Биди задоволен со својата боја на кожата
Биди задоволен со својата боја на кожата
● Некои жители на Африка, Југоисточна Азија, Карибите и Блискиот Исток го поврзуваат светлиот тен со благосостојба и убавина. Од таа причина, голем број мажи и жени од овие места користат производи за избелување на кожата, некогаш и по цена на здравјето.
Некои креми за избелување содржат хидрокинон, хемиска состојка која го спречува создавањето на меланин, со што ослабува природната заштита на кожата од ултравиолетовото зрачење. Хидрокинонот продира во кожата и може трајно да го оштети сврзното ткиво, а резултатот е предвремено стареење. Оваа хемиска супстанција може да биде и причина за појава на рак. Други креми содржат жива, која исто така е отровна.
Освен тоа, при долготрајна употреба на вакви производи може да се појават грди осипи и црвени дамки, или кожата може толку да ослаби што не ќе може да се сошие ако биде пресечена. А доколку хемиските состојки од некои од овие производи навлезат во крвотокот, може да го оштетат црниот дроб, бубрезите или мозокот, па дури и да предизвикаат некој орган да откаже.
Иронично, луѓето со темна кожа сакаат да бидат посветли, а мнозина, пак, со светла кожа прават сѐ за да добијат темен тен. Се разбира, умерената изложеност на сонце може да влијае добро врз здравјето, на пример, да го поттикне произведувањето на витамин D. Но, може да биде штетно да останеме на сонце подолго време, посебно ако тоа е искачено високо на небото. Всушност, кога некој ќе фати боја, тоа покажува дека кожата веќе е оштетена до извесна мера и дека се обидува да се заштити од понатамошна изложеност на штетните ултравиолетови зраци. Меѓутоа, оваа заштита е ограничена. На пример, факторот на заштита што го има исончаната светла кожа не е поголем од четири. Иако може да биде од помош редовно да се користи лосион за сончање, тој нема целосно да те заштити од оштетување на кожата и од извесни видови рак, меѓу кои и меланомот.
Од таа причина, Светската здравствена организација препорачува „да се шири пораката дека секој треба да биде задоволен со својата природна боја на кожата“, што „е важен чекор кон поуспешна заштита од штетното влијание на сончевите зраци“. Меѓутоа, мудро е да се концентрираме на она што Библијата го нарекува „тајниот човек на срцето“, кој, за разлика од кожата што старее, со текот на времето може да се разубавува! (1. Петрово 3:3, 4; Изреки 16:31).