ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Предбрачен секс
Дали е погрешно да се има секс пред бракот?
„Божја волја е... да се воздржувате од блуд“ (1. Солуњаните 4:3)
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО
Во некои култури на сексуалните активности меѓу двајца возрасни што не се во брак се гледа како на нешто најнормално доколку и двајцата го прават тоа по своја волја. Во некои места разни сексуални активности се прифатливи дури и кога станува збор за тинејџери што не се во брак.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Во Библијата зборот „блуд“ се користи за одредени облици на сексуална активност меѓу лица кои не се во брак. Бог очекува неговите слуги ‚да се воздржуваат од блуд‘ (1. Солуњаните 4:3). Во Библијата, блудот е вброен меѓу сериозни гревови, како што се прељубата, спиритизмот, пијанството, идолопоклонството, убиството и крадењето (1. Коринќаните 6:9, 10; Откровение 21:8).
ЗОШТО Е ВАЖНО ОВА
Според Библијата, „Бог ќе им суди на блудниците“ (Евреите 13:4). Што е уште поважно, кога ги следиме Божјите закони во врска со сексот, покажуваме дека го сакаме Јехова Бог (1. Јованово 5:3). А тој, пак, ги благословува оние што ги слушаат неговите заповеди (Исаија 48:18).
Дали сексуалните активности меѓу лица што не се во брак се нешто погрешно?
„Блуд и секаква нечистотија или лакомост дури да не се спомнуваат меѓу вас“ (Ефешаните 5:3)
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО
Многу луѓе сметаат дека за двајца што не се во брак се дозволени сите облици на физичка интимност, освен сексуалните односи.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Кога зборува за неморалните сексуални активности, Библијата не го спомнува само блудот туку и сексуалната ‚нечистотија‘ и „бесрамните дела“ (2. Коринќаните 12:21). Очигледно, има разни облици на физичка интимност кои му се одвратни на Бог кога ги прават лица што не се во брак.
Ставот на Библијата во врска со сексот е дека сексуалната интимност е резервирана само за маж и жена што се во брак еден со друг. Библијата ја осудува и ‚незаузданата сексуална страст‘ (1. Солуњаните 4:5). На што се мисли со тоа? Еве еден пример што важи подеднакво и за мажите и за жените: Една девојка можеби е решена да нема секс со дечкото. Сепак, можеби е физички интимна со него на други начини. Со тоа покажуваат страст или копнеж за нешто што не им припаѓа. Затоа, виновни се за „незауздана сексуална страст“. А таквата сексуална страст е осудена во Библијата (Ефешаните 5:3-5).
Што ќе ни помогне да не направиме сексуален неморал?
„Бегајте од блуд!“ (1. Коринќаните 6:18)
ЗОШТО Е ВАЖНО ОВА
Според Библијата, лицата што се впуштаат во предбрачен секс го ставаат на коцка своето пријателство со Бог (Колошаните 3:5, 6).
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Библијата заповеда да ‚бегаме од блуд‘ (1. Коринќаните 6:18). Тоа значи дека треба да се држиме што е можно подалеку од сѐ што би можело да нѐ наведе на сексуален неморал (Изреки 22:3). На пример, за да останеме морално чисти, многу е важно да не сме блиски со луѓе што не се држат за Божјите начела во врска со сексот. Библијата предупредува: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20).
Ако си го полниме умот со неморални мисли, тоа исто така може да води до сексуален неморал (Римјаните 8:5, 6). Затоа, мудро е да избегнуваме музика, филмови, печатен материјал и сѐ друго што на несоодветен начин прикажува сексуални активности или што на кој било начин поттикнува на сексуално однесување кое Бог го мрази (Псалм 101:3).