Од агонија до анестезија
Од агонија до анестезија
ПРЕД 1840-тите, пациентите не оделе во операциона сала вознемирени. Тие умирале од страв! Зошто? Затоа што не постоела анестезија. Во својата книга „We Have Conquered Pain“ (Ја победивме болката), Денис Фрадин вели: „Било познато дека хирурзите влегувале во операционата сала со по едно шише виски во секоја рака — едното за пациентот а другото за лекарот за да може да ги поднесе писоците на пациентот“.
Опивање или „дрогирање“ на пациентот!
Лекарите, заболекарите и пациентите пробувале речиси сѐ за да ја намалат болката при операцијата. Кинеските и индиските лекари користеле марихуана и хашиш. И опиумот многу се користел во различни делови од светот, како и алкохолот. Древниот грчки лекар Диоскорид — првиот за кој е познато дека го употребил зборот „анестезија“ — им припишувал анестетична моќ на напитоците направени од мандрагора и вино. Подоцна некои лекари експериментирале дури и со хипноза.
Сепак, намалувањето на болките воопшто не било задоволително. Затоа, хирурзите и заболекарите работеле колку што можеле побрзо; всушност, тие биле рангирани врз основа на тоа колку биле брзи. Но, дури и кај најбрзите хирурзи пациентите трпеле огромни болки. Како резултат на тоа, луѓето обично повеќе сакале да трпат секакви болки, од тумори до уста полна со расипани заби, наместо да се соочат со агонијата при операција или вадење заб.
Благ витриол и „рајски гас“
Во 1275, додека шпанскиот лекар Рамон Лул експериментирал со разни хемикалии, направил една испарлива, запалива течност што ја нарекол благ витриол. Во 16 век, швајцарскиот физичар кој е познат како Парацелзус им дал на пилињата да вдишуваат благ витриол и забележал дека тие не само што заспиваат туку и не чувствуваат болка. Исто како Лул пред него, тој не правел експерименти врз луѓе. Во 1730, германскиот хемичар Фробениус ѝ го дал на оваа течност нејзиното сегашно име, етер, што е грчки назив за „небесен“. Но, поминале повеќе од 112 години пред сосема да се сфати моќта на етерот како анестетик.
Во меѓувреме, во 1772, англискиот научник Џозеф Пристли го открил гасот азотен оксид. На почетокот луѓето мислеле дека овој гас е смртоносен, дури и во мали дози. Меѓутоа, во 1799, британскиот хемичар и пронаоѓач Хамфри Дејви одлучил да се
увери во тоа експериментирајќи врз себеси. На негово изненадување, открил дека азотниот оксид го тера на смеење, па затоа го нарекол „рајски гас“. Дејви ги запишал потенцијалните анестетични својства на азотниот оксид, но никој во тоа време не продолжил со понатамошни истражувања.Забави со етер и „рајски гас“
Лудориите на Дејви додека бил под влијание на „рајскиот гас“ — од кој станал привремено зависен — станале добро познати. Наскоро станало популарно да се вдишува заради забава. Дури и патувачките забавувачи, како дел од програмата, барале доброволци од публиката кои ќе излезат на бината и еден по еден ќе вдишуваат азотен оксид. Овој гас ја отстранувал воздржаноста и наскоро меѓу публиката избувнувала смеа заради неконтролираните лудории на доброволците.
Отприлика во истото време станало популарно етерот да се користи и за разонода. Меѓутоа, еден ден, еден млад американски лекар по име Крафорд В. Лонг забележал дека неговите пријатели не чувствуваат болка кога ќе се повредат тетеравејќи се наоколу додека се под дејство на етерот. Тој веднаш помислил на неговиот потенцијал во хирургијата. Се погодило еден учесник на овие „етерски забави“, еден студент по име Џејмс Венабл, да има два мали тумора кои сакал да се отстранат. Но, плашејќи се од болката при хируршкиот зафат, Венабл постојано ја одложувал операцијата. Затоа, Лонг му предложил да се подложи на операција додека е под дејство на етерот. Венабл се согласил и, на 30 март 1842, му била извршена безболна операција. Меѓутоа, Лонг го објавил своето откритие дури во 1849.
И заболекарите ја откриваат анестезијата
Во декември 1844, еден заболекар од САД по име Хорас Велс присуствувал на една патувачка претстава каде што извесен Гарднер Колтон направил демонстрација на азотниот оксид. Велс се пријавил како доброволец да го проба гасот, но бил доволно свесен за да забележи дека еден друг учесник треснал со нозете од една тврда клупа, но не почувствувал болка иако крвавел. Истата ноќ Велс одлучил да се обиде да го примени азотниот оксид во својата заболекарска пракса — но дури откако прво го пробал на себе. Договорил Колтон да му набави таков гас, а колегата Џон Ригз да му го извади проблематичниот умник. Вадењето на забот било успешно.
Велс одлучил да го објави ова откритие во јавноста со тоа што ќе го прикаже пред своите колеги. Меѓутоа, бил многу нервозен и не употребил доволно гас, така што пациентот викнал кога му го извадил забот. Присутните веднаш почнале да му се смеат. Но, тие требало да го прашаат пациентот, бидејќи подоцна тој му признал на Велс дека, иако викнал, не почувствувал голема болка.
На 30 септември 1846, неговиот американски колега Вилијам Мортон безболно извадил заб на еден пациент на кој му дал етер — истото соединение што го користел Лонг во 1842. Мортон го подготвил етерот со помош на прочуениот хемичар Чарлс Томас Џексон. За разлика од Лонг, Мортон направил јавна демонстрација на анестетичните својства на етерот кај еден пациент врз кој бил извршен хируршки зафат. Во Бостон (Масачусетс), на 16 октомври 1846, Мортон му дал анестезија на пациентот. Потоа, хирургот д-р Варен ја извршил операцијата — отстранување на еден израсток под долната вилица на пациентот. Оваа операција претставувала значаен успех. Наскоро веста се раширила како молња низ Соединетите Држави и Европа.
Натамошни откритија
Како резултат на овие возбудливи откритија, продолжиле да се прават експерименти со различни испарливи супстанции. Хлороформот, откриен во 1831, успешно се користел во 1847. На некои места брзо станал омилен анестетик. Наскоро хлороформ им се давал на жените при породување, вклучувајќи ја и англиската кралица Викторија, во април 1853.
За жал, историјата на општата анестезија има една мала дамка. Избувнала вжештена расправија во врска со тоа кој — Лонг, Велс, Мортон или Џексон, прочуениот хемичар кој му асистирал на Мортон — има најголема заслуга во откривањето на анестезијата (се разбира, не и на самите хемиски соединенија). Никогаш не била постигната заедничка согласност, но откако мирно ќе се погледне наназад, многумина им ја припишуваат заслугата на сите четворица.
Во меѓувреме, постигнат е напредок на полето на локалната анестезија, која честопати се нарекува и регионална анестезија. Се користат анестетици со кои пациентите можат да останат свесни додека еден дел од телото е под анестезија, нечувствителен. Денес оралните хирурзи обично користат локални анестетици кога работат на заби или непце, а лекарите ги користат за помали хируршки зафати и во лекувањето рани. Анестезиолозите обично им даваат локална анестезија на жените кои се пораѓаат.
Со текот на времето, анестезиологијата прераснала во посебна гранка на медицината. Денешните анестезиолози учествуваат во подготвувањето на пациентите за операција. Тие даваат анестезија користејќи софистицирана опрема и сложени анестетици кои се смеси од повеќе хемиски агенси, во комбинација со кислород. Всушност, многу пациенти можеби не се ни свесни дека нивниот лекар користел анестетични гасови затоа што честопати ги дава дури откако ќе ја даде почетната анестезија интравенозно. Анестезиологот е вклучен и во ублажувањето на постоперативните болки.
Затоа, ако еден ден треба да одите на операција, потрудете се да не се плашите премногу. Замислете си дека лежите на некоја примитивна операциона маса пред два века. Се отвора вратата и влегува Вашиот хирург, носејќи две шишиња виски. Одеднаш, софистицираната опрема на денешниот анестезиолог Ви изгледа речиси добродушна, нели?
[Рамка на страница 18]
АКУПУНКТУРА — намалување на болката кое доаѓа од Истокот
Акупунктурата е древна кинеска терапија за која се вели дека ги намалува болките. Практичарите забодуваат игли во конкретни места од телото, честопати оддалечени од местото што се лекува. Штом ќе се забодат, иглите може да се вртат или да се поврзат со електрична струја со низок напон. Encyclopædia Britannica вели дека акупунктурата „рутински се користи во Кина како анестетик за време на хируршките зафати. Посетителите од запад биле сведоци на амбициозни (и обично болни) хируршки зафати извршени врз кинески пациенти кои биле сосема при свест и добиле локална анестезија само со акупунктура“.
Акупунктурата треба да ја изведува само стручен, медицински школуван терапевт. Според Encyclopedia Americana, „имало сериозни несреќни случаи кога иглите за акупунктура допреле до срцето или до белите дробови, а ако се користат нестерилизирани игли може да дојде до појава на хепатит, локални инфекции и слични компликации“. Се разбира, и употребата на општа анестезија носи ризици, како и самите операции — каква и да е анестезијата што се користи.
[Слика на страница 19]
Анестезиологијата станала гранка на медицината
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Одделот за анестезија и за бескрвна медицина и хирургија, Bridgeport Hospital - CT
[Извор на слика на страница 17]
Страници 2 и 17: Репродукција од Medicine and the Artist (Ars Medica) со дозвола на Филаделфискиот музеј на уметноста/Carl Zigrosser/Dover Publications, Inc.