ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Здравје
Важно ли му е на Бог дали си го чуваме здравјето?
„Не биди меѓу оние што се опиваат со вино, ниту меѓу оние што лакомо јадат месо“ (Изреки 23:20).
ЗОШТО Е ВАЖНО
Библијата не е медицински прирачник ниту, пак, во неа се изнесени правила за секое поле од животот. Сепак, од помош ќе ни биде ако знаеме како гледа Бог на здравјето, а неговото гледиште е запишано во Библијата.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Има многу библиски стихови што ни помагаат да сфатиме дали на Бог му е важно како гледаме на нашето здравје. На пример, Библијата ги осудува штетните навики, како што се прекумерното јадење и пиење (Изреки 23:20). Законот кој Бог им го дал на древните Израелци содржел одредби за контрола, па дури и за спречување на некои болести. Во него имало и прописи за заштита од несреќи (5. Мојсеева 22:8). Очигледно, Библијата нѐ поттикнува да преземеме разумни мерки за да си го чуваме здравјето.
Според Библијата, зошто се разболуваме?
„Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта“ (Римјаните 5:12).
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО
Многумина мислат дека болестите се нуспроизвод на еволуцијата на човекот. Други сметаат дека причина за нашите здравствени проблеми се некои мистериозни сили, односно зли духови.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Според Библијата, се разболуваме затоа што првите луѓе се побуниле против Бог (Римјаните 5:12). Пред да се побунат, нашите прародители, Адам и Ева, имале совршено здравје. Тие знаеле дека ќе умрат ако го отфрлат Бог и сето она што тој го правел за нив (1. Мојсеева 2:16, 17). И покрај тоа, тие свесно си го расипале односот со Бог, поради што го изгубиле совршенството. a
Откако Адам и Ева се побуниле, станале несовршени, а несовршенството ни го пренеле и нам. Затоа, и покрај сите напори на луѓето да ги искоренат болестите, ние сѐ уште се разболуваме.
ШТО МОЖЕШ ДА СТОРИШ
Библијата кажува дека, ако се помириш со Бог така што ќе живееш според неговите мудри начела, ќе имаш можност да добиеш совршено здравје во рајот на Земјата (Исаија 33:24). Бог ветува дека ќе ги отстрани болката, болестите и смртта (Откровение 21:3, 4).
Дали Библијата е против медицинските третмани?
„На здравите не им треба лекар, туку на болните“ (Матеј 9:12).
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО
Некои луѓе сметаат дека духовното лекување (уште познато и како исцелување со вера) е подобро од медицинските третмани.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Во библиски времиња, Бог дозволил да има лекари меѓу неговиот народ (1. Мојсеева 38:28; Колошаните 4:14). Ништо во Библијата не покажува дека Бог не одобрувал користење на лековити растенија, масла, посебен режим на исхрана и други медицински третмани. Всушност, Исус рекол дека „на здравите не им треба лекар, туку на болните“ (Матеј 9:12).
Меѓутоа, Библијата не вели дека секој вид на лекување е во ред. На пример, таа не го одобрува исцелувањето со вера што се врши денес. За Бог не се прифатливи ни лекувањата што вклучуваат спиритизам (Галатите 5:19-21). Значи, освен лекувањата што се осудени во Библијата, нема ништо погрешно, дури е и мудро, да се побара соодветна медицинска помош, доколку е достапна.
a Во оваа статија, зборовите „совршен“ и „совршенство“ укажуваат на доброто здравје што Бог им го дал на првите луѓе, односно на состојба без болести и смрт.