Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Жирафи — високи, долгоноги и елегантни

Жирафи — високи, долгоноги и елегантни

Жирафи — високи, долгоноги и елегантни

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КЕНИЈА

ОГРОМНИТЕ сиви гранитни камења беа влажни и студени во раните мугри. Се сместивме среде овие големи карпи држејќи лимени чаши топол чај во рацете и со очите вперени во африканското пасиште кое се простираше пред нас. * Нашата стрпливост беше наградена. Во нежниот блесок на утринската светлина, едно стадо жирафи — високи, долгоноги и елегантни — бавно одеа низ рамнината. Како на забавена снимка, тие грациозно чекореа со своите нозе како да се движат на стапови, а нивните долги свиткани вратови се нишаа како јарболи на бродовите кои пловат на ветер. Ни застана здивот. Глетката беше прекрасна!

Без да бидат вознемирени од нашето присуство, сите истовремено свртија во една шумичка со бујни багремови дрвја и посегнаа по врвовите на трнливите гранки. Нежно и внимателно, овие питоми гиганти откинуваа мали зелени ливчиња со своите долги јазици. Таму, високо над земјата, ги турнаа главите меѓу гнездата на една колонија птици ткајачки и безгрижно брстеа. Птичките гласно ги караа долговратите натрапници. Изненадено од бучното отфрлање, стадото жирафи спокојно и достоинствено се сврти кон други дрвја.

Брзи и грациозни

Секој што видел како овие суштества ги провираат своите вратови низ оградата на некоја зоолошка градина можеби тешко може да си ја замисли нивната вистинска убавина и грациозност додека слободно трчаат низ грмушките на Африка. Движењата на жирафите се грациозни и рамномерни. Додека галопираат низ отворените пасишта, нивниот нежен, речиси нејак изглед остава впечаток дека ќе се спрепнат и ќе се превртат дури и од најмалата пречка. Но, баш напротив, еден голем мажјак на жирафата, кој тежи 1.300 килограми, е стабилен и брз тркач и може да достигне брзина од речиси 60 километри на час.

Ова фасцинантно суштество живее само во Африка. Заради неговата нежност и мирна природа, уживање е да се набљудува. Лицето на жирафата може да се опише како необично, па дури и шармантно, со долги, тесни уши и две мали рокчиња кои на врвот се покриени со кадифени перчиња од црни влакна. Нејзините очи се многу големи и темни, заштитени со долги, свиткани клепки. Кога жирафата ќе се загледа во далечината од својата висока положба, нејзиното лице добива изглед на љубопитна наивност.

Во древни времиња жирафата се почитувала и се ценела заради нејзиниот пријатен надворешен изглед и заради нејзиното срамежливо, тивко и неагресивно држење. Младите жирафи им биле давани како подароци на владетелите и царевите во знак на мир и добра волја меѓу народите. Денес, во древните цртежи на карпите во Африка сѐ уште можат да се видат избледени слики на жирафи.

Застанати високо

Жирафата е највисока меѓу животните. Од копитата до рокчињата, возрасните мажјаци можат да достигнат височина од 5,5 метри. Во древните египетски хиероглифи, со жирафа бил претставен глаголот „предвидува“ или „претскажува“, со што била означена нејзината импресивна височина и способност да гледа далеку.

Застаната меѓу мешаните стада од зебри, ноеви, антилопи и други животни од рамниците на Африка, жирафата има улога на стражарница. Нејзината височина и одличниот вид ѝ овозможуваат да гледа далеку и навреме да открие каква и да било опасност што се приближува. Затоа, со своето присуство, високата жирафа несомнено им влева извесна мерка сигурност на другите животни.

Чудесно создадена

Жирафата е извонредно создадена за да може да брсти од највисоките гранки на високите дрвја, кои се далеку од дофатот на сите други животни освен на слонот. Уникатниот дизајн на горната еластична усна и флексибилниот јазик ѝ овозможуваат нежно да ги трга листовите од гранките со боцки и трње остри како игли.

Жирафите можат да изедат 34 килограми растенија на ден. Иако можат да јадат различни видови зелени растенија, најмногу ги сакаат трнливите багреми кои се расфрлани низ африканските рамници. Еден мажјак на жирафата може да го испружи јазикот 42 сантиметри во потрага по храна. Вратот на жирафата е исклучително флексибилен. Тоа ѝ овозможува да ја врти и да ја свиткува својата долга глава под неверојатни агли додека нежно прави маневри низ горните ветки на дрвјата.

На жирафата ѝ е лесно да досегне високо, но пиењето вода е нешто сосема друго. Кога ќе се приближи до некоја дупка со вода, жирафата мора полека да ги расчекори предните нозе и потоа да ги свитка обете коленици за да може да досегне до водата. Во оваа несмасна положба, жирафата го истегнува својот долг врат за да може да се напие. За среќа, жирафата не мора да пие многу често, бидејќи обично добива доволно влага од сочните листови кои се дел од нејзината исхрана.

Вратот и слабините на жирафата се ишарани со прекрасна мрежа од тенки бели линии кои формираат решетка од шари во облик на листови. Боите варираат од златно жолта до изразито костенливо кафеава, па дури и црна. Со минувањето на годините, боите на жирафата стануваат потемни.

Семеен живот

Жирафите се дружељубиви суштества кои се движат во не толку големи стада од 2 до 50 животни. Бремената женка го носи младенчето 420 до 468 дена пред да го роди малечкото кое е високо 2 метра. Кога ќе се роди, младенчето буквално паѓа на земја од височина од два метра, со главата надолу! Но, по 15 минути, тоа неповредено трепери на нозете и спремно е да цица млеко. По две или три недели инстинктивно почнува да грицка од нежните врвови на багремовите гранки и наскоро станува доволно силно за да не заостанува зад долгите чекори на мајка си.

Младенчето на жирафата претставува извонредна минијатура на своите родители. Според критериумите на жирафите тоа е ниско, но повисоко е од повеќето луѓе. Кога стои љубопитно и без страв под будните очи на мајката која се извишува како кула, младенчето претставува прекрасна глетка.

Додека трае сезоната кога жирафите се породуваат, нивните малечки се собрани во „детски“ групи, каде што го минуваат денот во одмор, игра и набљудување на она што се случува околу нив. Новороденото младенче расте неверојатно брзо. За шест месеци може да порасне 1 метар, а за една година може да стане два пати повисоко. Само за една недела, тоа може да порасне 23 сантиметри! Мајката жирафа има многу заштитнички став, и иако му дозволува на младенчето да се прошета малку подалеку, нејзиниот одличен вид ѝ овозможува да задржи визуелен контакт со своето малечко.

Благодарение на своите извонредни димензии, пргавоста и брзината, како и заради извонредниот вид, жирафата нема многу непријатели во дивината, освен лавовите. Сепак, човекот е тој кој лови и убива голем број од овие прекрасни суштества. Немилосрдно барана заради прекрасната кожа, вкусното месо и долгите црни влакна на опашката — за кои некои веруваат дека поседуваат мистична моќ — ова мирољубиво животно сега се соочува со една несигурна иднина. Некогаш многубројна во многу делови на Африка, сега жирафата е релативно безбедна само во границите на националните паркови и резерватите, каде што е заштитена.

Денешните посетители кои доаѓаат на сафари во Африка сѐ уште можат да се восхитуваат на глетката на долговратите жирафи кои слободно претрчуваат низ пространите тревни рамници. Таму можат да ги видат како брстат меѓу врвовите на трнливите багреми или едноставно гледаат во далечината во стил кој е типичен за жирафата. Ова прекрасно суштество, со невообичаено убава фигура и нежна природа, навистина е чудо на создавањето — уште еден доказ за креативната генијалност и извонредна личност на семоќниот Бог, Јехова (Псалм 104:24).

[Фуснота]

^ пас. 3 Многубројните мали, карпести ритчиња на отворените африкански рамнини се наречени копји.

[Рамка/слика на страница 18]

ДОЛГОВРАТО ЧУДО

Невообичаениот облик на телото на жирафата и огромните димензии би требало да бидат проблем — или барем така би можело да се помисли. Заради тоа што жирафата е висока и има долг врат, можеби изгледа дека е невозможно да се регулира дотокот на крв до сите делови на телото. На пример, кога жирафата ќе ја спушти главата до земјата, заради силата на гравитацијата би се очекувало еден бран од крв нагло да се слее во главата и да го преплави мозокот. Кога жирафата ќе ја крене главата, крвта нагло би се слеала назад во срцето, предизвикувајќи животното да се онесвести. Меѓутоа, ова не се случува. Зошто?

Крвотокот на жирафата е навистина чудо на создавањето, генијално „изработен по нарачка“ за да послужи за несекојдневниот облик и димензии на телото на ова животно. Срцето ѝ е необично големо и мора напорно да пумпа за да испрати крв до мозокот, кој се наоѓа цели 3,5 метри погоре. Ѕидовите на срцевиот мускул се дебели 7 сантиметри и отчукуваат 170 пати во минута, предизвикувајќи систолен притисок кој е скоро три пати повисок од човечкиот. За да се излезе успешно на крај со оваа сила, каротидната артерија, која носи крв до мозокот, и вратната жила, која ја враќа крвта до срцето, треба да бидат големи. И навистина, дијаметарот на овие два крвни сада е поголем од 2,5 сантиметри и имаат зајакнување од едно цврсто еластично ткиво, кое им дава флексибилност и цврстина.

Кога жирафата ќе ја наведне главата, залистоците во вратната жила спречуваат крвта нагло да се врати во мозокот. При основата на мозокот, големата каротидна артерија влегува во еден друг прекрасно дизајниран изум кој е наречен чудесна мрежа. Овде се забавува обилниот доток на крв во мозокот, што настанува кога жирафата ќе ја наведне главата. Тоа се постигнува на тој начин што крвта се насочува во една специјална мрежа од ситни крвни садови кои го регулираат крвниот притисок и спречуваат да дојде до нагол прилив на крв во мозокот. Кога жирафата ќе ја наведне главата, чудесната мрежа се растегнува, а кога ќе ја подигне главата, таа се собира. На тој начин се спречува драстичното намалување на крвниот притисок и опасноста од губење на свеста.

И вратот на жирафата е чудесно создаден. Научниците беа изненадени кога открија дека зачудувачки долгиот врат на жирафата има ист број прешлени како глушецот или повеќето други цицачи! Меѓутоа, за разлика од повеќето други цицачи, жирафата има издолжени прешлени кои се конструирани во една посебна форма топче-чашка, што му дава извонредна флексибилност. Заради тоа, жирафата може да го витка и искривува вратот за да ги истимари сите делови од телото или нежно да достигне до високите ветки на некое дрво за да јаде.