СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 42
ПЕСНА 103 Пастирите — дар од Бог
„Луѓе како дарови“ — покажи дека си благодарен за нив
Кога се вознесе во висините, даде луѓе како дарови (ЕФ. 4:8)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Ќе разгледаме како ни помагаат слуга-помошниците, старешините и покраинските надгледници, и како може да покажеме благодарност за она што го прават овие верни мажи.
1. Кои се некои дарови што сме ги добиле од Исус?
НЕМА човек кој бил толку великодушен како Исус. Додека бил на Земјата, Исус честопати им помагал на луѓето така што правел чуда (Лука 9:12-17). А најголемиот дар од него е тоа што го дал својот живот за нас (Јован 15:13). Исус продолжил да биде дарежлив и откако воскреснал. Како што ветил, тој го замолил Јехова да го излее светиот дух за да нѐ поучува и теши (Јован 14:16, 17, фус.; 16:13). А преку собраниските состаноци, Исус и понатаму нѐ обучува да правиме ученици по целиот свет (Мат. 28:18-20).
2. На кого се однесува изразот „луѓе како дарови“ спомнат во Ефешаните 4:7, 8?
2 Да разгледаме уште еден дар од Исус. Апостол Павле напишал дека откако Исус се вознел на небото, дал „луѓе како дарови“. (Прочитај Ефешаните 4:7, 8.) Павле објаснил дека Исус ги дал овие дарови за да го поддржуваат собранието на разни начини (Еф. 1:22, 23; 4:11-13). Денес, во овие „луѓе како дарови“ спаѓаат слуга-помошниците, собраниските старешини и покраинските надгледници. a Се разбира, овие мажи се несовршени и прават грешки (Јак. 3:2). Но нашиот Господар Исус Христос ги користи за да ни помагаат; тие се дар од него за нас.
3. Објасни како сите ние може да ги поддржуваме „луѓето како дарови“ во нивните задачи.
3 Исус ги поставил овие „луѓе како дарови“ за да го изградуваат собранието (Еф. 4:12). Сите ние можеме да им помагаме да ја исполнат оваа важна одговорност. Размисли за следново: Некои од нас се директно вклучени во изградбата на една сала за состаноци. Други ја поддржуваат работата така што обезбедуваат оброци, транспорт и други работи. Слично на тоа, сите ние можеме да ги поддржуваме слуга-помошниците, собраниските старешини и покраинските надгледници со она што го кажуваме и правиме. Да разгледаме како ни користи нивната вредна служба и како може да им покажеме и ним и на Исус, кој ни ги дал овие „луѓе како дарови“, дека ги цениме.
СЛУГА-ПОМОШНИЦИТЕ ИМ ПОМАГААТ НА ДРУГИТЕ
4. На кои начини помагале слуга-помошниците во првиот век?
4 Во првиот век, некои браќа биле именувани за слуга-помошници (1. Тим. 3:8). Се чини дека тие се „оние што помагаат“, кои Павле ги спомнал во 1. Коринќаните 12:28. Очигледно, слуга-помошниците се грижеле за голем број важни и практични работи за да можат старешините да се концентрираат на поучувањето и на пастирската грижа. На пример, можеби слуга-помошниците помагале да се прават преписи од светите списи или можеби ги набавувале материјалите потребни за таа цел.
5. На кои начини помагаат слуга-помошниците денес?
5 Размисли како помагаат слуга-помошниците во твоето собрание (1. Пет. 4:10). Тие можеби имаат задача да се грижат за собраниското сметководство, за подрачјата, за литературата, да управуваат со аудио и видео опремата, да служат како редари или да помагаат во одржувањето на салата. Сето ова е неопходно за да може собранието исправно да функционира (1. Кор. 14:40). Освен тоа, некои слуга-помошници имаат точки на состанокот Нашиот живот и служба и држат јавни предавања. Еден слуга-помошник може да биде назначен и за помошник на надгледникот на некоја група. А понекогаш, некои слуга-помошници одат со старешините на пастирски посети.
6. Кои се некои причини зошто ги цениме нашите трудољубиви слуга-помошници?
6 Како им користи на другите во собранието она што го прават слуга-помошниците? „Благодарение на нашите слуга-помошници, потполно уживам во состаноците“, вели една сестра од Боливија по име Беберли. b „Поради нивната работа, можам да пеам, да коментирам, да ги слушам говорите и да учам од видеоклиповите и сликите. Тие се грижат за безбедноста и за оние што се поврзани преку видеоконференција. По состанокот, тие помагаат со чистењето и се грижат за прилозите и за литературата. Благодарна сум што ги имаме!“ Лесли, која живее во Колумбија и чиј сопруг служи како старешина, вели: „На мојот сопруг му е потребна помошта од слуга-помошниците. Без нив, тој би бил уште позафатен, и затоа сум благодарна за нивниот ентузијазам и нивната спремност“. Без сомнение и ти се чувствуваш така (1. Тим. 3:13).
7. Како може да покажеме благодарност за слуга-помошниците? (Види ја и сликата.)
7 Библијата нѐ поттикнува: „Бидете благодарни!“ (Кол. 3:15). Освен што чувствуваме благодарност за трудот на слуга-помошниците, многу е важно и да го покажеме тоа. Кристофер, еден старешина од Финска, им ја покажува својата благодарност на слуга-помошниците на следниов начин: „На братот му испраќам картичка или порака во која цитирам стих и спомнувам на кој конкретен начин ме охрабрил или зошто ја ценам неговата служба“. Паскал и Јаила, кои живеат во Нова Каледонија, конкретно се молат за слуга-помошниците. Паскал вели: „Во последно време, многу се молиме за нашите слуга-помошници, му благодариме на Јехова за нив и го молиме да биде со нив и да им помага“. Јехова ги слуша таквите молитви, и тоа му користи на целото собрание (2. Кор. 1:11).
СОБРАНИСКИТЕ СТАРЕШИНИ ВЛОЖУВААТ ГОЛЕМ ТРУД
8. Зошто Павле можел да каже дека старешините од првиот век вложувале голем труд? (1. Солуњаните 5:12, 13).
8 Старешините во првиот век вложувале голем труд за собранието. (Прочитај 1. Солуњаните 5:12, 13; 1. Тим. 5:17.) Тие предводеле во собранието — ги воделе состаноците и носеле одлуки како старешинство. Тие ги опоменувале своите браќа и сестри — со љубов им давале конкретни совети за да го заштитат собранието (1. Сол. 2:11, 12; 2. Тим. 4:2). Се разбира, овие мажи напорно работеле и за да се грижат за своите семејства и за да останат духовно цврсти (1. Тим. 3:2, 4; Тит 1:6-9).
9. Кои се некои одговорности што ги имаат старешините денес?
9 Старешините денес се многу зафатени. Тие се проповедници (2. Тим. 4:5). Ревносно предводат во службата, го организираат проповедањето на локално ниво и нѐ обучуваат делотворно да проповедаме и поучуваме. Тие служат и како милостиви, непристрасни судии. Кога некој од собранието ќе направи сериозен грев, старешините се трудат да му помогнат да си го обнови пријателството со Јехова. Во исто време, тие внимаваат собранието да остане чисто (1. Кор. 5:12, 13; Гал. 6:1). Пред сѐ, старешините се пастири (1. Пет. 5:1-3). Тие изнесуваат добро подготвени библиски говори, се трудат да го запознаат секој поединец во собранието и прават пастирски посети. Покрај многуте задачи, некои од старешините помагаат и со изградба и одржување на сали за состаноци, учествуваат во организирање на конгреси и служат во Одбори за посредување меѓу лекари и пациенти Јеховини сведоци и во Групи за посета на пациенти. Старешините вложуваат голем труд за нас!
10. Кои се некои причини зошто ги цениме нашите трудољубиви старешини?
10 Јехова прорекол дека ќе има пастири кои добро ќе се грижат за нас и дека од ништо повеќе нема да се плашиме (Ерем. 23:4). Јохана, една сестра од Финска, почувствувала колку се вистинити тие зборови кога мајка ѝ тешко се разболела. Таа рекла: „Иако не ми е лесно да зборувам за моите чувства со други, еден старешина кого не го познавав многу добро беше стрплив со мене, се молеше со мене и ме увери дека Јехова ме сака. Не памтам што точно кажа, но се сеќавам дека се почувствував сигурно. Уверена сум дека Јехова го поттикна да ми помогне токму во исправниот момент“. Како тебе ти помогнале старешините од твоето собрание?
11. Како може да покажеме благодарност за старешините? (Види ја и сликата.)
11 Јехова сака на срдечен начин да им ја изразиме нашата благодарност на старешините „поради нивната работа“ (1. Сол. 5:12, 13). Хенриета, која исто така живее во Финска, вели: „Старешините се спремни да помогнат, но тоа не значи дека имаат екстра време и енергија или дека си немаат свои проблеми. Понекогаш само им велам: ’Знаеш што? Ти си навистина добар старешина. Се надевам дека си свесен за тоа‘“. Една сестра од Турција по име Сара вели: „На старешините им треба ’гориво‘ за да продолжат понатаму. Затоа би можеле да им напишеме картичка, да ги поканиме на ручек или да одиме со нив во служба“. Размисли за некој старешина чиј труд особено го цениш. Барај начини да го покажеш тоа ценење (1. Кор. 16:18).
ПОКРАИНСКИТЕ НАДГЛЕДНИЦИ ГИ ЗАЈАКНУВААТ СОБРАНИЈАТА
12. Преку кого биле зајакнувани собранијата во првиот век? (1. Солуњаните 2:7, 8).
12 Христос Исус дал „луѓе како дарови“ кои им служат на собранијата на друг начин. Под негово водство, старешините во Ерусалим ги испратиле како патувачки надгледници Павле, Варнава и други (Дела 11:22). Зошто? Од истата причина поради која биле именувани слуга-помошници и старешини: да ги зајакнуваат собранијата (Дела 15:40, 41). Овие мажи правеле многу жртви, па дури и си го ризикувале животот за да ги поучуваат и храбрат другите. (Прочитај 1. Солуњаните 2:7, 8.)
13. Кои се некои одговорности на покраинските надгледници?
13 Покраинските надгледници се постојано во движење. Некои патуваат стотици километри од едно до друго собрание. Секоја седмица, покраинскиот надгледник изнесува неколку говори, оди на пастирски посети и води состанок со пионерите, состанок со старешините и состаноци за проповедање. Тој подготвува говори и учествува во организирањето на покраински собири и конгреси. Служи како инструктор на Школата за пионери, подготвува посебен состанок со пионерите во покраината и извршува други — понекогаш итни — задачи кои му ги доделува подружницата.
14. Кои се некои причини зошто ги цениме нашите трудољубиви покраински надгледници?
14 Како им користи на собранијата скапоцената служба на покраинските надгледници? Зборувајќи за посетите на патувачките надгледници, еден брат од Турција рекол: „Со секоја нивна посета сум помотивиран да посветувам повеќе време за да им помагам на моите браќа и сестри. Сум запознал многу покраински надгледници, а ниту еден од нив никогаш не изгледал непристаплив ниту ми оставил впечаток дека е премногу зафатен“. Јохана, која ја спомнавме претходно, била во служба со еден покраински надгледник, но не нашле никого дома. Таа вели: „Сепак, никогаш нема да го заборавам тој ден. И двете мои сестри само што се беа отселиле и многу ми фалеа. Покраинскиот надгледник многу ме охрабри и ми помогна да сфатам дека денес далечината е само привремена, но во новиот свет ќе имаме безброј прилики да поминуваме време заедно“. На сличен начин, многу покраински надгледници им станале многу мили на оние на кои им служеле (Дела 20:37 — 21:1).
15. а) Во склад со 3. Јованово 5-8, како може да покажеме благодарност за покраинските надгледници? (Види ја и сликата.) б) Зошто треба да покажеме ценење за сопругите на именуваните браќа, и како може да го правиме тоа? (Види ја рамката „ Цени ги нивните сопруги“.)
15 Апостол Јован го поттикнал Гај да им покаже гостољубивост на браќата што патувале и да ги испрати на пат „онака како што им прилега на Божји слуги“. (Прочитај 3. Јованово 5-8.) Еден начин како ние можеме да го правиме тоа е да го поканиме покраинскиот надгледник на ручек. Друг начин е да присуствуваме на состаноците за проповедање за време на посетата. Лесли, која ја спомнавме претходно, ја покажува својата благодарност и на други начини. „Го молам Јехова да се грижи за нивните потреби“, вели таа. „Јас и маж ми им пишуваме и писма во кои им кажуваме колку многу ни користат нивните посети.“ Не заборавај, и покраинските надгледници се луѓе од крв и месо. Понекогаш се мачат со болест, загриженост, па дури и обесхрабрување. Можеби твоите љубезни зборови или еден скромен подарок ќе бидат одговор на молитвата на твојот покраински надгледник (Изр. 12:25).
НИ ТРЕБААТ „ЛУЃЕ КАКО ДАРОВИ“
16. Во склад со Изреки 3:27, за кои прашања можат да размислат браќата?
16 Насекаде низ светот, потребни се повеќе браќа кои ќе бидат „луѓе како дарови“. Ако си крстен брат, дали си во можност да служиш на таков начин? (Прочитај Изреки 3:27.) Дали имаш желба да ги исполниш условите за слуга-помошник? Дали си спремен да вложиш труд за да се грижиш за потребите на другите како старешина? c Дали си во можност да направиш промени во животот за да поднесеш молба за Школата за полновремени објавители? Обуката на таа школа ќе те подготви за Исус да може да те користи во уште поголема мера. Ако мислиш дека ти не си способен за овие работи, моли му се на Јехова. Барај свет дух од него за да ти помогне успешно да ја извршиш секоја задача што ти е дадена (Лука 11:13; Дела 20:28).
17. За што се доказ „луѓето како дарови“ во врска со нашиот Цар, Христос Исус?
17 Браќата кои Исус ги поставил за да бидат „луѓе како дарови“ се доказ дека тој нѐ води во овие последни денови (Мат. 28:20). Зарем не си благодарен што имаме Цар кој е полн со љубов, дарежлив и свесен за нашите потреби, и кој ни дава браќа што ни помагаат? Затоа, барај прилики да ја покажеш својата благодарност за овие трудољубиви браќа. И никогаш не заборавај да му благодариш на Јехова, кој е изворот на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јак. 1:17).
ПЕСНА 99 Стотици илјади браќа
a Старешините кои служат како членови на Водечкото тело, помошници на Водечкото тело и членови на Одбор на подружница, како и старешините кои имаат други теократски задачи, исто така се „луѓе како дарови“.
b Некои имиња се сменети.
c За повеќе информации за тоа како да ги исполниш условите да служиш како слуга-помошник или старешина, види ги статиите „Браќа — дали имате цел да станете слуга-помошници?“ и „Браќа — дали имате цел да служите како старешини?“ во Стражарска кула од ноември 2024.