Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се избере брачен партнер

Како да се избере брачен партнер

Гледиште на Библијата

Како да се избере брачен партнер

ЕДНА НЕМАЖЕНА ЖЕНА БИЛА ЗАПРАШАНА: „ДАЛИ НЕКОГАШ РАЗМИСЛУВАШ ЗА БРАК?“ „ДАЛИ РАЗМИСЛУВАМ?“, ВЕДНАШ ОДГОВОРИЛА ТАА. „ЈАС СУМ ЗАГРИЖЕНА.“

ЈАСНИОТ коментар на оваа жена кажува многу за желбата на некои луѓе за љубов и дружење. Многумина сметаат дека да се најде брачен партнер е една од најважните работи во животот. Затоа, ширум светот брзо никнуваат службите наменети да им се помогне на луѓето да најдат брачен другар. Сепак, во многу делови од светот, бројот на пропаднати бракови го надминува бројот на успешните.

Во западните земји е вообичаено луѓето сами да си изберат брачен партнер. Но, во некои делови на Азија и Африка сѐ уште се обичај договорените бракови. Во обата случаи, тоа не треба да се сфати површно. Малку други одлуки што ги донесува човек во животот имаат толкав потенцијал да предизвикаат среќа или жалост. Бракот во кој владее љубов може да биде збогатувачки и исполнувачки. И обратно, една заедница во која има расправии може да биде постојан извор на болка и стрес (Изреки 21:19; 26:21).

Како и сите други луѓе, вистинските христијани сакаат нивната брачна врска да им донесе радост и задоволство. Но, тие исто така сакаат да му угодат на Бог и да му оддадат чест (Колосјаните 3:23). Бидејќи Бог е Творец и Основач на бракот, тој точно знае кои се нашите вистински потреби и што е најдобро за нас (1. Мојсеева 2:22—24; Исаија 48:17—19). Освен тоа, во текот на милениумите на човековото постоење, тој бил сведок на милиони и милиони бракови, добри и лоши. Знае што е делотворно а што не (Псалм 31:8). Преку својата Реч, Библијата, тој изнесува јасни, конкретни начела кои можат да му помогнат на христијанинот да направи информиран избор. Кои се некои од тие начела?

Гледај зад физичкиот изглед

Онаму каде што поединците имаат слобода да изберат со кого ќе стапат во брак, можеби ќе го запознаат потенцијалниот партнер случајно или, пак, ќе ги запознаат некои пријатели или роднини. Честопати, романтичниот интерес во почетокот е предизвикан од физичката привлечност. Иако ова е сосема природен и силен поттик, Библијата нѐ охрабрува да гледаме подлабоко од надворешноста кога размислуваме за брак.

„Миловидноста е примамлива и убавината — суетна; но жена, која се плаши од Господа, е достојна за пофалба“, се вели во Изреки 31:30. Апостол Петар зборувал за „нераспадливото руво на тивкиот и благ дух кој е од голема вредност во очите на Бог“ (1. Петрово 3:4NW). Да, духовните особини на потенцијалниот партнер — односно неговата оддаденост на Бог и љубов кон Него, како и неговата христијанска личност — се далеку поважни од физичката убавина. Неопходно е да си дадеме време за да направиме објективен избор, избирајќи некого кој има исти духовни цели и кој исто така настојува да ги покажува плодовите на Божјиот дух. Тоа многу ќе придонесе за една среќна брачна заедница (Изреки 19:2; Галатјаните 5:22, 23).

‚Мажете се само во Господа‘

Заедничките цели и верувања со личноста со која сакате да стапите во брак се многу важни. Бракот претставува вистински предизвик и бара многу прилагодувања во однесувањето и во ставот на обете страни. Логично, колку повеќе заеднички работи веќе имате со идниот партнер, толку полесни ќе ви бидат прилагодувањата.

Ова ни помага да видиме зошто апостол Павле ги опоменал христијаните да избегнуваат да ‚се впрегнуваат заедно со неверниците‘ (2. Коринтјаните 6:14). Павле знаел дека бракот со некој кој нема иста вера и разбирање за библиските начела може да создаде конфликт и несогласување. Опомената за ‚мажење само во Господа‘ е разумна (1. Коринтјаните 7:39). Таа го одразува Божјето размислување. Оние кои мудро ја следат, избегнуваат многу сериозни компликации и проблеми (Изреки 2:1, 9).

Договорени бракови

Што е со оние подрачја каде што сѐ уште се обичај договорените бракови? На пример, се проценува дека во јужна Индија 80 проценти од сите бракови се договорени од страна на родителите. Дали христијанските родители ќе ја следат или нема да ја следат оваа традиција е работа на лична одлука. Како и да е, таквото договарање бракови е најуспешно кога доминираат духовните вредности.

Оние кои повеќе ги сакаат договорените бракови мислат дека ова го става процесот на донесување одлука во рацете на искусни и зрели луѓе. „Некои родители сметаат дека, заради возраста на нивните деца и нивното недоволно искуство, не можат да се ослонат на тоа дека тие исправно ќе ја проценат духовната зрелост на идниот партнер“, забележува еден христијански старешина во Африка. „Младите немаат искуство во животот и одлучуваат за работите на темел на емоции“, додава еден патувачки слуга од Индија. Бидејќи родителите го познаваат карактерот на своите деца подобро од кој и да е друг, тие сметаат дека се единствените кои би можеле мудро да изберат за нивните деца. Тие ќе постапат мудро ако ги земат предвид и гледиштата на младите кои се вклучени.

Меѓутоа, ако родителите ги игнорираат библиските начела, на крајот можат да претрпат последици доколку подоцна во бракот се појават тешкотии. Бидејќи честопати има мали шанси идните брачни партнери претходно добро да се запознаат, можат да настанат проблеми. Еден христијански татко во Индија објаснува дека, кога ќе дојде до тоа, „тие се склони да ја префрлат вината врз родителите“.

Христијанските родители кои го договараат бракот мора да размислат и за своите мотиви. Кога при изборот на брачен партнер доминираат материјалистички цели или, пак, желбата за углед, настануваат проблеми (1. Тимотеј 6:9). Затоа, оние кои го договараат бракот треба да се запрашаат: ‚Дали овој избор е направен за да им се обезбеди среќа и духовно здравје на обете страни? Или, пак, за да се зајакне семејниот статус или богатство и за да се добие некаква финансиска корист?‘ (Изреки 20:21).

Советот од Библијата е јасен и корисен. Кога се размислува за брачен партнер, доблестите и духовноста на идниот сопружник треба секогаш да бидат првенствена грижа, без оглед на тоа како се прави изборот. Кога ќе се постапи така, му се оддава чест на Јехова Бог, Авторот на брачното уредување, а оние кои стапуваат во брак можат да започнат на една цврста духовна основа (Матеј 7:24, 25). Тоа многу ќе придонесе за среќна, збогатувачка заедница.