Застанале цврсто под нацистичката окупација во Холандија
Застанале цврсто под нацистичката окупација во Холандија
ВО МЕМОРИЈАЛНИОТ музеј на холокаустот во Соединетите Држави (УСХММ) е изложена најголемата колекција на ракотворби и филмови кои ги документираат злосторствата што ги извршиле нацистите во текот на II светска војна. Откако во 1993 музејот беше отворен за јавноста, околу 12 милиони посетители се запознаа со оваа сѐ попопуларна изложба сместена во Вашингтон (ДК).
Во музејот е изложена и документација за интензивното прогонство што го доживеаја Јеховините сведоци под нацистичкиот режим. Освен ограничените постојани изложби, УСХММ прикажа и серија специјални програми за Јеховините сведоци. Овие програми подвлекоа специфични примери на истрајност и интегритет од страна на Јеховините сведоци. На 8 април 1999, музејот спонзорираше една специјална презентација со наслов „Јеховините сведоци во Холандија под нацистичката окупација“. Се одржа во двата големи аудиториума на музејот.
Програмата започна со уводни забелешки на г-ѓа Сара Џејн Блумфилд, генерален директор на УСХММ. Г-ѓа Блумфилд покажа вистински интерес за сторијата на Јеховините сведоци. Во едно интервју за Разбудете се! таа објасни дека се вложени големи напори за да се зголеми сознанието на јавноста за интегритетот на Јеховините сведоци под прогонство. „За ваквите настани“, рече таа, „се известува исто како и за сите други важни програми што се одржуваат во музејот.“
Програмата таа вечер ја следеа и во неа учествуваа неколку историчари. Еден од нив беше д-р Лоренс Барон, професор по модерна германска и еврејска историја при државниот универзитет Сан Диего. Во своето предавање, д-р Барон наведе дека „Јеховините сведоци пружиле восхитувачки отпор на секакво соучесништво со Третиот рајх“. Тој забележа дека Сведоците „ја ставиле својата вера во Бог над барањата на нацистичката држава. За нив култот на водството на Хитлер е световен облик на обожавање и одбиле да го прифатат таквото обожавање со нацистичкиот поздрав или велејќи ‚Хајл Хитлер‘ . . . Бидејќи Бог им заповедал да го љубат ближниот и да не ги убиваат другите, тие одбиле воена служба . . . Кога Третиот рајх им наредил да престанат да ги одржуваат своите служби, Сведоците го дале типичниот одговор: ‚Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето‘“. Заради ова, многу Сведоци од неколку европски земји биле испратени во концентрациони логори, биле мачени, па дури и погубени.
УСХММ ги повика холандските научни работници и една група преживеани од Холокаустот да дадат примери за нацистичкото прогонство на Јеховините сведоци во Холандија. На 29 мај 1940, кратко откако нацистите ја окупираа Холандија, во таа земја беше ставена забрана врз Јеховините сведоци, кои ги имаше околу 500. Во текот на следните месеци беа уапсени стотици Сведоци. Во обидот да ги добијат имињата на другите
Сведоци, властите ги мачеа оние што беа уапсени. До крајот на војната беа уапсени повеќе од 450 Сведоци. Повеќе од 120 од нив умреа како директна последица на прогонството.Еден холандски истражувач објасни дека холандската канцеларија на подружницата на Watch Tower Society има во своите архиви „повеќе од 170 видео-интервјуа и 200 пишани животни приказни на Јеховините сведоци во Холандија кои го преживеале холокаустот. Сето тоа покажува дека она што ги мотивирало Сведоците била нивната љубов кон Бог и кон ближниот“.
Неколку говорници го нагласија фактот дека, за разлика од другите групи кои беа мета на нацистите, повеќето Јеховини сведоци можеа да ја добијат својата слобода едноставно ако потпишеа изјава со која се одрекуваат од своите верувања. Сепак, и говорниците и интервјуираните објаснија дека поголемото мнозинство Сведоци направиле разумен и добро информиран избор да го прифатат прогонството наместо да направат компромис. Само неколкумина потпишале заради тоа што сакале да ја прекинат својата поврзаност со Јеховините сведоци.
Имало некои кои ја потпишале изјавата во забуна. Тие никогаш немале намера да го напуштат нивниот облик на обожавање. Неколкумина сметале дека имаат морално оправдување да ги излажат прогонителите за да добијат слобода и да се вратат на своите проповеднички активности. Во извесен момент откако биле ослободени, тие сфатиле дека, без оглед на мотивите, не било исправно да се потпише таа изјава.
Нивната грешка во просудувањето не водела до исклучување. Кога се вратиле во своите домови и собранија, тие добиле духовна помош. Едно писмо од холандската канцеларија на подружницата на Watch Tower Society со датум од јуни 1942 ги охрабри Сведоците во таа земја да ги сфатат околностите кои навеле некои да ја потпишат изјавата и со нив да се постапува милостиво. Иако нацистичката окупација се уште беше присутна, наскоро овие поранешни затвореници повторно учествуваа во проповедничкото дело и тоа под голем ризик. Некои беа уапсени по втор пат. Еден од нив беше дури и погубен затоа што одби да учествува во воените активности.
И покрај големото страдање и годините напната, опасна работа во тајност, бројот на Јеховините сведоци во Холандија порасна од 500 во 1940 на повеќе од 2.000 во 1945, кога заврши нацистичкото владеење. Нивната храброст и решеност да му бидат послушни на Бог останува како едно големо сведоштво сѐ до денес.
[Слика на страница 31]
Истражувачите се обраќаат на собраната група
[Слика на страница 31]
Интервју со холандските преживеани од холокаустот