ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Спиритизам
Погрешно ли е да се обидуваме да зборуваме со мртвите?
„Не обраќајте им се на оние што повикуваат духови... за да не станете нечисти поради нив“ (3. Мојсеева 19:31)
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:
Нормално е луѓето да сакаат да знаат дали нивните блиски што починале страдаат. Затоа, можеби си велат: „Зошто да не стапам во контакт со него или со неа преку спиритистички медиум? Можеби тоа што ќе го дознаам ќе ми донесе некакво олеснување и повеќе нема да се измачувам толку многу“.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Во Библијата многу јасно пишува каков став треба да имаме во врска со зборувањето со мртвите. Во неа пишува дека живите уште од многу одамна се обидувале да зборуваат со мртвите. На пример, во Законот што им го дал на Израелците, Јехова рекол: „Кај тебе нека не се најде... некој што повикува духови... ни некој што ги прашува мртвите. Зашто, секој што прави такво нешто му е одвратен на Јехова“ (5. Мојсеева 18:10-12). Исто така, во Библијата пишува дека оние што учествуваат во какви било спиритистички практики „нема да го наследат Божјето царство“ (Галатите 5:19-21).
Можат ли мртвите да влијаат врз живите?
„Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5)
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:
Многумина мислат дека мртвите продолжуваат да живеат во некој друг облик. Затоа можеби се обидуваат да стапат во контакт со нив. Можеби сакаат да дознаат некои информации од нив или сакаат да ги успокојат за да не ги малтретираат живите.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
„Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо... И љубовта нивна, и омразата нивна, и љубомората нивна ја снема“ (Проповедник 9:5, 6). Значи, Библијата јасно кажува дека мртвите не продолжуваат да живеат во друг облик и дека чувствата што ги имале додека биле живи веќе ги нема. Тие не можат да размислуваат, да работат ниту, пак, да го обожаваат Бог. Во Псалм 115:17 пишува: „Мртвите не го фалат [Бог]“.
Зарем спиритистичките медиуми понекогаш не даваат точни информации?
„Треба ли [луѓето] да... им се обраќаат на мртвите во корист на живите?“ (Исаија 8:19)
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:
Некои мислат дека спиритистичките медиуми можат да разоткријат информации што само починатиот и неговото семејство или пријатели ги знаат.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Во 28. поглавје од библиската книга 1. Самоилова се зборува за неверниот цар Саул кој ја прекршил Божјата заповед да не оди кај спиритистички медиум. Тој отишол кај една гатачка која навидум имала контакт со Божјиот слуга Самоил кој бил мртов. Но, дали таа навистина имала контакт со Самоил? Не! Гатачката, всушност, зборувала со еден измамник — некој што се преправал дека е починатиот Самоил.
Тој измамник бил еден зол дух, кој му служел на Сатана — ‚таткото на лагата‘ (Јован 8:44). Зошто злите духови, односно демоните, ја шират идејата дека по смртта луѓето продолжуваат да живеат? Нивната цел е да шират лаги за Бог и да ја поткопаат довербата на луѓето во неговата Реч, Библијата (2. Тимотеј 3:16).
Дали ова значи дека за мртвите нема никаква надеж? Се разбира дека не! Во Библијата пишува дека во иднина оние што ‚заспале‘, односно умреле, ќе воскреснат * (Јован 11:11-13; Дела 24:15). Во меѓувреме, можеме да бидеме сигурни дека нашите блиски што починале не доживуваат никакво страдање.
^ пас. 16 Поглавјето 7 од книгата Што навистина учи Библијата? носи наслов „Вистинска надеж за твоите најмили што умреле“.