна заштита.

За да го исполни она што било Божја волја за него на земјата, Исус морал да порасне и да стане совршен, возрасен човек. Меѓутоа, Сатана пробал да го убие пред тоа. Многу е интересна приказната за тоа како Сатана се обидел да го убие малиот Исус и како Јехова го заштитил. Би сакал ли да ја слушнеш?—

Кратко време откако се родил Исус, Сатана предизвикал на небото на Исток да засвети нешто што изгледало како ѕвезда. Луѓето наречени астролози, кои ги проучуваат ѕвездите, ја следеле таа ѕвезда стотици километри до Ерусалим. Таму прашале каде треба да се роди оној што ќе биде цар на Евреите. Луѓето кои знаеле што вели Библијата за тоа одговориле: „Во Витлеем“ (Матеј 2:1-6).

Откако астролозите го посетуваат Исус, какво предупредување им дава Бог со кое го спасува Исус?

Откако слушнал за овој нов цар што неодамна се родил во блискиот град Витлеем, Ирод, лошиот цар во Ерусалим, им рекол на астролозите: ‚Барајте и најдете го детето, и потоа вратете се и кажете ми‘. Дали знаеш зошто Ирод сакал да знае каде да го најде Исус?— Затоа што Ирод бил љубоморен и сакал да го убие!

Како Бог го заштитил својот Син?— Па, кога го нашле Исус, астролозите му дале подароци. Подоцна, во еден сон, Бог ги предупредил астролозите да не се враќаат кај Ирод. Така, тие си заминале дома по друг пат без да се вратат во Ерусалим. Кога дознал дека астролозите си заминале, Ирод бил многу лут. Со намера да го убие Исус, Ирод наредил да бидат убиени сите машки деца помали од две години во Витлеем! Но, тогаш Исус веќе не бил таму.

Дали знаеш како побегнал Исус?— Откако астролозите си заминале дома, Јехова му дал предупредување на Јосиф, мажот на Марија, да станат и да бегаат дури во Египет. Таму Исус бил на сигурно од лошиот Ирод. По неколку години, кога Марија и Јосиф се вратиле со Исус од Египет, Бог му дал едно друго предупредување на Јосиф. Му рекол во сон да се пресели во Назарет, каде што Исус ќе биде на сигурно (Матеј 2:7-23).

Како малиот Исус е повторно спасен?

Дали гледаш како Јехова го штител својот Син?— А кој е како пиленцата што ги крие мајката во грмушките или како Исус кога бил мало дете, што мислиш? Зарем не си ти како нив?— Има такви кои сакаат да те повредат и тебе. Знаеш ли кои се тие?—

Библијата вели дека Сатана е како лав што рика и сака да нѐ изеде. И, исто како што лавовите честопати ги одбираат малите животни така Сатана и неговите демони ги одбираат децата (1. Петрово 5:8). Но, Јехова е посилен од Сатана. Јехова може да ги заштити своите деца или да го отстрани сето лошо што Сатана им го прави.

Се сеќаваш ли што читавме во 10. поглавје од оваа книга, што се обидуваат да нѐ наведат да правиме Ѓаволот и неговите демони?— Да, тие се обидуваат да нѐ наведат да имаме такви сексуални односи за кои Бог вели дека се погрешни. Но, само кој треба да има сексуални односи?— Да, двајца возрасни луѓе, маж и жена што се во брак.

Меѓутоа, за жал, некои возрасни луѓе сакаат да имаат сексуални односи со деца. Кога ќе се случи такво нешто, некои момчиња и девојчиња може да почнат да прават лоши работи што ги научиле од овие возрасни. И тие почнуваат да ги користат своите полови органи како што не треба. Вакво нешто се случило многу одамна во градот Содом. Библијата вели дека луѓето таму, „млади и стари“, се обиделе да имаат секс со мажите што дошле да го посетат Лот (Битие 19:4, 5).

Значи, исто како што на Исус му била потребна заштита така и ти треба да бидеш заштитен од некои возрасни луѓе — па дури и од други деца — кои можеби ќе се обидат да имаат секс со тебе. Обично овие луѓе ќе се преправаат дека ти се пријатели. Дури можат и да ти дадат нешто ако им ветиш дека нема да им кажуваш на другите за она што сакаат да го прават со тебе. Но, овие луѓе се себични, исто како Сатана и неговите демони, и тие мислат само на своето лично задоволство. А тоа задоволство сакаат да го добијат така што ќе имаат секс со деца. Ова е многу погрешно!

Дали знаеш што можат да прават за да си го добијат тоа задоволство?— Па, можеби ќе се обидат да си играат со твојот полов орган. Или дури ќе се обидат намерно со својот полов орган да го допираат твојот. Но, ти никогаш не треба да дозволиш некој да си игра со твојот пенис или со твојата вагина. Дури ни брат ти, ни сестра ти, ни мајка ти ни татко ти. Овие делови од твоето тело се нешто само твое.

Што треба да речеш и да направиш ако некој се обиде да те допре како што не треба?

Како можеш да го заштитиш твоето тело од луѓе што прават вакви лоши работи?— Најпрво, не му дозволувај на никого да си игра со твојот полов орган. Ако некој проба да го направи тоа, кажи одлучно со силен глас: „Доста! Ќе те кажам за ова!“ А ако ти рече дека ти си крив за тоа што се случило, не верувај. Тоа не е точно. Само оди и кажи го, па кој и да е тоа! Треба да направиш вака дури и ако ти рече дека тоа што вие го правите е тајна што ја знаете само вие двајца. Дури и ако тоа лице ти ветува убави подароци или те плаши со закани, треба да побегнеш од него и да го кажеш.

Не треба да се плашиш, но треба да бидеш навистина внимателен. Кога родителите те предупредуваат дека некои луѓе или места би можеле да бидат опасни за тебе, треба да ги слушаш. Ако ги слушаш, нема да му дадеш шанса на некој што е лош да те повреди.

Прочитај како да се заштитиш од погрешни сексуални постапки во Битие 39:7-12; Пословици 4:14-16; 14:15, 16; 1. Коринќаните 6:18 и 2. Петрово 2:14.