Дневникот — доверлив пријател
Дневникот — доверлив пријател
ДНЕВНИКОТ може да биде верен другар, сочувствителен пријател во еден несочувствителен свет. Дневникот „ни овозможува да зачуваме збирка од описи што ги овековечуваат нашите лични патувања“, вели писателката Кристина Болдвин. Како фотографски албум што дава визуелен приказ на нашето минато, дневникот ни дава пишани „снимки“ што откриваат и овековечуваат како се одвивал нашиот живот.
Во библиски времиња, владите честопати воделе евиденција за значајните настани. Самата Библија се осврнува на повеќе такви службени извештаи (Броеви 21:14, 15; Исус Навин 10:12, 13). Грците изумиле еден вид алманах наречен ефемерид, * каде што го запишувале дневното движење на ѕвездите и планетите. Римјаните, кои ја освоиле Грција, ја прифатиле употребата на овие записници но, со практичност карактеристична за нив, ја зголемиле нивната вредност додавајќи ги дневните настани од интерес за населението и јавноста. Ги нарекле дијариум, што доаѓа од латинското диес, што значи „ден“.
Меѓутоа, дури во 17 век, со пишувањето на записите на Англичанецот Семјуел Пепис, бил измислен дневникот како складиште на личните секојдневни случки. Со својата необична мешавина на побожност и световност, дневникот на Пепис им дал на историчарите еден од најпроникливите извештаи за животот за време на владеењето на англискиот монарх Чарлс II.
Оттогаш наваму станало сѐ попопуларно да се води дневник. Многу дневници станале дури и скапоцени историски документи. Истакнат меѓу нив е дневникот на едно еврејско девојче што се криело од нацистите. Дневникот на Ана Франк е болно сведоштво за човечката нехуманост кон другите луѓе.
Зошто дневникот е привлечен?
Изгледа дека водењето дневник задоволува една фундаментална човечка желба — изразување на сопствената личност. Сеедно дали пишуваме за нашата радост поради
првите зборови на бебето или напредокот на едно пријателство полно со љубов, дневникот ни овозможува да размислуваме за настаните што го обликуваат нашиот живот. Кога подоцна ќе го читаме тоа што сме го запишале, повторно ги доживуваме тие скапоцени моменти и чувствата што ги предизвикале.Една од најголемите предности на дневникот е тоа што може да ни помогне да се запознаеме себеси. Писателката Тристејн Рајнер го нарекува „практично психолошко помагало што Ви овозможува да ги изразите своите чувства без некој да Ве спречува“.
Во Пословици 12:25 Библијата вели: „Грижата во срцето го притиска човекот“. Ако некој се колеба да зборува за својата ‚грижа‘ со некого, алтернатива може да биде да се изрази во писмена форма. Затоа, водењето дневник честопати се предлага како корисно средство за справување со емоционалната болка. Дневникот може да стане место каде што ќе размислувате за својот живот, ќе си поставувате нови цели и можеби ќе изнајдете решенија за проблемите. Пишувањето за проблемите и чувствата може да Ви помогне да се сосредоточите на вистинските проблеми и да ги гледате во исправно светло.
Преку водењето дневник, исто така, може да се научи многу. Американското здружение на просветни работници им советува на родителите: „Охрабрете ги своите деца да водат дневник. Запишувањето во дневникот ја развива вештината на пишување и креативноста“.
Како да почнам?
Прво, најдете тивко место и дневник или нотес што Ви се допаѓа. Мора да се признае, можеби ќе се уплашите од празната страница што чека да ја испишете. Но, клучот лежи во искреноста, спонтаноста и едноставноста. Можете да си ги поставите следниве прашања: ‚Што правев денес? Како влијаеше тоа врз мене? Што јадев? Со кого се видов? Што се случува во животот на оние што ми се драги?‘ Или, пак, би можеле да почнете токму сега, прашувајќи се: ‚До каде сум со животот во овој момент? Какви се моите цели? Моите сништа?‘ Потоа, без да бидете критички расположени, почнете да пишувате.
Пишувајте многу или малку, како што сакате. Пишувајте често или ретко, како што сакате. Бидете отворени и искрени. Не грижете се за граматиката или за правописот. Никој нема да види што сте напишале. Можете да залепите фотографии, исечоци од весници или нешто друго што Ви е важно. Тоа е Ваша книга. Може да биде уредна или немарна, мала или голема. И треба да пишувате само кога сакате. Ако водењето дневник стане крута обврска, ќе доживеете неуспех и разочарување. (Видете ја рамката.)
Исто како што еден научник користи дневник за да ги набљудува и запишува промените во некој организам што го проучува, дневникот може да Ви помогне да ги набљудувате и проучувате сопствените шеми на однесување и склоности во животот. Дневникот ќе ги открие Вашите радости, болки, слабости и јаки страни. Ќе Ви ја подобри способноста на изразување. Вистина, за да водите дневник треба да се посветите на тоа, но таквата посветеност може да донесе богати награди. (Приложено.)
[Фуснота]
^ Од грчкото ефемерос, што значи „еднодневен“.
[Рамка на страница 27]
Предлози како да се почне
◆ Одберете дневник што е издржлив, некој што лесно може да се носи.
◆ Најдете време кога е тивко и место каде што можете да бидете сами. Ставете датум секогаш кога ќе запишете нешто.
◆ Ако пропуштите неколку дена, нека не Ве фаќа паника; едноставно продолжете да пишувате онаму каде што сте застанале.
◆ Не критикувајте го она што сте го запишале. Бидете опуштени и слободно изразувајте се. Запишувајте детали — а не само општи работи.