Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да бидеш вистински пријател

Како да бидеш вистински пријател

ДАЛИ понекогаш имаш чувство дека треба сам да се бориш со проблемите? Ние живееме во „особено тешки времиња“ и тоа може да предизвика да се чувствуваме осамено и обесхрабрено (2. Тим. 3:1). Сепак, не мора сами да се справуваме со проблемите во животот. Библијата вели дека е важно да имаме вистински пријатели во време на неволја (Изр. 17:17).

КАКО МОЖАТ ДА ПОМОГНАТ ВИСТИНСКИТЕ ПРИЈАТЕЛИ

Благодарение на помошта од неговите верни пријатели, апостол Павле ги охрабрувал собранијата дури и кога бил во куќен притвор

На апостол Павле многу му користело тоа што некои негови пријатели го придружувале на неговите мисионерски патувања (Кол. 4:7-11). Додека бил во затвор во Рим, пријателите на Павле извршувале задачи кои тој лично не можел да ги направи. На пример, Епафродит му донел на Павле некои работи кои му ги испратиле браќата од Филипи (Фил. 4:18). Тихик ги испраќал писмата на Павле до различни собранија. Бидејќи неговите пријатели му помагале, Павле можел да ги храбри собранијата дури и кога бил во куќен притвор, а и подоцна кога бил во затвор. Како можеш ти денес да бидеш вистински пријател?

И денес има браќа и сестри кои покажуваат што значи да се биде вистински пријател. Размисли како една сестра покажала дека ѝ е вистинска пријателка на Елизабет, која служи како општ пионер во Шпанија. Кога на нејзината мајка ѝ бил дијагностициран рак во последен стадиум, сестрата ѝ испраќала на Елизабет многу охрабрувачки пораки кои се темелеле на библиски стихови. Елизабет вели: „Овие пораки секој ден ми даваа сила и ми помагаа да не се чувствувам осамено“ (Изр. 18:24).

Можеме да ги зајакнеме пријателствата со нашите соверници со тоа што ќе им помагаме да одат во служба и на состаноците. На пример, би можел да му понудиш превоз за состанок или за служба на некој постар соверник. Ако го направиш тоа, ти ќе ги охрабриш нив, а и тие ќе те охрабрат тебе (Рим. 1:12). Но, некои браќа и сестри не можат да излегуваат од дома. Како можеш да им помогнеш ним?

БИДИ ИМ ВИСТИНСКИ ПРИЈАТЕЛ НА ОНИЕ КОИ НЕ МОЖАТ ДА ИЗЛЕГУВААТ ОД ДОМА

Некои наши соверници, поради здравствени проблеми или други околности, не можат да дојдат на состаноците во салата. Да го разгледаме примерот на Давид на кој му бил дијагностициран лимфом. Повеќе од шест месеци, тој примал хемотерапија. Во тој период, Давид и неговата жена Лидија ги следеле состаноците од дома.

Каква поддршка добиле тие од нивните пријатели во собранието? После секој состанок, некои браќа и сестри кои биле во салата се труделе да зборуваат со Давид и Лидија преку видеоконференција. Освен тоа, кога Давид и Лидија ќе коментирале, подоцна добивале охрабрувачки пораки од соверниците. Кој бил резултатот? Давид и Лидија не се чувствувале толку осамено.

Одвој време да им помогнеш на оние што не можат да излегуваат од дома да учествуваат во службата на проповедање

Би можеле да направиме план да проповедаме со некои соверници кои не можат да излегуваат од дома. Со мали промени, ќе можеме да соработуваме со нив. На тој начин, ќе им покажеме дека не сме ги заборавиле (Изр. 3:27). Би можел да одвоиш време за заедно да пишувате писма или да сведочите преку телефон. Оние кои не можат да излегуваат од дома, можат да се поврзат на состаноците за проповедање преку видеоконференција. Давид и Лидија многу се благодарни што нивното собрание им го овозможува тоа. Давид вели: „Самото тоа што бевме со браќата и сестрите и ги слушавме кратката дискусија и молитвата, многу нѐ храбреше“. Понекогаш, би можел да ги прашаш соверниците кои не можат да излегуваат од дома дали би сакале во нивниот дом да донесеш некој интересент за да проучувате.

Кога соработуваме со нашите браќа и сестри кои не можат да излегуваат од дома, подобро ги запознаваме нив и нивните убави особини, и така стануваме поблиски со нив. На пример, кога си во служба со таквите објавители и кога гледаш колку вешто ја користат Божјата Реч за да допрат до нечие срце, твоето ценење за нив веројатно уште повеќе се зголемува. Со тоа што ќе им помагаш на твоите браќа и сестри да учествуваат во службата на проповедање и да бидат присутни на состаноците, ќе си го зголемиш твојот круг на пријатели (2. Кор. 6:13).

На Павле му влевало утеха тоа што неговиот пријател Тит бил со него (2. Кор. 7:5-7). Овој пример нѐ потсетува дека можеме да им пружиме утеха на нашите браќа и сестри не само со нашите охрабрувачки зборови туку и со тоа што ќе бидеме со нив и ќе правиме сѐ што можеме за да им помогнеме (1. Јов. 3:18).

БИДИ ВИСТИНСКИ ПРИЈАТЕЛ ЗА ВРЕМЕ НА ПРОГОНСТВО

Нашите браќа и сестри во Русија се прекрасен пример за тоа што значи да си помагаме еден на друг. Размисли за примерот на Сергеј и на неговата жена Татјана. Откако полицијата го претресла нивниот дом, биле однесени во полициска станица на сослушување. Татјана била прва пуштена на слобода и се вратила дома. Сергеј раскажува: „Само што [Татјана] пристигнала дома, една храбра сестра веднаш ја посетила. Потоа, дојдоа и други наши браќа и сестри и ни помогнаа да го средиме нередот во станот“.

Сергеј додава: „Отсекогаш сум го сакал стихот од Изреки 17:17 каде што пишува: ’Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја‘. Овие зборови имаат уште поголемо значење за мене во текот на ова време на прогонство, кога помошта од пријателите ми е многу потребна. Јехова ми даде храбри пријатели кои се покрај мене“. a

Бидејќи се соочуваме со сѐ потешки ситуации, потребни ни се пријатели на кои ќе можеме да се потпреме. Тие ќе ни бидат уште повеќе потребни во големата неволја. Затоа, да вложуваме труд да бидеме вистински пријатели уште денес! (1. Пет. 4:7, 8).

a На jw.org, види ја статијата „Јехова ми је дао пријатеље који ме неустрашиво подупиру“ на српски јазик.