Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

БИДЕТЕ БУДНИ!

Религијата и војната во Украина — што вели Библијата?

Религијата и војната во Украина — што вели Библијата?

 Размисли за ставот што го имаат некои верски водачи за војната во Украина:

  •   „Поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, не кажа ниту збор против руската инвазија... Неговата црква продолжува да шири лажни информации во врска со Украина, и Путин ја користи таа пропаганда за да ја оправда војната“ (EUobserver, 7 март 2022).

  •   „Патријархот Кирил отворено го оправдал нападот на Русија врз Украина со тоа што кажал дека овој судир е дел од борбата против гревот“ (AP News, 8 март 2022).

  •   „Поглаварот на Украинската православна црква, Киевскиот митрополит Епифаниј, во понеделник ја благослови борбата на неговиот народ против руските освојувачи... Тој кажал и дека не е грев да се убиваат руски војници“ (Jerusalem Post, 16 март 2022).

  •   „Ние ја поддржуваме војската на Украина и сите луѓе кои се борат за да ја бранат нашата земја. Ги благословуваме нивните напори да ја одбранат Украина од непријателот и се молиме за нив“ (Изјава од Украинскиот совет на цркви и религиозни организации a, 24 февруари 2022).

 Што мислиш, дали религиите кои тврдат дека го следат Исус Христос треба да ги поттикнуваат своите верници да одат во војна? Што вели Библијата за тоа?

Вмешаноста на религијата во војните

 Историјата покажува дека религиите честопати ги одобрувале и ги оправдувале војните, па дури и ги поттикнувале луѓето да одат во војна, додека во исто време се преправале дека го поддржуваат мирот. Со децении, Јеховините сведоци го разоткриваат ова лицемерие на религиите. Подолу се наведени некои примери кои се спомнати во нашите публикации.

Дали е исправно христијанските религии да ги поддржуваат војните?

 Што поучувал Исус: „Сакај го својот ближен како себеси“ (Матеј 22:39). „Сакајте ги своите непријатели“ (Матеј 5:44-47).

 Размисли: Дали може една религија да тврди дека ги следи заповедите на Исус во врска со љубовта, а во исто време да ги поттикнува своите верници да ги убиваат другите во војна? За да го дознаеш одговорот, прочитај ги статиите „Добрата религија учи на љубов кон другите“ и „Можно ли е да ги сакаш непријателите?

 Што рекол Исус: „Моето царство не е дел од овој свет. Да беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не... бидам предаден“ (Јован 18:36). „Сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“ (Матеј 26:47-52).

 Размисли: Ако христијаните не смееле да војуваат дури ни за да го заштитат Исус, дали треба да војуваат за која и да било друга причина? Прочитај ја статијата „Дали христијаните треба да војуваат?“ за да видиш како првите христијани верно го следеле примерот на Исус и се држеле за неговите учења.

Што ќе се случи со религиите кои поттикнуваат на војна?

 Од Библијата дознаваме дека Бог ги отфрла религиите кои тврдат дека го следат Исус, но не се држат за неговите учења (Матеј 7:21-23; Тит 1:16).

  •   Библиската книга Откровение покажува дека Бог ги смета таквите религии за одговорни за смртта на сите што биле убиени на земјата (Откровение 18:21, 24). За дознаеш зошто, прочитај ја статијата „Што е Големиот Вавилон?

  •   Исус поучувал дека сите религии кои Бог ги отфрла ќе бидат уништени поради нивните лоши дела, исто како што „секое дрво кое не дава добар плод, се сече и се фрла во оган“ (Матеј 7:15-20). За да дознаеш како ќе се случи тоа, прочитај ја статијата „Крајот на лажната религија е близу!“.

Извор на фотографии, од лево на десно: Photo by Sefa Karacan/Anadolu Agency/Getty Images; Maxym Marusenko/NurPhoto via Getty Images

a Во Украинскиот совет на цркви и религиозни организации се вклучени 15 цркви и верски заедници, меѓу кои Украинската православна црква, Грчкокатоличката црква, Римокатоличката црква, протестантски и евангелистички цркви, како и еврејски и муслимански верски заедници.