ПОГЛЕД ВО СВЕТОТ
Здравјето во фокус
И покрај напредокот на полето на медицината, луѓето и понатаму се разболуваат. Но, фактите покажуваат дека многу здравствени проблеми може да се спречат.
Свет
Се смета дека моментално 14 милиони лица се заболени од рак. Според Светската здравствена организација, до 2035 год., 24 милиони луѓе годишно ќе заболат од рак. Овој број е за 70 отсто поголем од бројот на луѓе кои моментално се заболени. Половина од нив ќе заболат од рак како последица на злоупотреба на алкохол, физичка неактивност, прекумерна тежина, изложеност на радијација и пушење.
Британија
Откако разгледа некои докази, британската влада спроведе истражување за да се утврди дали некој може преку трансфузија на крв да се зарази со човечки облик на кравјо лудило. Ендру Милер, член на парламентот, изјави: „Сознанието дека оваа болест сѐ уште претставува сериозна закана за човековото здравје многу нѐ загрижи. Доказите покажаа дека [инфекцијата може да се пренесе] преку заразена крв или при пресадување на орган“.
Норвешка
Едно истражување кое се вршело 11 години и во кое биле вклучени речиси 63.000 норвежани покажало дека депресијата може да ја зголеми опасноста од срцев застој дури за 40 отсто. Осврнувајќи се на резултатите од истражувањето, Европското здружение на кардиолози изјави дека депресијата го зголемува нивото на стрес-хормоните кои можат да предизвикаат срцеви заболувања. Освен тоа, депресијата ја намалува способноста на човекот да ги прифати советите кои ќе му помогнат да си го подобри здравјето.
САД
Научниците ги истражуваат потенцијалните ризици од таканареченото „пушење од трета рака“, кое претставува вдишување на штетните материи од цигарите кои се задржуваат на површините или во прашината по домовите, хотелските соби и возилата. Со текот на времето, насобраните штетни материи стануваат сѐ поотровни.