Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Бременост кај тинејџерки — трагедија од светски размери

Бременост кај тинејџерки — трагедија од светски размери

Бременост кај тинејџерки — трагедија од светски размери

БРЕМЕНОСТА кај тинејџерките се смета за вистинска епидемија. Меѓутоа колку е, всушност, трагичен овој проблем најдобро може да се увиди кога ќе се земе во обѕир влијанието што го има бременоста врз една уплашена тинејџерка. И во најдобриот можен случај, животот драстично ќе ѝ се промени и тоа длабоко ќе се одрази не само врз неа лично туку и врз нејзиното семејство и најблиските.

Тинејџерите се наоѓаат во она што Библијата го нарекува „цветот на младоста“ — период кога сексуалните желби се најсилни (1. Коринќаните 7:36). Но, би било премногу едноставно да се тврди дека тинејџерките остануваат бремени само затоа што не користат средства за контрацепција. Фактите покажуваат дека бременоста кај тинејџерките е проблем со кој се поврзани поголем број сложени социјални и емоционални фактори.

Фактори кои придонесуваат за проблемот

Истражувањата покажуваат дека многу тинејџерки што стануваат мајки се деца што живееле во распаднати семејства. „Сѐ што сакав во животот беше да имам вистинско семејство“ се зборовите што секогаш одново ги кажуваат бремените тинејџерки. Од ова јасно се гледа дека нарушените семејни односи можат да бидат плодно тло за развој на овој проблем. Во рамките на една програма за помагање на млади мајки е откриено дека нивните односи со родителите честопати се „напнати со мајката, а со таткото воопшто и ги нема“. Анита, која станала мајка на 18 години, се сеќава дека и покрај тоа што нејзината самохрана мајка напорно работела за да ја згрижи во материјален поглед, таа сепак чувствувала емоционална празнина затоа што растела без татко.

Други девојки остануваат бремени како резултат на силување. Изгледа дека кај некои од нив траумата предизвикува емоционална болка што подоцна може да прерасне во деструктивно однесување. На пример, Јасмина била силувана кога имала 15 години. „Откако ми се случи тоа“, си спомнува таа, „кај мене се јави самоуништувачки нагон. Останав бремена на 19 години“. Сексуалната злоупотреба може исто така да предизвика чувства на безвредност. „Постојано се чувствував безвредно“, со болка кажува Јасмина. И Анита поминала низ нешто слично: „На возраст од 7 до 11 години ме злоупотребуваше еден тинејџер. Се мразев и се обвинував себеси“. Останала бремена на 17 години.

Од друга страна, пак, некои девојки се жртва на својата претерана самодоверба и љубопитност. Никол, која беше цитирана во претходната статија, признава: „Мислев дека знам сѐ и дека можам да правам што сакам. За жал, излезе дека можам да имам и дете“. Керол, која и самата станала немажена мајка на многу мала возраст, имала интимни односи од љубопитност. Таа вели: „Си мислев дека нешто пропуштам“.

Друг фактор е тоа што младите честопати не се свесни за последиците од сексуалните односи. Според социолозите Карен Ролингсон и Стивен Мекеј, некои млади во Британија „не знаат точно . . . што да очекуваат од врските, и што значи, всушност, бременоста“. Изгледа дека некои млади не можат да ја сфатат врската меѓу сексот и бременоста. Според една анкета, малолетните мајки „честопати изјавиле дека биле шокирани или изненадени кога сфатиле дека се бремени, иако не користеле средства за контрацепција“.

Но сепак, она што најмногу влијае врз проблемот со бременоста кај тинејџерките се променетите ставови кон сексот. Живееме во време кога луѓето се „љубители на уживања наместо љубители на Бог“ (2. Тимотеј 3:1-4). Австралиските истражувачи Елза Бурнс и Кет Скот велат дека „сѐ повеќе се намалуваат социјалните, религиозните и економските санкции што би ги спречиле тинејџерите да имаат односи надвор од бракот“. Повеќе не се смета за толкав срам да се има вонбрачно дете како што се сметаше во минатото. Напротив, во некои подрачја тинејџерите дури го сметаат детето за некој вид личен успех или симбол на статус!

Емоционални последици

Младешкото фантазирање потполно се разликува од реалноста на мајчинството во тинејџерски години. Откако ќе дознаат дека се бремени, девојките честопати ги заплиснува силен бран на емоции. Многу од нив се шокирани. „Вообичаените реакции се гнев, вина и одбивање да се соочат со вистината“, вели Американската академија за детска и младинска психијатрија. Но, негирањето на бременоста може да биде опасно затоа што може да ја спречи девојката да ја побара неопходната медицинска помош.

„Се здрвив од страв“, се сеќава Елвенија на мигот кога им погледнала в лице на последиците од својата „авантура“. Многу од бремените девојки немаат кому да му се доверат или премногу се срамат да зборуваат за својата ситуација. Затоа, не изненадува тоа што некои се скршени од чувства на вина и страв. Многу од нив исто така запаѓаат во тешка депресија. „Не ми се живееше, а не ми беше гајле ни дали ќе умрам“, вели Јасмина. a

Без оглед на тоа како ќе реагира младата девојка во почетокот, на крајот таа мора да донесе некои одлуки што ќе имаат далекосежни последици и за неа и за детето. Во следната статија ќе разгледаме како можат младите девојки да донесат мудри одлуки.

[Фуснота]

a Информации во врска со тоа како да се справите со самоубиствените нагони, можат да се најдат во серијата статии „Животот вреди да се живее“ во изданието на Разбудете се! од 8 февруари 2002.

[Рамка на страница 7]

Бременост кај тинејџерки — потресни факти

Иако следниве податоци се однесуваат на Соединетите Американски Држави, тие даваат увид во проблемите со кои се соочуваат бремените тинејџерки во целиот свет.

● Четириесет отсто од девојките забременуваат пред да наполнат 20 години — што значи дека годишно забременуваат над 900.000 тинејџерки.

● Околу 40 отсто од мајките се малолетни.

● Децата чии родители се тинејџери почесто се малтретирани и занемарени отколку децата на повозрасните родители.

● Само 40 отсто од мајките на возраст под 18 години завршуваат средно училиште.

● Скоро 80 отсто од татковците не се женат со тинејџерките што се мајки на нивното дете.

● Само 30 отсто од малолетните мајки, кои ќе се омажат откако им се родило детето, остануваат во тој брак. Двапати почесто се распаѓаат браковите меѓу тинејџери отколку браковите во кои жената има најмалку 25 години.

● Постои поголема веројатност децата на малолетните тинејџерки да бидат родени прерано и со тежина помала од нормалната, со што се зголемува и веројатноста да умрат како новороденчиња, да бидат слепи или глуви, да имаат хронични проблеми со дишењето, да бидат ментално ретардирани, да имаат некоја душевна болест, церебрална парализа, дислексија и да се хиперактивни.

[Извор на слика]

Земено од брошурата Not Just Another Single Issue: Teen Pregnancy Prevention’s Link to Other Critical Social Issues, Државна кампања за спречување на бременост кај тинејџерки, февруари 2002 година

[Рамка/слика на страница 7]

Бременост кај тинејџерки во светот

БРАЗИЛ: Се известува дека „во 1998 година, 698.439 тинејџерки помлади од 19 години родиле деца во бразилските државни болници . . . а 31.857 од овие девојчиња биле на возраст од 10 до 14 години, што, мора да признаеме, е апсурдно мала возраст за да се има дете“ (Folha de S. Paulo, 25 август 1999 г.).

БРИТАНИЈА: „Британија има највисока стапка на породувања кај тинејџерки во западна Европа . . . Во 1997 година, скоро 90.000 од тинејџерките во Англија останале бремени. Отприлика три петтини од нив родиле (56.000), од кои 90 отсто родиле вонбрачно (околу 50.000)“ (Lone Parent Families — Семејства со еден родител, 2002 г.).

МАЛЕЗИЈА: „Бројот на вонбрачни деца во оваа земја се зголеми од 1998 година наваму, а повеќето од мајките се во своите доцни тинејџерски години“ (New Straits Times-Management Times, 1 април 2002 г.).

РУСИЈА: „Владините статистички податоци покажуваат дека скоро една третина од сите бебиња што во минатата година беа родени во Русија, ги родиле невенчани мајки, што е двојно повеќе од претходната деценија. Ваква стапка на раѓање немало уште од Втората светска војна. Повеќе од 40 отсто од овие бебиња ги родија тинејџерки“ (The Moscow Times, 29 ноември 2001 г.).

СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ: „И покрај тоа што од неодамна стапката на бременост кај тинејџерки беше намалена, 40 отсто од девојките остануваат бремени барем еднаш пред да наполнат 20 години (Whatever Happened to Childhood? The Problem of Teen Pregnancy in the United States — Што се случи со детството? Проблемот со бременост кај тинејџерки во Соединетите Држави, 1997 г.).

[Слика на страница 5]

Ризикот од бременост е поголем кај тинејџерките чии родители не живеат заедно

[Слика на страница 6]

Изгледа дека некои млади не ја сфаќаат врската меѓу сексот и бременоста

[Слика на страница 6]

Бременоста силно влијае и врз девојката и врз нејзините најблиски