Морален распад на светско ниво
Морален распад на светско ниво
„ИЗМАМА на секој чекор“, вели Дејвид Калахан, кој неодамна ја издаде книгата Култура на измамата (The Cheating Culture). Тој известува дека во САД, меѓу другото, „мамат средношколците и студентите“, има „пиратски“ филмови и музика, „кражби на работно место“, „големи скандали во здравството“ и се користат стероиди во спортот. На крајот, го дава следниов заклучок: „Кога на сето ова ќе му се додадат најразличните облици на кршење на етичките мерила и на законите, станува јасно дека се соочуваме со морална криза од огромни размери“.
Во весникот The New York Times пишуваше дека по ураганот Катрина, кој ги погоди САД во 2005 год., „следеше период на најголеми измами, проневери и запрепастувачки малверзации од страна на бирократскиот апарат во поновата историја“. Еден сенатор на САД извести: „Просто човек да не може да поверува колку дрски и очигледни беа измамите и проневерите, и колку многу средства беа фрлени на ништо!“
Рака на срце, сѐ уште има луѓе кои постапуваат човечки и несебично (Дела 27:3; 28:2). Но сепак, премногу често слушаме: „Што добивам јас од тоа? Каква корист ќе имам?“ Се чини дека тој став — ‚гледај си прво за себе‘ — денес станал правило.
Се вели дека, во минатото, еден важен фактор што водел до пропаѓање на разни цивилизации како, на пример, на Римското Царство, било токму себичното и бесрамно неморално однесување. Можно ли е она што се случува денес да е само вовед во нешто уште позначајно? Дали е точно дека денес ‚се зголемува беззаконието‘ во секој дел од светот — показател кој, според пророштвата од Библијата, ќе го означи крајот на целиот овој поредок? (Матеј 24:3-8, 12-14; 2. Тимотеј 3:1-5).
Пропаѓање на светско ниво
Во една статија од весникот Africa News, од 22 јуни 2006, во која стана збор за дејноста на една „група за истражување на сексуалното малтретирање и порнографијата“ во сиромашните предели на Уганда, стоеше дека „порастот на проституцијата и на злоупотребата на дрога во тоа подрачје се должи на запоставувањето на децата од страна на родителите“. Во весникот се вели: „Г. Дабанџи Салонго, од полициската станица во Кавемпе, кој е надлежен во Службата за заштита на децата и семејството, изјави дека страшно пораснал бројот на случаи на малтретирање на деца и на домашно насилство“.
Според еден психијатар во Индија, „општеството ги губи своите вредности и норми“. Еден филмски режисер од оваа земја изјави дека „сѐ поголемата злоупотреба на дрога и зголемениот сексуален неморал се уште еден показател дека Индија тоне во ‚развратот карактеристичен за Западниот свет‘“.
Ху Пејченг, генерален секретар на Кинеското друштво за сексологија во Пекинг, изјави: „Порано во нашево општество постоеше чувство за исправно и погрешно. Сега можеме да правиме што сакаме“. Една статија во списанието China Today го наведе следново: „Општеството станува сѐ потолерантно кон вонбрачните врски“.
„Се чини дека сите се спремни да се разголат и да го користат сексот за да продаваат сѐ и сешто“, забележа неодамна англискиот весник Yorkshire Post. „Пред два-триесет години, таквото однесување ќе предизвикаше силен гнев кај многу луѓе за кои ова ќе значеше кршење на утврдените морални мерила. Денес има слики со сексуална содржина на секој чекор, а порнографијата... е нашироко прифатена од општеството во целина.“ Весникот додаде: „Материјалите кои порано се сметаа прифатливи само за лица над 18 години, сега нормално си ги гледаат цели семејства, а според она што го велат поборниците за укинување на порнографијата, [таквите материјали] честопати се директно наменети за децата“.
The New York Times Magazine вели: „[Некои тинејџери] зборуваат за [своите сексуални искуства] толку отворено како да зборуваат за тоа што ќе има за ручек во училишната менза“. Во Tweens News, „родителски водич за деца на возраст од 8 до 12 години“, стоеше: „Со детски ракопис, едно девојче напишало трогателна порака: ‚Мајка ми ми врши притисок да излегувам со машки и да спијам со нив. Имам само 12 години... помогнете ми!‘“
Колку се смениле времињата! Канадскиот весник Toronto Star забележува дека, до неодамна, „самата помисла на тоа хомосексуалци или лезбејки да живеат заедно без да се кријат од јавноста беше незамислива од морална гледна точка“. Сепак, Барбара Фримен, професорка по општествена историја на Универзитетот Карлтон во Отава, вели: „Луѓето сега велат: ‚Што прави некој во приватниот живот си е негова работа. Никој нема право да ни се меша‘“.
Јасно е дека во последниве неколку децении, моралот доживеа страшен пад во многу делови од светот. Што ги предизвика овие коренити промени? Што мислиш ти лично за нив? И, на каква иднина укажуваат тие?