Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Совети за безбедност на постарите

Совети за безбедност на постарите

Совети за безбедност на постарите

ЕДНО девојче мислиш лета по лизгалиштето. Одеднаш се подлизнува и се струполува на мразот. Но, за неколку секунди повторно е на нозе и поминува само со зацрвенети образи од срам. Една постара жена се спрепнува дома и паѓа, при што го крши колкот. Следи операција и повеќемесечна рехабилитација. Од страв да не падне повторно, избегнува физички активности, поради што сѐ повеќе ја губи силата.

Во една земја на Запад, секоја година паѓаат повеќе од третина од луѓето над 65 години. Освен тоа, најголемиот број од смртните случаи во истата старосна група се последица од пад. Со добра причина за постарите Библијата вели: „Човек ќе почне да се плаши од височина и да страхува на пат“ (Проповедник 12:5).

Иако староста честопати носи физички тешкотии, можеш да направиш нешто за да ја зголемиш личната безбедност и да си го олесниш животот. Како прво, можеш да се потрудиш колку што е можно да ги сочуваш здравјето и силата што ги имаш. Како второ, можеш својот дом да го направиш побезбедно место за живеење.

Чувај ги здравјето и силата

Како што старееме, може да имаме сѐ помала координација и сѐ повеќе проблеми со видот и со рамнотежата. Може да станеме и покревки затоа што ни ослабуваат мускулите и коските. Но, редовната физичка активност и добрите навики на исхрана можат да го забават овој процес. „Важно е да се прават вежби што ги подобруваат рамнотежата, држењето на телото, силата и еластичноста“, вели Нита, која е физиотерапевт.

Во една своја публикација, Министерството за здравство и социјална помош на САД наведува: „Без разлика на здравствените и физичките способности, постарите можат да имаат голема корист ако останат физички активни. Дури и ако не ти е лесно да стоиш или да се движиш, сѐ уште можеш да правиш вежби што ќе ти користат за здравјето. Всушност, во повеќето случаи, поголема штета ќе има ако не вежбаш отколку ако вежбаш“. * Меѓу другото, физичката активност ќе ти помогне во борбата против срцевите заболувања, болките во зглобовите, остеопорозата и депресијата. Може да ти ги подобри циркулацијата, варењето и сонот, а може да ја зголеми и твојата самодоверба и подвижност.

Ако не си вежбал претходно, добро е, пред да почнеш со вежбање, да разговараш со доктор. Кажи му и ако чувствуваш слабост или болка во градите додека вежбаш. Всушност, во таков случај можеби е најдобро да повикаш итна помош. Сфати ги сериозно ваквите симптоми, затоа што можат да бидат опасни! А препорачливо е и да одиш на очен лекар еднаш годишно.

Што се однесува до исхраната, избегнувај оброци што содржат малку витамини и минерали, дури и ако се приготвуваат брзо и лесно. На постарите особено им треба храна богата со витамин Д и калциум, кои се неопходни за да се одржи коскената маса или барем да се забави нејзиното губење. Затоа труди се во оброците да вклучиш интегрални житарки, млечни производи со ниска масленост и свежо овошје и зеленчук. Пред да направиш поголеми измени во начинот на исхрана, разговарај со својот доктор. Тој може да ти даде корисни предлози во врска со исхраната или да ти посочи која храна да ја избегнуваш поради одредени здравствени ризици.

Освен тоа, труди се да пиеш доволно течности. Дехидрираноста, до која често доаѓа кај постарите луѓе, особено кај оние што живеат сами или во домови за стари лица, може да доведе до пад, запек, слаба еластичност на кожата, инфекција, па дури и смрт.

Направи го домот побезбеден

Луѓето најчесто паѓаат дома. Но, ако преземеш неколку практични мерки на претпазливост, можеш значително да го намалиш ризикот да паднеш. Додека ги читаш следниве совети, размислувај за својот дом.

Бања:

● Подот не треба да се лизга кога е влажен.

● Туш-кабината или кадата треба да се изработени така што нема да се лизгаат или во нив треба да има гумена простирка, а во случај да има столица за туширање треба славината да може лесно да се дофати од неа. Може да е од помош и туш на црево за да не мора да стануваш додека се капеш.

● Добро е да има рачки за кои ќе можеш да се придржиш додека влегуваш или излегуваш од кадата или по користење тоалет. Тие треба да бидат издржливи и добро прицврстени. Важно е и шолјата да биде доволно висока за да седнуваш и да стануваш од неа без многу напор.

● Постојано имај вклучено ноќни светилки или користи батериска ламба.

Скали:

● Скалите треба да се во добра состојба, добро осветлени и да не се натрупани со предмети.

● Треба да има стабилни рачки на двете страни од скалите како и простирки што не се лизгаат, и прекинувачи за светло и на долниот и на горниот крај од нив.

● Качувањето и слегувањето по скали може да им помогне на постарите да ја одржуваат цврстината на нозете. Но, ако имаш проблем со рамнотежата, гледај да не се качуваш сам по скалите.

Спална соба:

● Остави доволно простор за да можеш слободно да се движиш околу креветот и другиот мебел.

● Имај столица каде што ќе можеш да седнеш за да се облечеш.

● Имај светилка или батериска ламба на дофат додека си в кревет.

Кујна:

● На работните маси не треба да има многу предмети за да можеш лесно да ставиш прехранбени продукти или други работи.

● Подот треба да не биде лизгав и да не дава отсјај.

● Предметите во кујнските шкафчиња не треба да се ниту превисоко ниту прениско ставени, туку треба да можат лесно да се дофатат без туѓа помош. Труди се да не користиш скаличка за таа цел, и никогаш не се качувај на столица!

Општо:

● Патот до тоалетот или до други места каде што можеби одиш навечер нека биде осветлен со ноќни светилки.

● Кога не си потполно буден или раздвижен, од помош може да ти биде да користиш бастун или други помагала.

● Столиците треба да бидат стабилни (без тркалца), да имаат потпирачи за раце и да бидат со соодветна височина за да можеш лесно да седнуваш или да стануваш.

● За да не се спрепнеш, треба да ги поправиш, замениш или отстраниш излижаните теписи, подигнатиот линолеум или скршените плочки. Сите електрични кабли постави ги покрај ѕидовите, а не преку местата на кои се минува.

● Може лесно да се спрепнеш и од килимите, па затоа тргни ги од местата каде што веќе има теписон. Ако се ставени на мазен под, на пример на плочки или на паркет, од долната страна треба да имаат подлога што не се лизга.

● Избегнувај да носиш топлинки што се раширени или износени, што немаат покриен заден дел или ѓон што не се лизга. И не носи сандали или чевли со високи потпетици.

● Некои лекови предизвикуваат зашеметеност или нестабилност. Ако се почувствуваш така откако си зел лек, задолжително кажи му на докторот. Можеби самиот ќе реши да ти ја смени препишаната доза или ќе ти даде друг лек.

Ако забележиш дека нешто треба да се сработи, но ризично е ти да го направиш, побарај помош од некој член на твоето семејство, пријател или од некој што е одговорен за одржувањето на објектот во кој живееш. И потруди се да не одолговлекуваш.

Што можат да направат другите

Ако имаш остарени родители, баба, дедо или пријатели, што можеш да направиш за да им помогнеш да не паднат и да се повредат? Како прво, би можел тактично да ги разгледаш со нив предлозите што беа спомнати и да им помогнеш околу промените што е потребно да се направат. Ако има потреба, би можел да им приготвиш хранлив оброк еднаш-двапати седмично. За постарите е важно и редовно да вежбаат. Можеш ли да прошеташ заедно со нив, можеби додека вршиш некои други работи? Многу од постарите со задоволство би излегле од дома ако со нив е некој во кого имаат доверба. Во некои земји владата обезбедува домашна нега, физикална терапија или ерготерапија, како и совети за безбедност во домот. Твојот доктор би требало да може да ти посочи како да добиеш такви услуги.

Нашиот Творец, кој и самиот е наречен „Прадревниот“, бара да покажуваме почит кон постарите, особено кон нашите остарени родители (Даниел 7:9). Тој заповедал: „Почитувај ги татка си и мајка си“ (2. Мојсеева 20:12). Исто така ни кажува: „Пред седа глава стани, почитувај го лицето на стар човек и бој се од својот Бог“ (3. Мојсеева 19:32). Да, со тоа што ги почитуваме постарите покажуваме дека вистински го почитуваме Бог! Од друга страна, кога постарите се искрено благодарни за помошта што ја добиваат, просто сакаме да им обрнеме внимание со љубов и почит. А она што го правиме за нив воопшто не е товар. Напротив, ни претставува задоволство!

[Фуснота]

^ пас. 7 Хрватското издание на Разбудете се! од 22 мај 2005 подетално зборува за користите од редовното вежбање.

[Рамка/слики на страница 15]

ЕЛЕКТРОНСКА ПОМОШ ВО ИТЕН СЛУЧАЈ

Во некои земји, постарите можат да набават мал електронски уред кој им овозможува само со притискање на едно копче да повикаат помош во итен случај, како на пример ако лошо паднат. Овој уред може да се носи на врат или на рака. Ако може да се набави во твоето место, веројатно ќе ти користи да го имаш, особено ако живееш сам.