Што бил првиот грев?
Гледиште на Библијата
Што бил првиот грев?
ОВА прашање не е само теоретско — одговорот е од голема важност за нас. Зошто? Затоа што непослушноста на Адам и на Ева кон Бог се одразила на сите идни генерации — сѐ до нашево време. Библијата вели: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, така и смртта се прошири на сите луѓе, бидејќи сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Но, како можело едно обично кинење и јадење на плод од некое дрво да донесе такви трагични последици?
Бог ги создал Адам и Ева и ги сместил во една прекрасна градина која изобилувала со хранливи растенија и плодородни дрвја. Не смееле да јадат само од едно дрво — „дрвото за познавање на доброто и злото“. Бидејќи имале слободна волја, тие можеле да изберат дали ќе го послушаат Бог или не. Сепак, Адам бил предупреден дека ‚во денот кога ќе јаде [од дрвото на познавањето], навистина ќе умре!‘ (Битие 1:29; 2:17).
Разумно ограничување
Ова ограничување не претставувало никаков проблем за Адам и Ева — тие можеле да јадат од сите други дрвја во градината (Битие 2:16). Освен тоа, оваа забрана не значела дека нешто не било во ред со нив ниту, пак, им го рушела достоинството. Доколку Бог им забранел некои расипани работи како, на пример, бестијалност или убиство, тогаш некој би можел да тврди дека совршените луѓе имале лоши склоности што требало да бидат ставени под контрола. Меѓутоа, јадењето било сосема природна и исправна потреба.
Дали забранетиот плод се однесува на интимните односи, како што тврдат некои? Во Библијата со ништо не се укажува на такво нешто. Како прво, кога Бог ја дал таа забрана, Адам бил сам и очигледно останал сам извесно време (Битие 2:23). Второ, Бог им рекол на Адам и на Ева да се ‚плодат и да се множат и да ја наполнат земјата‘ (Битие 1:28). Тој сигурно не би им заповедал да го прекршат неговиот закон за потоа да ги осуди на смрт затоа што ја послушале таа заповед! (1. Јованово 4:8). Трето, Ева јадела сама од плодот пред да јаде Адам, а потоа му дала и нему (Битие 3:6). Јасно, плодот не се однесува на интимните односи.
Чекор кон морална независност
„Дрвото на познавањето“ било дословно дрво. Сепак, тоа го претставувало Божјето право, како Владетел, да одлучува што е добро а што лошо за неговите човечки созданија. Затоа, јадењето од дрвото не било само кражба — земање на нешто што му припаѓа на Бог — туку и дрско посегање по морална независност, обид да се стекне самостојност. Забележи дека Сатана прво ја излажал Ева дека, доколку таа и нејзиниот Битие 3:4, 5).
маж јадат од плодот ‚навистина нема да умрат‘, а потоа ја уверувал: „Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, и вие ќе бидете како Бога, распознавајќи го доброто и злото“ (Но, кога Адам и Ева јаделе од плодот, не почнале да гледаат на доброто и злото како што гледа Бог. Всушност, Ева му рекла на Бог: „Змијата ме измами“ (Битие 3:13). Сепак, добро знаела што им заповедал Бог — дури и ѝ ја повторила таа заповед на змијата која ја користел Сатана да зборува со неа (Откровение 12:9). Значи, јасно е дека намерно не ја послушала (Битие 3:1-3). Но, Адам не бил измамен (1. Тимотеј 2:14). Наместо лојално да го послуша својот Творец, тој ја послушал својата жена и постапил независно, исто како неа (Битие 3:6, 17).
Покажувајќи дека сакаат да бидат независни, Адам и Ева непоправливо го оштетиле својот однос со Јехова и го втиснале печатот на гревот во своите тела, длабоко до самите гени. Точно, живееле стотици години, но почнале да умираат „во денот“ кога згрешиле, исто како што би се исушила една скршена гранка (Битие 5:5). Освен тоа, за првпат го изгубиле својот внатрешен мир. Почувствувале дека се голи и се обиделе да се скријат од Бог (Битие 3:7, 8). Покрај тоа, чувствувале и вина, несигурност и срам. Гревот кај нив предизвикал голем немир зашто совеста ги обвинувала дека згрешиле.
Постапувајќи во склад со она што го рекол и во склад со своите свети мерила, Бог праведно ги осудил Адам и Ева на смрт и ги истерал од Еденската градина (Битие 3:19, 23, 24). Така тие го изгубиле Рајот, среќата и вечниот живот, а ги почувствувале последиците од гревот, страдањето и смртта. Во каква трагична ситуација се нашла човечката раса! Сепак, веднаш штом му пресудил на првиот човечки пар, Бог ветил дека ќе ја надомести сета штета што ќе следи од нивниот грев, и тоа ќе го направи без да ги прекрши своите сопствени праведни мерила.
Јехова имал намера да им даде можност на потомците на Адам и на Ева да бидат ослободени од смртоносниот стисок на гревот. Тој им ја дал таа можност преку Исус Христос (Битие 3:15; Матеј 20:28; Галатите 3:16). Преку него, Бог ќе го отстрани гревот и сите негови последици, а целата Земја ќе ја претвори во рај, исполнувајќи ја намерата што ја имал уште во почетокот (Лука 23:43; Јован 3:16).
ДАЛИ СИ СЕ ПРАШАЛ?
◼ Од каде знаеме дека забранетиот плод не се однесува на интимните односи? (Битие 1:28).
◼ Што значело јадењето на забранетиот плод? (Битие 3:4, 5).
◼ Што направил Бог за да ги отстрани последиците од гревот? (Матеј 20:28).
[Истакната мисла на страница 29]
Забранетиот плод не се однесувал на интимните односи
[Слика на страници 28 и 29]
Ева сакала да биде како Бог и сама да одлучува што е добро а што лошо