Музиката — Божји дар за душата
Музиката — Божји дар за душата
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШПАНИЈА
МУЗИКАТА има силно влијание — може да нѐ смири, да ни ја врати силата и да нѐ расположи. Преку неа можеме да ја изразиме и радоста и тагата. Музиката отсекогаш била присутна речиси во сите култури бидејќи може да допре и до умот и до срцето. Таа е вистински дар од Бог! (1. Мојсеева 4:21).
Најверојатно, уште кога сме се родиле, сме дошле во допир со музиката. Можеби нашите мајки нѐ заспивале пеејќи ни приспивни песни. Можеби многу сме ја засакале како тинејџери. Дури и како возрасни, многумина од нас уживаат во пријатна музика додека возат или на крајот од еден напорен ден.
Текстовите на песните честопати се занимаваат со културата или историјата на некоја земја. Старите Израелци имале обичај да пеат поради некои значајни настани (2. Мојсеева 15:1-21; Судиите 5:1-31). Пророкот Мојсеј напишал песна што содржела елементи од историјата и опомени упатени до народот (5. Мојсеева 32:1-43). Најверојатно, со помош на песни подобро се памтеле таквите настани.
И ти можеш да музицираш!
Можеби си мислиш дека си „антиталент за музика“, но размисли за твојот глас. Благодарение на разноликоста на овој вграден инструмент, речиси секој може до извесна мера да музицира, сеедно дали соло или во придружба на други инструменти. Сѐ што треба е да ја отвориш устата и да пееш. Немој многу да се секираш ако другите не се одушевени од твојот глас. Ако вежбаш, најверојатно ќе пееш подобро.
„Гласот е директно поврзан со изворот на нашите најдлабоки чувства и е најефикасниот инструмент што може да ги изрази“, стои во шпанското издание на списанието Psychologies. „[Пеењето] е возбудливо“, вели сопранистката Аиноа Артета. „На оние што им се пее им препорачувам да го прават тоа слободно и спонтано.“
Но, бидејќи музиката може длабоко да влијае врз срцето, треба да бидеме избирливи што слушаме. На пример, зад некои убави мелодии се кријат одвратни текстови со кои се оправдува, па дури и се велича омразата, неморалот или насилството — работи што не се забавни за еден човек што сака да му служи на Бог (Ефешаните 4:17-19; 5:3, 4). „Од сѐ што треба да се чува, најмногу чувај си го срцето, зашто од него извира животот“ (Изреки 4:23). Според тоа, многу е важно каква музика ќе избереме. a
Добрата музика може да биде добар лек
„Една од причините зошто среќаваме музика во речиси сите култури е тоа што таа влијае добро врз здравјето“, стои во книгата Прирачник за справување со стресот (Principles and Practice of Stress Management). Според списанието Psychologies, додека пееме, целото тело вибрира. Овие нежни вибрации ги опуштаат и ги шират ткивата, а тоа може да ги смири болките.
Затоа, на своите пациенти што патат од стрес, некои психијатри им препорачуваат да слушаат тивка музика што може да ги расположи. Музика се пушта и во некои болници, на одделенијата за интензивна нега. Пријатната музика честопати влијае
позитивно врз недоносчињата и врз штотуку оперираните пациенти. Според книгата Прирачник за справување со стресот, истражувањата покажуваат дека слушањето тивка музика „значително го намалува нивото на хормонот на стрес при операција“.Музиката им го олеснува породувањето на родилките бидејќи може да им помогне да се опуштат. Некои заболекари им пуштаат пријатна музика на своите вознемирени пациенти. Но, музиката може да ни користи и на друг начин. Таа може да ни помогне да станеме поблиски со Бог.
‚Со песна ќе го фалам Бог‘
Си знаел ли дека околу една десеттина од Библијата ја сочинуваат песни? Типичен пример за тоа се книгите Псалми, Песна над песните и Плач Еремиин. Затоа, не е чудно што, на повеќето места во Библијата (на околу 300 места), зборот „песна“ е поврзан со обожавањето на Бог. Израелскиот цар Давид, инаку надарен музичар и композитор, рекол: „Јехова ми е сила... Со песна ќе го фалам“ (Псалм 28:7).
Всушност, Давид организирал 4.000 мажи од племето на Леви да служат како музичари и пејачи во Ерусалим. Двесте осумдесет и осум од нив биле „извежбани и вешти во пеењето песни во чест на Јехова“ (1. Летописи 23:4, 5; 25:7). Најверојатно, овие пејачи постојано вежбале. Всушност, музиката била толку важен дел од службата за Бог што пејачите биле ослободени од другите задолженија во храмот за да можат да се сконцентрираат на својата задача (1. Летописи 9:33).
Ноќта пред да умре, Исус и неговите апостоли му пееле фалбени песни на Бог, најверојатно Псалмите од 113 до 118. Во времето на Исус, овие псалми — познати како „Халел псалми“ — се пееле за време на Пасхата (Матеј 26:26-30). Наречени се „Халел псалми“ бидејќи во нив честопати се користи извикот „Алилуја!“, што значи „Фалете го Јах!“ „Јах“ е скратена, поетска форма на Јехова, името на Севишниот Бог (Псалм 83:18).
И христијаните го сметале пеењето за дел од својата служба за Бог. Во книгата Историја на музиката (The History of Music) пишува: „Првите христијани редовно пееле песни во чест на Бог — сами, но и кога се собирале заедно. За еврејските христијани ова било само продолжение на обичаите од синагогата... Освен хебрејските псалми... новата вера постојано создавала и други песни“. Истото е случај и денес — Јеховините сведоци со задоволство го фалат Бог преку песна — сами или на состанок со другите христијани.
Речиси сите чувства можат да се изразат преку музиката. Таа има силно влијание врз срцето, умот и телото. Затоа, треба да покажеме почит кон овој „совршен подарок... одозгора“ користејќи го често, но и мудро (Јаков 1:17).
[Фуснота]
a Освен песни што поттикнуваат на омраза, неморал или насилство, оние што ги сакаат Бог и ближните никогаш не слушаат ни музика што ги велича идолопоклонството, национализмот или религиозните лаги (Исаија 2:4; 2. Коринќаните 6:14-18; 1. Јованово 5:21).