ХОКАН ДАВИДСОН | ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Помагам во ширењето на библиската вистина
Се родив и пораснав во Шведска. Како тинејџер, бев под влијание на луѓе кои не веруваа дека постои Бог. Затоа, кога татко ми, мајка ми и помладата сестра почнаа да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци, јас не бев заинтересиран.
Но бидејќи татко ми постојано ме канеше, одлучив да присуствувам на библискиот курс. Се воодушевив кога видов колку е точна Библијата кога станува збор за научни теми. Со текот на времето, се уверив дека Библијата е Божја Реч, дека она што Јеховините сведоци го поучуваат во врска со неа е точно и дека тие живеат во склад со нејзините мерила. Се крстив во 1970 год., истиот ден кога се крсти и татко ми. Мајка ми и моите две сестри се крстија неколку години подоцна.
На многумина од моите врсници им беше важно само да се забавуваат. Признавам дека, кога имав 17 години, ме привлекуваше нивниот забавен начин на живот. Но брачниот пар Сведоци кои проучуваа со мене служеа полновремено. Тие толку многу зрачеа од радост поради тоа, што и јас посакав да им се придружам. Токму тоа и го направив кога имав 21 година.
Пионерската служба ми донесе голема радост. Ми беше жал што не започнав порано. Особено уживав да сведочам на пристаништето во Гетебург, каде што им ја пренесував вистината на членовите на екипажот на карго бродовите што доаѓаа од други земји.
Изминативе 50 години имав посебна можност да помогнам добрата вест да им биде достапна на луѓе од различни јазични групи. Да ви објаснам како започна сѐ.
Работа со МЕПС
За да се издржувам себеси во пионерската служба, работев со скратено работно време како типограф. Во тоа време, се менуваше начинот на кој се печатеше. Наместо да се користи линотип машина, текстот и сликите се пренесуваа фотографски. Научив да ја користам најновата компјутерска опрема за сложување на текст за да подготвувам стереотипни плочи за печатарската машина.
Во 1980 год. се оженив со Хелен која беше општ пионер и која, исто како мене, сакаше да запознава луѓе од различни делови на светот и да открива нови култури. Имавме цел да присуствуваме на школата Гилеад и да служиме како мисионери.
Но, бидејќи имав искуство како типограф, јас и Хелен бевме поканети да служиме во Бетелот во Шведска. Организацијата сакаше да користи нова технологија за да може печатењето да се одвива на уште поефикасен начин. Затоа, во 1983 год., бевме испратени во Бетелот во Волкил (Њујорк) за да добиеме обука за новиот Повеќејазичен електронски фотослог систем (МЕПС) a што браќата го развиваа.
Дознавме дека МЕПС е компјутерски систем кој овозможува текстот да се печати на повеќе различни писма или азбуки, го соединува текстот со придружните слики, а потоа го компонира во страници. Наша задача беше со помош на МЕПС да развиеме нови графички букви за да може нашата литература да се печати на повеќе јазици. Сега, неколку децении подоцна, Јеховините сведоци ја објавуваат добрата вест на повеќе од 1.000 јазици!
По некое време, јас и Хелен добивме задача да служиме во Азија за да помогнеме да се додадат повеќе јазици во МЕПС. Сметавме дека е огромна чест тоа што ќе имаме можност да помогнеме добрата вест да биде достапна на повеќе јазици!
Доживуваме културен шок
Во 1986 год., јас и Хелен пристигнавме во Индија. Таму требаше да се навикнеме на сосема поинаква култура од нашата. Кога пристигнавме во Бомбај, денешен Мумбај, бевме под огромен стрес поради непознатата околина што нѐ опкружуваше. Шведската и индиската култура беа како небо и Земја! Во текот на првата седмица сериозно размислувавме да се вратиме дома.
Но, откако помина првата седмица, и двајцата дојдовме до истиот заклучок: „Отсекогаш сме сакале да бидеме мисионери. Затоа, сега, откако конечно добивме задача да служиме во друга земја, не можеме само така да се откажеме. Мора да ги надминеме овие предизвици“.
Затоа, наместо да се откажеме, одлучивме да научиме колку што можеме повеќе за овој сосема поинаков начин на живот. Додека го правевме тоа, јас и Хелен набрзо ја засакавме Индија. Всушност, подоцна научивме два индиски јазици — гуџаратски и пенџапски.
Во Мјанмар
Во 1988 год. бевме испратени во Мјанмар — земја која се наоѓа помеѓу Кина, Индија и Тајланд. Политичката сцена во Мјанмар беше напната, и поголемиот дел од земјата се наоѓаше во вонредна состојба. МЕПС сѐ уште не ги поддржуваше буквите од азбуката на јазикот што се користи таму и ниту еден друг софтвер не можеше да го направи тоа. Затоа, нашата прва задача беше да помогнеме да се дизајнираат буквите за новото писмо, а потоа да ги однесеме фајловите во Волкил за да се додадат во МЕПС.
На аеродромот, Хелен ги носеше цртежите од буквите во нејзината ташна. Бидејќи во тоа време политичката ситуација беше нестабилна, ризикувавме да бидеме уапсени доколку цариниците нѐ фатеа дека носиме литература на мјанмарски јазик. Но, кога ја претресуваа, Хелен едноставно ја држеше ташната во нејзините подигнати раце. Никој не ја забележа ташната!
Освен нови графички букви, преведувачите во Мјанмар добија лаптопи, принтери и обука за МЕПС. Повеќето од преведувачите никогаш порано немаа видено компјутер, но беа спремни да учат нови вештини. Набрзо, тие повеќе не мораа да користат застарени комерцијални печатарски машини за кои беше потребно рачно да се поставуваат метални плочи за да се компонира страницата. Како резултат на тоа, квалитетот на нашите публикации веднаш се подобри.
Одиме во Непал
Во 1991 год., јас и Хелен добивме задача да помагаме во Непал — земја која е сместена на јужните падини на Хималаите. Во тоа време, во земјата постоеше само едно собрание и беа достапни само неколку публикации на непалски јазик.
Кратко потоа, беа преведени и други публикации и беа поделени на подрачјето. Денес, во Непал има околу 3.000 Сведоци во повеќе од 40 собранија, а во 2022 год. повеќе од 7.500 луѓе присуствуваа на Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт!
Брошура на јазикот лаху
Во средината на 1990-тите, мисионерите кои живееја во градот Чијанг Маи (Тајланд), почнаа да им проповедаат на ридските племиња Лаху. Јазикот лаху го зборуваат луѓето кои живеат близу границите со Кина, Лаос, Мјанмар, Тајланд и Виетнам. Но на тој јазик немавме ниту една публикација.
Еден млад човек, кој проучуваше со мисионерите, ја преведе брошурата „Гледај! Сѐ ново создавам“ од тајландски на јазикот лаху. Потоа, тој и други селани, кои го зборуваа јазикот лаху, собраа пари и ги испратија брошурата и парите до подружницата. Во придружното писмо, тие напишаа дека сакаат сите оние кои го зборуваат јазикот лаху да имаат можност да чујат за вистината која тие ја дознале од брошурата.
Неколку години подоцна, јас и Хелен имавме чест да им дадеме обука за МЕПС на оние кои преведуваа на јазикот лаху. Еден од преведувачите беше еден брат кој неодамна беше крстен и служеше во преведувачката канцеларија во Чијанг Маи. Бевме пријатно изненадени кога дознавме дека тој бил младиот човек кој ја превел брошурата „Гледај“ на јазикот лаху!
Во 1995 год., јас и Хелен се вративме во Индија каде што работевме со преведувачите од подружницата. Наша задача беше да им ги обезбедиме МЕПС алатките кои им беа потребни за нивната работа. Денес, во Индија, има доволно литература која е достапна на многу од јазиците кои се зборуваат таму. Таа им помага на луѓето да проучуваат и да напредуваат кон крштавање.
Живот полн со благослови
Од 1999 год., јас и Хелен служиме во подружницата во Британија. Работиме со Одделението за МЕПС програмирање, кое се наоѓа во главното седиште. Ни претставува голема радост што голем дел од нашето време можеме да го користиме за да проповедаме на гуџаратски и пенџапски јазик во Лондон. Секогаш кога нашата интернет-страница jw.org ќе биде достапна на некој нов јазик, бараме прилики да им проповедаме на луѓето кои го зборуваат тој јазик на нашето подрачје.
Среќен сум што уште како млад си поставив духовни цели, наместо да го следам примерот на моите врсници кои сакаа само да се забавуваат. Гледајќи наназад, јас и Хелен воопшто не жалиме за одлуката што ја донесовме да служиме полновремено. Среќни сме што имавме можност да посетиме повеќе од 30 земји и од прва рака да видиме како добрата вест се објавува на секој народ, племе и јазик (Откровение 14:6).
a Сега е наречен Повеќејазичен електронски фотослог систем (МЕПС). МЕПС исто така се користи за издавање на публикации во електронски облик.