СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 20
ПЕСНА 67 Итно е!
Продолжи да проповедаш поттикнат од љубов!
Кај сите народи најпрво мора да се проповеда добрата вест (МАР. 13:10)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме како љубовта нѐ поттикнува да бидеме ревносни и со цела душа да го извршуваме проповедничкото дело.
1. Што дознавме на годишниот состанок за 2023 год.?
НА ГОДИШНИОТ состанок за 2023 год., a добивме значајни појаснувања за некои од нашите верувања и слушнавме некои возбудливи известувања за нашата служба. На пример, дознавме дека некои поединци можеби ќе имаат можност да му се придружат на Јеховиниот народ дури и откако ќе биде уништен Големиот Вавилон. Исто така, дознавме дека од ноември 2023 год. повеќе нема да треба да даваме извештај за сите наши активности во службата на проповедање. Дали ваквите промени покажуваат дека нашето проповедање не е толку важно и итно како порано? Секако дека не!
2. Зошто со секој изминат ден станува сѐ поитно да проповедаме? (Марко 13:10).
2 Со секој изминат ден, станува сѐ поитно да проповедаме. Зошто? Бидејќи не останува уште многу време до крајот. Размисли што прорекол Исус во врска со проповедничкото дело во последните денови. (Прочитај Марко 13:10.) Според паралелниот извештај од евангелието според Матеј, Исус рекол дека добрата вест ќе се проповеда по целата населена Земја пред да дојде „крајот“ (Мат. 24:14). Овој израз означува целосен крај на злобниот свет на Сатана. Јехова одредил ден и час за настаните што наскоро ќе се случат (Мат. 24:36; 25:13; Дела 1:7). Секој ден, ние сме сѐ поблизу до тоа време (Рим. 13:11). Дотогаш, мора да продолжиме да проповедаме додека не дојде крајот.
3. Што нѐ поттикнува да проповедаме?
3 Кога станува збор за нашата служба на проповедање, убаво е да размислиме за следново важно прашање: Зошто ја проповедаме добрата вест? Едноставно кажано, она што нѐ поттикнува да проповедаме е љубовта. Кога проповедаме, ние ја покажуваме нашата љубов — љубовта кон добрата вест, љубовта кон луѓето и, пред сѐ, љубовта кон Јехова и кон неговото име. Да ги разгледаме овие работи една по една.
ПРОПОВЕДАМЕ ОД ЉУБОВ КОН ДОБРАТА ВЕСТ
4. Како реагираме кога ќе слушнеме добра вест?
4 Можеш ли да се сетиш како си се чувствувал кога си слушнал некоја добра вест? Можеби некој од твоето семејство добил бебе. Или можеби си бил примен на работа тогаш кога тоа ти било многу потребно. Без сомнение, едвај си чекал да ја споделиш таа добра вест со твоето семејство и со пријателите. Дали нешто слично се случило кога си ја слушнал најдобрата вест што постои — добрата вест за Божјето Царство?
5. Како се чувствуваше кога за првпат ја дозна вистината од Божјата Реч? (Види ги и сликите.)
5 Сети се како се чувствуваше кога за првпат ја дозна вистината од Божјата Реч. Откри дека твојот небесен Татко те сака, дека тој има желба да бидеш дел од неговото семејство, дека ти ветува живот без болка и страдање, дека ќе можеш да ги видиш твоите сакани кои починале кога ќе воскреснат во новиот свет и уште многу други работи (Мар. 10:29, 30; Јован 5:28, 29; Рим. 8:38, 39; Отк. 21:3, 4). Овие вистини ти донеле голема радост (Лука 24:32). Толку многу си ги засакал што не си можел да ги чуваш тие скапоцени вистини само за себе! (Спореди со Еремија 20:9.)
6. Што учиш од искуството на Ернест и Роза?
6 Размисли за следново искуство. Еден брат по име Ернест b имал околу десет години кога татко му починал. Ернест вели: „Се прашував: ’Дали е на небото? Дали повеќе не постои?‘ Им завидував на децата што имаа татко“. Ернест со години одел на гробот од татко му, клекнувал на колена и се молел: „Боже, те молам, кажи ми каде е татко ми“. Околу 17 години по смртта на татко му, на Ернест му бил понуден библиски курс, кој тој спремно го прифатил. Тој се воодушевил кога дознал дека мртвите не се свесни за ништо исто како да се во длабок сон, и дека Библијата ветува дека во иднина ќе има воскресение (Проп. 9:5, 10; Дела 24:15). Конечно, тој нашол одговор на прашањата кои го измачувале толку долго време. Ернест бил пресреќен поради вистините што ги дознавал од Библијата. Неговата сопруга Роза му се придружила во библискиот курс и исто така го засакала она што го учела. Тие се крстиле во 1978 год. Ернест и Роза ревносно ги споделувале скапоцените вистини што ги дознале од Библијата со роднините, со пријателите и со секој друг што сакал да слуша. Како резултат на тоа, тие им помогнале на повеќе од 70 лица да го запознаат Јехова и да се крстат.
7. Што се случува кога во нашето срце ќе се развие љубов кон библиската вистина? (Лука 6:45).
7 Јасно е дека, кога во нашето срце ќе се развие љубов кон библиската вистина, ние не можеме да молчиме. (Прочитај Лука 6:45.) Се чувствуваме исто како учениците на Исус од првиот век, кои рекле: „Не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле“ (Дела 4:20). Ние толку многу ја сакаме вистината што имаме желба да им ја кажеме на што е можно повеќе луѓе.
ПРОПОВЕДАМЕ ОД ЉУБОВ КОН ЛУЃЕТО
8. Што нѐ поттикнува да им ја кажуваме добрата вест на другите? (Види ја рамката „ Сакај ги луѓето — поучувај ги за Бог“; види ја и сликата.)
8 Исто како Јехова и неговиот Син, ние ги сакаме луѓето (Изр. 8:31; Јован 3:16). Ние имаме длабоко сочувство кон оние што се „без надеж и без Бог“ (Еф. 2:12). Тие се дават во животните проблеми, а ние го имаме појасот за спасување што им е потребен — добрата вест за Божјето Царство. Бидејќи ги сакаме и имаме сочувство кон тие луѓе, поттикнати сме да дадеме сѐ од себе за да им ја пренесеме добрата вест. Таа скапоцена порака може да ги исполни нивните срца со надеж, да им помогне уште денес да живеат на најдобар можен начин и да им даде можност да го добијат „вистинскиот живот“ — вечен живот во Божјиот нов свет (1. Тим. 6:19).
9. Какво предупредување им даваме на луѓето за иднината, и зошто? (Езекиел 33:7, 8).
9 Нашата љубов кон луѓето исто така нѐ поттикнува да ги предупредиме дека се приближува крајот на овој злобен свет. (Прочитај Езекиел 33:7, 8.) Нам ни е жал за сите луѓе, вклучувајќи ги и оние членови од нашето семејство кои не му служат на Јехова. Многумина си го живеат животот без да бидат свесни за она што нѐ очекува — „голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“ (Мат. 24:21). Ние сакаме тие да знаат што ќе се случи во времето кога Јехова ќе суди — прво ќе биде уништена лажната религија, а потоа, во Армагедон, ќе биде уништен целиот злобен свет (Отк. 16:14, 16; 17:16, 17; 19:11, 19, 20). Ние се молиме што е можно повеќе луѓе да обрнат внимание на предупредувањето што им го кажуваме и уште сега да одлучат да му служат на Јехова заедно со нас. Но, што е со оние кои во моментов не обрнуваат внимание на предупредувањето, вклучувајќи ги и членовите на нашето семејство кои многу ги сакаме?
10. Зошто е важно да продолжиме да ги предупредуваме луѓето?
10 Како што беше објаснето во претходната статија, можеби Јехова ќе сака да спаси некои луѓе кои ќе почнат да веруваат во него кога ќе го видат уништувањето на Големиот Вавилон. Ако е така, тогаш е уште поважно да продолжиме да ги предупредуваме луѓето. Размисли за следново: Она што им го кажуваме сега може да им даде нешто на што ќе можат да се сетат тогаш. (Спореди со Езекиел 33:33.) Тие можеби ќе се сетат на предупредувањето што го чуле од нас и можеби ќе бидат поттикнати да почнат да му служат на Јехова заедно со нас пред да биде предоцна. Во првиот век, затворскиот чувар во Филипи поверувал во Јехова дури откако се случил силен земјотрес. Слично на тоа, некои кои сега не обрнуваат внимание на предупредувањето можеби ќе покажат вера во Јехова откако светот ненадејно ќе го потресе уништувањето на Големиот Вавилон (Дела 16:25-34).
ПРОПОВЕДАМЕ ОД ЉУБОВ КОН ЈЕХОВА И КОН НЕГОВОТО ИМЕ
11. Како му даваме слава, чест и моќ на Јехова? (Откровение 4:11; види ги и сликите).
11 Најважната причина зошто ја проповедаме добрата вест е затоа што ги сакаме Јехова Бог и неговото свето име. На нашата служба гледаме како на начин на кој можеме да го славиме Богот што го сакаме. (Прочитај Откровение 4:11.) Со цело срце се согласуваме дека Јехова Бог е достоен да прими слава, чест и моќ од своите верни слуги. Ние го славиме и му оддаваме чест кога споделуваме со другите уверливи докази дека тој создал сѐ и дека ние постоиме бидејќи тој ни дал живот. Ние му даваме моќ, односно му ја даваме нашата моќ, кога ги користиме времето, силата и средствата за да проповедаме колку што е можно повеќе во склад со нашите околности (Мат. 6:33; Лука 13:24; Кол. 3:23). Едноставно кажано, ние со задоволство зборуваме за Богот што го сакаме. Исто така, поттикнати сме да им кажуваме на другите за неговото име и за тоа каков Бог е тој. Зошто?
12. Како го светиме Јеховиното име во службата на проповедање?
12 Љубовта кон Јехова нѐ поттикнува да го светиме неговото име (Мат. 6:9). Ние сакаме да им кажуваме на другите дека ужасните работи што Сатана ги кажал за Јехова се злобни лаги (1. Мој. 3:1-5; Јов 2:4; Јован 8:44). Додека проповедаме, имаме силна желба да им кажеме на сите кои нѐ слушаат кој е Јехова и каков е тој навистина. Сакаме сите да знаат дека неговата најистакната особина е љубовта, дека неговиот начин на владеење е праведен и исправен, и дека неговото Царство наскоро ќе му стави крај на сето страдање и ќе донесе мир и среќа за човештвото (Пс. 37:10, 11, 29; 1. Јов. 4:8). Кога им ги кажуваме на луѓето овие работи за Јехова, ние го светиме неговото име. Исто така, радосни сме бидејќи знаеме дека го правиме она што треба да го правиме како Јеховини сведоци. Зошто го велиме тоа?
13. Зошто за нас е голема чест тоа што сме наречени Јеховини сведоци? (Исаија 43:10-12).
13 Јехова нѐ избрал да бидеме негови „сведоци“. (Прочитај Исаија 43:10-12.) Пред неколку години, во едно писмо од Водечкото тело пишуваше: „Најголемата чест што сите ние можеме да ја имаме е да бидеме наречени Јеховини сведоци“. c Зошто го велиме ова? Размисли за следнава споредба. Замисли дека си обвинет дека си направил нешто погрешно. Затоа ти е потребен некој кој ќе им каже на другите дека тоа обвинение е лага и дека ти си добар човек кој никогаш не би направил такво нешто. Кого би го одбрал за сведок? Сигурно некој што го познаваш и во кого имаш доверба, и кој е на добар глас за да можат другите да му веруваат. Со тоа што нѐ избрал да бидеме негови Сведоци, Јехова покажува дека добро нѐ познава и дека има доверба во нас дека ќе сведочиме дека тој е единствениот вистински Бог. За нас е толку голема чест да бидеме негови Сведоци што ја користиме секоја прилика да го објавуваме неговото име и да ги побиеме многуте лаги кои биле кажани за него. На тој начин, ние живееме во склад со името кое гордо го носиме — Јеховини сведоци (Пс. 83:18; Рим. 10:13-15).
ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ ДА ПРОПОВЕДАМЕ СЀ ДО КРАЈОТ
14. Какви возбудливи настани ни претстојат?
14 Пред нас стојат навистина возбудливи настани! Со благослов од Јехова, се надеваме дека уште многу други луѓе ќе ја прифатат вистината пред да започне големата неволја. Исто така, нѐ воодушевува тоа што знаеме дека дури и за време на најмрачниот период од човечката историја — за време на големата неволја — можеби ќе видиме како и други луѓе излегуваат од светот на Сатана и почнуваат заедно со нас да го слават Јехова! (Дела 13:48).
15-16. Што ќе продолжиме да правиме, и до кога?
15 Во меѓувреме треба да извршиме една важна задача — задача која никогаш повторно нема да ја имаме. Ние имаме чест да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство по целата Земја. Во исто време, мора да продолжиме да ги предупредуваме луѓето за она што наскоро ќе се случи. Луѓето мора да знаат дека крајот на овој свет брзо се приближува. Потоа, кога ќе дојде времето на суд, тие ќе знаат дека пораката што сме ја проповедале била од Јехова Бог (Езек. 38:23).
16 Според тоа, што сме решени да правиме? Поттикнати од љубов — љубов кон добрата вест, љубов кон луѓето и, пред сѐ, љубов кон Јехова Бог и кон неговото име — ние ќе продолжиме да проповедаме ревносно и со чувство на итност сѐ додека Јехова не каже: „Доволно е!“
ПЕСНА 54 Тој е патот!
a Годишниот состанок се одржа на 7 октомври 2023 во конгресната сала на Јеховините сведоци во Њубург, во Њујорк (САД). Целосната програма подоцна беше прикажана на JW Broadcasting®. Првиот дел излезе во ноември 2023, а вториот дел во јануари 2024.
b Види ја статијата „Библијата менува животи — бев одушевен од одговорите во Библијата“, која излезе во Стражарска кула од 1 февруари 2015.
c Види во Нашата служба за Царството од март 2007, стр. 3.