Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Како да бидеш добар татко

Како да бидеш добар татко

„Каде згрешив?“ Ова прашање го мачело Мајкл a од Јужноафриканската Република. Иако дал сѐ од себе да биде добар татко, секојпат кога ќе помислел на својот бунтовен 19-годишен син, се прашувал дали можел да биде подобар родител.

Од друга страна, пак, се чини дека Тери од Шпанија успеал да ги изведе своите деца на прав пат. Неговиот син, Ендру, вели: „Од кога памтам за себе, татко ми ми читаше, си играше со мене, а знаевме и да отидеме некаде заедно само ние двајцата. Со него учењето никогаш не беше досадно“.

Се разбира, не е лесно да се биде добар татко. Но, Библијата дава совети кои може да бидат од помош. Многу татковци увиделе колку е корисно за целото семејство кога ја применуваат мудроста содржана во оваа книга. Да разгледаме неколку практични совети од Библијата што може да им помогнат на татковците.

1. Поминувај време со семејството

Како татко, како ќе им покажеш на твоите деца колку ти значат? Сигурно за нив правиш многу работи, во што спаѓаат и жртвите за да ги прехраниш и да им обезбедиш покрив над главата. Веројатно не би го правел тоа ако децата не ти се важни. Па сепак, ако не поминуваш доволно време со нив, би можеле да заклучат дека други работи — пријателите, работата, твоите хобија итн. — ти се поважни од нив.

Кога еден татко треба да почне да поминува време со своите деца? Мајката почнува да формира врска со своето дете додека е сѐ уште во нејзината утроба. Околу 16 седмици по зачнувањето, нероденото бебе може да почне да слуша. Во оваа фаза, и таткото може да почне да формира посебна врска со своето неродено дете — да слуша како му чука срценцето, да го чувствува како клоца, да му зборува и да му пее.

Библиско начело: Во библиски времиња, мажите биле лично вклучени во образованието на своите деца. Татковците биле поттикнати редовно да поминуваат време со децата, како што може да се види од зборовите запишани во Библијата во 5. Мојсеева 6:6, 7: „Овие зборови што ти ги заповедам денес нека ти се врежат во срцето. Всадувај ги во своите деца и зборувај им за нив кога седиш во својата куќа и кога одиш по пат, кога легнуваш и кога стануваш“.

2. Добриот татко комуницира со децата

Сослушај го детето смирено и без да му судиш

За да имаш добра комуникација со своите деца, треба внимателно да ги слушаш. Научи да слушаш без да реагираш претерано.

Ако твоите деца мислат дека брзо ќе избувнеш и ќе ги осудиш што и да ти кажат, веројатно нема да бидат спремни да ти се отворат. Но, ако смирено ги сослушаш, ќе покажеш дека си искрено заинтересиран за нив. Тогаш има многу поголеми шанси да ти ги откријат своите најдлабоки мисли и чувства.

Библиско начело: Мудроста од Библијата се покажала корисна во многу аспекти од животот. На пример, Библијата вели: „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев“ (Јаков 1:19). Татковците кои го применуваат ова библиско начело имаат подобра комуникација со своите деца.

3. Укорувај со љубов и пофалувај

Дури и ако си нервозен или лут, исправката што ќе им ја дадеш на децата треба да биде одраз на твојата љубов кон нив и доказ дека им го мислиш најдоброто. Исправката треба да вклучува совет, карање, поука и, кога е потребно, казна.

Освен тоа, исправката е многу поефикасна кога таткото редовно ги пофалува своите деца. Една древна изрека гласи: „Зборови кажани во право време се златни јаболка во сребрени садови“ (Изреки 25:11). Пофалбата им помага на децата да развијат убави особини. Децата стекнуваат самодоверба кога нивните родители го забележуваат и го ценат она што го прават. Еден татко кој бара прилики да ги пофали децата им ја гради самодовербата и ги мотивира да не престанат да го прават она што е исправно.

Библиско начело: „Татковци, не огорчувајте ги своите деца, за да не станат малодушни“ (Колошаните 3:21).

4. Сакај ја и почитувај ја својата жена

Начинот на кој еден татко ја исполнува својата улога како сопруг има големо влијание врз децата. Група експерти за развој на децата дошле до следниов заклучок: „Една од најдобрите работи што еден татко би можел да ги направи за своите деца е да ја почитува нивната мајка... Кога гледаат дека таткото и мајката меѓусебно се почитуваат, децата се чувствуваат среќни и сакани“ (The Importance of Fathers in the Healthy Development of Children). b

Библиско начело: „Мажи, сакајте ги своите жени... Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе“ (Ефешаните 5:25, 33).

5. Применувај ги мудрите совети од Бог

Татковците кои имаат длабока љубов кон Бог можат да им остават на своите деца бесценето наследство — близок однос со нивниот небесен Татко.

Еден Јеховин сведок по име Антонио со децении напорно се трудел да ги воспита своите шест деца. Кога пораснала, една од неговите ќерки му напишала: „Тато, сакав само да ти се заблагодарам што ме научи да го сакам Јехова Бог, да ги сакам другите и да се сакам себеси — со еден збор да станам урамнотежена личност. Ми покажа дека го сакаш Јехова и дека се грижиш за мене. Фала што Јехова ти беше најважен во животот и што своите деца ги сметаше за дар од Бог!“

Библиско начело: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила. И овие зборови што ти ги заповедам денес нека ти се врежат во срцето“ (5. Мојсеева 6:5, 6).

Очигледно, да се биде татко вклучува многу повеќе од петте работи што ги спомнавме. И, реално гледано, дури и ако даваш сѐ од себе за да бидеш добар татко, нема да бидеш совршен. Но, колку повеќе се трудиш да ги применуваш начелата на еден урамнотежен начин полн со љубов толку подобар татко ќе бидеш. c

a Некои имиња во оваа статија се сменети.

b Дури и ако таткото повеќе не е во брак со мајката на своите деца, доколку со неа постапува со почит и достоинство, тоа добро ќе влијае врз односот на децата со мајката.

c Повеќе совети за семејниот живот ќе најдеш во книгата Тајната на семејната среќа, која можеш да ја преземеш на интернет-страницата www.dan124.com/mk.