Веганство — што вели Библијата?
Сѐ повеќе луѓе во светот се интересираат за веганството.
„Веганството е, всушност, филозофски правец и начин на живот чија цел е — колку што е тоа возможно и практично — да ги елиминира сите видови на суровост и искористување на животните за храна, облека или која било друга цел“ (Веганско друштво).
Освен од грижа за животните, некои луѓе го прифаќаат веганството и од еколошки, здравствени или религиозни причини.
„Веганството не е само начин на исхрана. Тоа, попрво, е филозофски концепт, етички избор и облик на индивидуален активизам со кој некој сака да донесе промени во светот“ (Britannica Academic).
Дали веганството е пат до подобра иднина за нашата планета? Што вели Библијата?
Како Творецот гледа на луѓето и на животните?
Библијата покажува дека нашиот Творец, Јехова Бог, a ги смета луѓето за супериорни во однос на животните и дека ги поставил да владеат над нив (1. Мојсеева 1:27, 28). Со текот на времето, Бог им дозволил на луѓето да ги користат животните за храна (1. Мојсеева 9:3). Меѓутоа, тој не одобрува да се малтретираат животни (Изреки 12:10).
Според Библијата, дали некој ќе јаде месо или не, е работа на личен избор b. Нашиот избор во овој поглед нема да влијае врз тоа како Бог ќе гледа на нас (1. Коринќаните 8:8). Никој нема право да го критикува изборот на другите во поглед на исхраната (Римјаните 14:3).
Патот до подобра иднина
Библијата открива дека со нашиот начин на живот нема да ги поправиме проблемите во светот. Многу од проблемите се предизвикани од политичкиот, социјалниот и економскиот систем на овој свет, кои никој не може да ги поправи. Библијата вели:
„Она што е искривено, не може да се исправи“ (Проповедник 1:15).
Нашиот Творец ќе ги реши проблемите што ги имаме денес. Библијата сликовито опишува што ќе направи тој.
„И видов ново небо и нова земја, зашто поранешното небо и поранешната земја исчезнаа, и морето повеќе го немаше“ (Откровение 21:1).
Бог ќе ги замени човечките влади, или „поранешното небо“, со „ново небо“, односно со неговото небесно Царство. Божјето Царство ќе ја отстрани „поранешната земја“, злобните луѓе, и ќе ја замени со една „нова земја“, односно со луѓе кои доброволно се потчинуваат на неговата власт.
Само под власта на Божјето Царство луѓето ќе научат да живеат во совршена хармонија со животните и природата (Исаија 11:6-9).
a Јехова е името на Бог (Псалм 83:18).
b Во Библијата е дадена заповед да се воздржуваме „од крв“ (Дела 15:28, 29). Тоа значи дека не треба да пиеме крв или да јадеме месо што не било искрвавено, ниту да јадеме каква и да било храна во која има додадено крв.