Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Како да бидеш среќен

Како да бидеш среќен

„Ќе бидам среќен кога ќе стапам во брак и ќе имам деца.“

„Ќе бидам среќен кога ќе имам сопствен дом.“

„Ќе бидам среќен кога ќе ја добијам таа и таа работа.“

„Ќе бидам среќен кога...“

ДАЛИ некогаш и ти си помислил вакво нешто? А кога го оствари или кога го доби она што го сакаше, дали ја најде вистинската среќа? Или, со текот на времето, тоа чувство избледе? Се разбира, кога ќе постигнеме одредена цел или ќе добиеме нешто што сме го посакувале, тоа може да нѐ исполни со среќа. Но, таквата среќа не трае долго. Вистинската среќа не зависи од постигнувањата или од тоа колку или што имаме. Како што е случај и со физичкото здравје, вистинската среќа зависи од повеќе фактори.

Секој човек си е приказна за себе. Она што тебе ти причинува среќа можеби нема да му причинува среќа на некој друг. Освен тоа, со годините се менуваме. Сепак, како што потврдуваат искуствата, има некои работи што се тесно поврзани со среќата. На пример, вистинската среќа се поврзува со тоа да бидеме задоволни со она што го имаме, да не завидуваме, да ги сакаме луѓето и да задржиме позитивен став. Да дознаеме зошто.

 1. БИДИ ЗАДОВОЛЕН СО ОНА ШТО ГО ИМАШ

„Парите се заштита“, напишал еден мудар човек кој добро ја познавал човечката природа. Но, истиот тој човек го напишал и следново: „Кој го љуби среброто, никогаш не му е доста сребро, и кој го сака богатството, никогаш не му е доста добивка. И тоа е суета“ (Проповедник 5:10; 7:12). Што сакал да каже со ова? Иако парите ни се потребни за живот, не треба да бидеме алчни, зашто алчноста е ненаситна! Овие мудри зборови ги запишал цар Соломон од древниот Израел, кој од лично искуство можел да каже дали богатството и раскошот ги прават луѓето среќни. Тој напишал: „Што и да ми посакаа очите не им скратував. Не му скратив никаква веселба и на срцето мое“ (Проповедник 1:13; 2:10).

Соломон стекнал огромно богатство, изградил велелепни дворци, направил прекрасни паркови и езерца и имал многу слуги. Имал што и да посакал. Но, до каков заклучок дошол? Сето тоа богатство му причинувало извесна среќа, но само за кратко. „Увидов дека сѐ беше суета“, рекол тој. „Од сето тоа немаше никаква корист.“ Дури и животот му одмилел! (Проповедник 2:11, 17, 18). Да, Соломон сфатил дека, ако животот ти се врти околу задоволствата, на крајот ќе се чувствуваш празно и незадоволно. *

Дали современите истражувања ја потврдуваат вистинитоста на оваа древна мудрост? Во една статија во списанието Journal of Happiness Studies пишува: „Ако твоите основни потреби се веќе задоволени, тоа што ќе имаш повеќе пари нема да те направи посреќен“. Всушност, истражувањата покажуваат дека луѓето се помалку среќни кога купуваат многу работи, а ги занемаруваат моралните и духовните вредности.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите, туку бидете задоволни со она што го имате“ (Евреите 13:5).

2. НЕ ЗАВИДУВАЈ

Зависта се дефинира како „силно чувство на незадоволство предизвикано од нечиј успех, среќа и слично, како и копнеж и ние да го имаме истото“. Слично како малиген тумор, зависта може да почне да нѐ јаде однатре и да ни ја одземе радоста. Како може оваа особина да пушти корен во нашето срце? Како можеме да ја препознаеме? И како да ја отфрлиме?

Во една енциклопедија (Encyclopedia of Social Psychology) се вели дека обично им завидуваме на луѓе со кои сме слични, можеби според возраста, искуството или социјалното потекло. На пример, еден продавач можеби нема да ѝ завидува на некоја позната филмска ѕвезда. Но, може да му завидува на продавач што е поуспешен од него.

Да разгледаме еден пример. Некои високи службеници во древна Персија не му завидувале на царот, ама му завидувале на еден друг способен службеник по име Даниел. До кој степен одела нивната завист се гледа од тоа што дури сковале план да го убијат! Но, не успеале во тоа  (Даниел 6:1-24). Енциклопедијата спомната претходно вели: „Важно е да сфатиме дека зависта раѓа желба да се напакости некому. Ова објаснува зошто зависта се наведува како причина за многу случаи на агресија низ историјата“. *

Зависта може да нѐ направи слепи за убавите работи во животот

Како можеш да ја препознаеш зависта? Прашај се: ‚Кога ќе видам дека некој постигнал нешто, дали ми е криво поради тоа или се радувам за него? Ако брат ми или сестра ми, некој талентиран соученик или колега доживее неуспех, дали ми е жал за него или му се ситам?‘ Ако одговори со „ми е криво“ и „му се ситам“, можно е кај тебе да се развила завист (1. Мојсеева 26:12-14). Во Encyclopedia of Social Psychology стои: „Зависта може да нѐ направи слепи и неблагодарни за убавите работи во животот... Таа е отров за среќата“.

Противотров за зависта се понизноста и скромноста кои ни помагаат да ги цениме способностите и убавите особини на другите. Библијата вели: „Не правете ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе“ (Филипјаните 2:3).

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Да не бидеме суетни, да не се натпреваруваме еден со друг, да не си завидуваме еден на друг“ (Галатите 5:26).

3. САКАЈ ГИ ЛУЃЕТО

„Колку некој ќе биде среќен зависи повеќе од тоа какви односи има со другите отколку од неговата работа, плата, опкружување, па дури и од здравјето“, се вели во книгата Social Psychology. Едноставно кажано, за да биде вистински среќен, човекот има потреба од љубов — да ја покажува и да му биде покажана. Еден библиски писател рекол: „[Ако] љубов немам, ништо не сум“ (1. Коринќаните 13:2).

Никогаш не е доцна да почувствуваме љубов и да научиме да ја покажуваме. На пример, татко ѝ на Ванеса бил насилен алкохоличар. Кога имала 14 години, избегала од дома и живеела во згрижувачки семејства и во еден центар за бездомници со лоши услови. Таа кажува дека во тој период многу го молела Бог за помош. Тогаш, можеби како одговор на нејзините молитви, била сместена во семејство што живеело според библиското начело „љубовта е долготрпелива и љубезна“ (1. Коринќаните 13:4). Новата средина и тоа што ја проучувала Библијата ѝ помогнале на Ванеса да ги залечи своите емоционални рани и да биде подобра ученичка. Таа вели: „На училиште си ги подобрив оценките и од слаба станав одлична ученичка“.

Ванеса сѐ уште носи емоционални лузни. Но, сега е среќно омажена и има две ќерки.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува“ (Колошаните 3:14).

 4. ЗАДРЖИ ПОЗИТИВЕН СТАВ

Нема човек без проблеми. Како што вели Библијата, има „време за плачење“ и „време за тагување“ (Проповедник 3:4). Позитивниот став ни помага да ги пребродиме таквите периоди, односно повторно да застанеме на нозе. Размисли за Керол и Милдред.

Керол има дегенеративна болест на ’рбетот, дијабетес, апнеја при спиење и дегенерација на жолтата дамка во очите поради што ослепела на левото око. Сепак, таа вели: „Не дозволувам негативните мисли да ме држат долго. Добро, понекогаш си давам малку време да се самосожалувам. Но, потоа ги тргам моите чувства настрана и му благодарам на Бог за она што сѐ уште можам да го правам, а посебно она што можам да го правам за другите“.

И Милдред има многу болести, меѓу кои и артритис, рак на дојката и дијабетес. Но, исто како Керол, и таа се труди да не се концентрира на своите проблеми. „Научив да ги сакам луѓето и да ги тешам другите кога се болни, а тоа ми помага и мене“, пишува таа. „Всушност, сфатив дека, кога ги тешам другите, помалку се секирам за себе.“

Керол и Милдред се радосни што можат да ги тешат другите

Иако и Керол и Милдред сакаат да имаат добра медицинска нега, тие не се концентрираат на своето здравје, туку на својот став и на тоа како го трошат времето. Затоа, имаат длабока радост која никој не може да им ја одземе. Освен тоа, многу им се мили на другите и им се пример на оние што минуваат низ разни проблеми.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Среќен е човекот што истрајува во искушението бидејќи, откако ќе биде искушан, ќе ја прими наградата — животот“ (Јаков 1:12).

Кога се применува, библиската мудрост е „дрво на животот за оние што ќе ја прифатат, и за среќни се прогласени оние што цврсто ја држат“ (Изреки 3:13-18). Зошто и самиот не се увериш во овие зборови така што ќе ја примениш мудроста што ја содржи Библијата? Авторот на оваа света книга, кој е наречен и „среќниот Бог“, сака и ти да бидеш среќен (1. Тимотеј 1:11).

^ пас. 11 Заклучокот до кој дошол Соломон е запишан во Проповедник 2:1-11.

^ пас. 17 Истакнат историски пример е случајот со Исус Христос. Во Марко 15:10 за него се вели дека ‚главните свештеници го предале од завист‘ за да биде погубен.