За што зборува Библијата?
За што зборува Библијата?
НЕКОИ ја сметаат Библијата за книга во која се зборува за историја, зашто во неа има информации за тоа како постапувал Бог со луѓето во текот на илјадници години. Други ја сметаат за книга која зборува за моралот. Тоа го мислат затоа што таа содржи преку 600 правни, семејни, морални и верски закони и правила што Бог им ги дал на Израелците. Трети, пак, ја сметаат Библијата за духовна книга во која ни се откриени Божјите мисли.
Во суштина, сите овие мислења се точни. Библијата сама за себе вели: „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста, за да биде Божјиот човек вистински способен и потполно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17). И навистина, сѐ што е запишано во Божјата реч — сите историски записи, законите и духовните совети — е многу вредно.
Меѓутоа, Библијата не е само збирка на корисни информации. Таа е единствената книга во која се изнесени објавите на Јехова Бог. Во неа Бог ни дал практични совети за секојдневниот живот. Таа, исто така, ни кажува која е неговата намера со Земјата и луѓето, а ни покажува и дека тој ќе ги отстрани сите причини за страдањата на луѓето. Што е најважно, Библијата објаснува дека намерно била дадена погрешна слика за Бог и ни кажува како тој ќе го реши овој спор што ги засега сите.
Бог е наречен лажливец и лош владетел
Библијата кажува дека Бог ги создал првите луѓе, Адам и Ева, со совршен ум и тело и ги сместил да живеат во идеални услови. Им дал да се грижат за Земјата и за животните (1. Мојсеева 1:28). Како Божји деца, Адам и Ева имале можност вечно да живеат на Земјата, под услов да му бидат послушни на својот небесен Татко. Тој им забранил само една работа. „Од секое дрво во градината можеш да јадеш до ситост“, рекол Јехова. „А од дрвото на спознанието на доброто и злото не смееш да јадеш, зашто во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:16, 17).
Меѓутоа, едно духовно суштество, кое во Библијата е наречено Сатана Ѓаволот, го рекло токму обратното: „Не, вие нема да умрете“ (1. Мојсеева 3:1-5). Со тоа што отворено ги оспорил зборовите на Бог, Сатана не само што го нарекол Творецот лажливец, туку и сакал да каже дека не владее како што треба — дека на човекот ќе му биде подобро без Бог. Сатана ја убедил Ева дека, ако не му биде послушна на Бог, ќе биде слободна и независна, па ќе може самата да одредува што е добро а што не. Ѝ рекол дека ќе биде „како Бог“! На тој начин Сатана го извалкал доброто име на Јехова и ја нападнал неговата намера.
Овој разговор имал сериозни последици. Всушност, главна тема на Библијата е намерата на Јехова да си го исчисти името од лагите. Ова е опфатено во молитвата што ја кажал Исус, која уште е позната како Оченаш. Исус ги поучил своите следбеници да се молат: „Да се свети името твое. Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја... на земјата“ (Матеј 6:9, 10).
Што презел Бог за да го исчисти своето име
Сатана покренал некои многу важни прашања: ,Кој ја кажува вистината — Јехова или тој? Дали Јехова владее со своето творештво добро и праведно? Има ли право да очекува луѓето да му бидат послушни? Дали на луѓето навистина ќе им биде подобро ако самите
си владеат?‘ За да даде одговор на овие прашања, Јехова им дозволил на луѓето привремено сами да си владеат.Каков е резултатот од тоа? Уште од првата лага кажана во Еден, човечката историја е полна со маки и страдања, а тоа докажува дека Сатана е невиден лажливец и дека независноста од Бог донесува само несреќа. Меѓутоа, Јехова, кој е бескрајно мудар и ги сака луѓето, има намера да го исчисти своето име така што ќе ги отстрани сите неволји што почнале во Еден. Тоа ќе го направи со посредство на месијанското Царство. Што е ова Царство?
Царството — решение од Бог
Милиони луѓе редовно ја кажуваат молитвата Оченаш. Размисли за момент што значи оваа молитва. На пример, размисли за зборовите: „Да дојде царството твое“ (Матеј 6:10). Тоа Царство не е само некоја апстрактна состојба на срцето, како што мислат некои. Напротив, зборот „цар“ укажува дека се работи за влада — небесна влада на чие чело стои Исус Христос, ‚Царот над царевите‘ (Откровение 19:13, 16; Даниел 2:44; 7:13, 14). Библијата кажува дека тој ќе владее над целата Земја, ќе воспостави вечен мир и хармонија меѓу сите луѓе и ќе ја исчисти сета злоба од Земјата (Исаија 9:6, 7; 2. Солуњаните 1:6-10). Со ова, Божјето Царство — а не некоја човечка влада — ќе ги исполни зборовите на Исус: „Да биде волјата твоја... на земјата“.
За сигурно да се исполнат овие зборови, Исус го дал својот живот како откупнина со која потомците на Адам се откупени од гревот и од смртта (Јован 3:16; Римјаните 6:23). Според тоа, под владеењето на Божјето Царство, сите што покажуваат вера во жртвата на Христос ќе видат како ги снемува последиците од гревот на Адам и како луѓето стануваат совршени (Псалм 37:11, 29). Тогаш, засекогаш ќе ги снема болестите што нѐ измачуваат, особено на стари години. ‚Ќе поминат‘ дури и емоционалните болки што болестите и смртта им ги нанесуваат на луѓето (Откровение 21:4).
Зошто можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе си ги исполни ветувањата? Една причина е тоа што буквално стотици пророштва запишани во Библијата веќе се оствариле. (Види на 9. страница.) Од ова е очигледно дека довербата во Библијата не е резултат на слепа лековерност или нереалистично размислување, туку се темели на здрав разум и безброј докази (Евреите 11:1).
Практични совети за наше време
Освен што ни дава цврста надеж за иднината, Библијата ни помага уште денес да живееме среќен живот. На пример, Божјата реч ни дава извонредни практични совети за бракот, за семејниот живот, за меѓучовечките односи, за среќата и за многу други теми. Да разгледаме само неколку примери.
◼ Размисли пред да кажеш нешто. „Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е лек“ (Изреки 12:18).
◼ Не биди љубоморен од себични причини. „Мирното срце е живот за телото, а љубомората е гнилеж за коските“ (Изреки 14:30).
◼ Воспитувај си ги децата. „Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди, па нема да скршне од него ни кога ќе остари.“ „Дете распуштено ја срамоти мајка си“ (Изреки 22:6; 29:15).
◼ Простувај. Исус рекол: „Среќни се милосрдните, зашто ќе им биде покажано милосрдие“ (Матеј 5:7). Мудриот цар Соломон напишал: „Љубовта ги покрива сите престапи“ (Изреки 10:12). Ако некој толку многу ти згреши што не можеш да простиш и да преминеш преку тоа, Библијата советува: „Оди и насамо укажи му на неговиот престап“ (Матеј 18:15).
◼ Немој да ги сакаш парите. „Љубовта кон парите е корен на секакви зла и, поради неа, некои... си нанесоа многу маки“ (1. Тимотеј 6:10). Забележи дека Библијата ја осудува „љубовта кон парите“, а не парите.
„Писмо“ од нашиот небесен Татко
Гледаме дека Библијата зборува за многу работи. Како што видовме, првенствено зборува за Бог и за неговата намера. Но, зборува и за нас, луѓето, и за тоа како да бидеме среќни сега и засекогаш под владеењето на Божјето Царство. Во извесна смисла, Библијата Матеј 6:9). Преку неа, Јехова ни ги кажал своите скапоцени мисли и ни открил која е неговата намера и колку прекрасна личност е тој.
е како писмо од Јехова, нашиот ‚Татко, кој е на небесата‘ (Кога ја читаме Библијата и размислуваме за неа, почнуваме да го гледаме Бог онаков каков што навистина е. Тоа, пак, нѐ допира до срце и нѐ приврзува кон него (Јаков 4:8). Сосема е јасно дека Библијата не е само книга во која се запишани историја, пророштва и закони. Таа ни помага да имаме добар однос со Бог и да бидеме блиски со него. Поради ова, таа навистина е уникатна и скапоцена книга (1. Јованово 4:8, 16).
[Истакната мисла на страница 19]
Темата на Библијата убаво е опфатена во првите неколку реченици од молитвата што ја кажал Исус
[Рамка/слика на страница 21]
КАКО ДА ЈА ЧИТАМЕ БИБЛИЈАТА
Библијата е извонредна книга за читање. Всушност, случките и моралните поуки од неа се толку познати што заземаат значајно место во книжевноста на многу јазици. Библијата ни помага да го запознаеме нашиот Творец, Јехова Бог. Исто така, од неа црпиме многу мудрости. Една библиска изрека вели: „Мудроста е најважна. Стекни мудрост и со сиот свој имот стекни разборитост“ (Изреки 4:7). Како да извлечеш најголема корист од читањето на Библијата?
Одвој си време да ја читаш Библијата кога си најсвеж. Немој само да прелетуваш преку текстот. Постави си цел да ги внесуваш во својот ум Божјите мисли, но и да ги разбереш. Откако некое време ќе читаш, застани за момент, размислувај за она што си го прочитал и спореди го со она што веќе го знаеш. Така подобро ќе ги сфатиш работите и ќе бидеш уште поблагодарен што ја имаш Библијата (Псалм 143:5).
Некои можеби се прашуваат: ‚Од каде да почнам да ја читам Библијата?‘ Се разбира, можеш да почнеш од почетокот. Но, на некои што првпат ја читаат, можеби ќе им биде полесно ако почнат со евангелијата — Матеј, Марко, Лука и Јован — во кои се опишани животот и службата на Исус. Потоа, некои продолжуваат со убавите и мудри поетски книги: Псалми, Изреки и Проповедник. Откако ќе ги прочиташ овие книги, можеби ќе имаш желба да ги прочиташ и другите делови од Библијата. (Види подолу.) Но, немој да си мислиш дека треба да го прочиташ само делот што обично се нарекува Нов завет. Не заборавај, „целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно“ (2. Тимотеј 3:16).
Еден особено успешен начин да ја проучуваш Библијата е ако ја читаш тема по тема. На пример, во книгата Што навистина учи Библијата?, која Јеховините сведоци ја користат за да ги поучуваат луѓето, има многу важни теми, како што се: „Како можеш да имаш среќен семеен живот“, „Религија што ја одобрува Бог“ и „Каде се мртвите?“ (Види ја рамката на 18. страница.)
[Рамка на страница 21]
ЧИТАЊЕ НА БИБЛИЈАТА ПО ТЕМА
Потеклото на животот и гревот на човекот 1. Мојсеева
Основањето на древниот Израел Од 2. Мојсеева до 5. Мојсеева
Возбудливи настани Од Исус Навин до Естира
Трогателна поезија и песни Јов, Псалми, Песна над песните
Животна мудрост Изреки, Проповедник
Пророштва и морални совети Од Исаија до Малахија и Откровение
Животот и учењата на Исус Од Матеј до Јован
Почеток и ширење на христијанството Дела
Писма до собранијата Од Римјаните до Јуда