Можеш да го победиш песимизмот
Можеш да го победиш песимизмот
КАКО гледаш на неуспесите кои ги доживуваш? Многу стручњаци денес веруваат дека одговорот на ова прашање открива многу за тоа дали си оптимист или песимист. Сите ние доживуваме тешки моменти во животот, некои повеќе некои помалку. Тогаш, зошто некои луѓе по некоја неволја се чини дека веднаш застануваат на нозе и спремни се да продолжат понатаму, додека други се откажуваат дури и по релативно мали потешкотии?
На пример, замисли дека бараш работа. Одиш на интервју, но не ја добиваш работата. Како ќе се чувствуваш поради тоа? Можеби ќе го сфатиш тоа премногу лично и ќе сметаш дека е траен проблем, мислејќи: „Никој не би вработил некој како мене. Никогаш нема да најдам работа“. Што е уште полошо, би можел да дозволиш тој мал неуспех да влијае врз секој аспект од твојот живот и да си речеш: „Јас сум чисто промашување. Не ме бива за ништо“. Секое такво размислување е одраз на песимистички став.
Борба со песимизмот
Како можеш да се бориш со песимизмот? Прв важен чекор е да научиш да ги препознаваш таквите негативни мисли. Следен чекор е да се бориш против нив. Барај други, разумни објаснувања. На пример, дали навистина е точно дека не си ја добил работата бидејќи никој не би те вработил? Или можеби работодавачот едноставно барал некој со други квалификации?
Размислувај за некои факти кои ќе ти покажат дека таквото песимистичко размислување е претерана реакција. Дали тоа што еднаш те одбиле навистина значи дека си чисто промашување? Можеш ли да размислиш за други подрачја од твојот живот — како на пример, твоите духовни цели, семејни врски, или пријателства — каде што си постигнал успех до одредена мера? Научи да ги отфрлаш мрачните предвидувања кои едноставно се последица на негативно размислување. На крајот на краиштата, можеш ли навистина да знаеш дека никогаш нема да најдеш работа? Има уште нешто што можеш да направиш за да го отфрлиш негативното размислување.
Позитивно размислување насочено кон цели
Во поново време научниците развиле интересна, иако по малку ограничена, дефиниција за тоа што е надеж. Тие велат дека надежта значи да веруваш дека ќе успееш да ги постигнеш своите цели. Како што ќе видиме во следната статија, надежта всушност вклучува многу повеќе од тоа, но оваа дефиниција може да биде корисна на неколку начини. Тоа што ќе размислуваме за овој аспект на надежта може да ни помогне да развиеме попозитивно размислување насочено кон постигнување цели.
За да може да веруваме дека ќе ги постигнеме нашите идни цели, најпрво треба да имаме искуство со поставување и постигнување цели. Ако сметаш дека немаш такво искуство, можеби вреди сериозно да размислиш за целите што си ги поставуваш. Прво, дали воопшто имаш цели? Многу е лесно да се фатиме во рутината на секојдневието без да застанеме да размислиме што навистина сакаме од животот, што ни е најважно. Во врска со ова практично начело за поставување на јасни приоритети, во Библијата уште многу одамна е запишано дека треба да процениме што е најважно (Филипјаните 1:10).
Откако ќе си поставиме приоритети ќе ни биде полесно да одбереме некои клучни цели на разни подрачја, како на пример нашиот духовен живот, семеен живот или вработување. Важно е на почетокот да не си поставуваме премногу цели и да избереме цели кои знаеме дека лесно можеме да ги постигнеме. Ако имаме цел која ни е претешко да ја постигнеме, може да се обесхрабриме, па дури и да се откажеме. Затоа, честопати е најдобро поголемите, долгорочни цели да ги поделиме на помали, краткорочни.
„Кога се сака, сѐ се може.“ Така гласи една стара поговорка и има некоја вистина во неа. Откако сме одредиле кои ни се клучните цели, потребни ни се желба и решеност за да ги постигнеме. Може да ја зајакнеме нашата решеност ако размислуваме за тоа колку се важни нашите цели и каква корист ќе имаме ако ги постигнеме. Се разбира, ќе се појават пречки, но на тоа треба да гледаме како на предизвик, а не како на ќор-сокак.
Исто така, треба да размислуваме на кои практични начини можеме да ги постигнеме нашите цели. Добро е едно лице да размислува на повеќе начини како може да постигне некоја цел, предлага писателот Снајдер кој вршел обемни истражувања за вредноста на надежта. Така, кога на еден начин нема да успееме, може да пробаме на друг, трет и.т.н.
Снајдер исто така препорачува да научиме кога е време една цел да замениме со друга. Доколку навистина сме спречени да оствариме некоја цел, само ќе нѐ обесхрабри ако постојано размислуваме за тоа. Од друга страна, ако ја замениме со некоја пореалистична цел ќе имаме нешто на кое може да се надеваме.
Во врска со ова, во Библијата има еден поучен пример. Цар Давид имал за цел да му изгради храм на својот Бог, Јехова. Но Бог му рекол на Давид дека таа чест ќе ја има неговиот син Соломон. И покрај разочарувањето, Давид не се лутел и не се трудел упорно да ја оствари својата намера, туку ги променил своите цели. Тој се посветил на тоа да собере средства и материјали кои ќе му биле потребни на неговиот син за да го заврши тој проект (1. Царевите 8:17-19; 1. Летописи 29:3-7).
Дури и ако успееме да ја зајакнеме нашата надеж така што ќе се бориме со песимизмот и ќе развиеме позитивно размислување насочено кон цели, сепак понекогаш можеби ќе чувствуваме дека немаме доволно надеж. Зошто е тоа така? Голем дел од безнадежноста со која се соочуваме во овој свет доаѓа од фактори кои се вон наша контрола. Кога размислуваме за огромните проблеми кои го погодуваат човештвото — сиромаштијата, војните, неправдите и сѐ поголемата закана од болести и смрт — како можеме да задржиме позитивно гледиште за иднината?
[Слика на страница 7]
Ако те одбиле за некое работно место што си го сакал, дали претпоставуваш дека никогаш нема да најдеш работа?
[Слика на страница 8]
Цар Давид бил приспособлив во однос на поставувањето цели