ПАТОТ ДО СРЕЌАТА
Смисла во животот
ЛУЃЕТО СЕ УНИКАТНИ ВО МНОГУ ПОГЛЕДИ — МОЖЕМЕ ДА ПИШУВАМЕ, ДА СЛИКАМЕ, ДА СОЗДАВАМЕ И ДА РАЗМИСЛУВАМЕ ЗА ВАЖНИ ЖИВОТНИ ПРАШАЊА, КАКО ШТО СЕ: Зошто постои универзумот? Како сме настанале? Која е смислата на животот? Што ни носи иднината?
Некои луѓе ги одбегнуваат ваквите прашања, сметајќи дека никој не го знае одговорот. Други велат дека овие прашања се бесмислени бидејќи животот настанал случајно, по пат на еволуција. Вилијам Провајн, професор по историја и биологија, изјавил: „Не постојат богови, и нашето постоење нема цел“. Потоа додал: „Не постои основа за исправно и погрешно ниту, пак, животот има смисла“.
Меѓутоа, за некои луѓе тоа гледиште е неприфатливо. Тие сфаќаат дека во универзумот владеат прецизни и добро осмислени физички закони. Исто така, се восхитуваат на прекрасните творби во природата, чиј дизајн луѓето се трудат да го копираат во изработката на разни производи. Од секојдневниот живот гледаат дека творештвото е толку сложено што мора да е дело на интелигентен Творец, а не на некоја безлична сила.
Таквото размислување поттикнало некои еволуционисти да си ги преиспитаат своите убедувања. Еве две искуства:
Д-Р АЛЕКСЕЈ МАРНОВ, НЕВРОХИРУРГ. „Школите во кои се образував поучуваа за атеизам и еволуција“, вели тој. „Секој што веруваше во Бог го сметаа за неук.“ Но, во 1990 год. почнал да размислува поинаку.
Тој вели: „Отсекогаш се обидував да ја разберам логиката зад работите, вклучувајќи го и тоа како функционира човечкиот мозок. Овој неверојатен орган со право е наречен најсложеното нешто што постои во универзумот. Но, дали мозокот бил создаден за човекот да се здобие со знаење и вештини, а потоа да умре? Ова ми изгледаше бесмислено, неразумно. Почнав да се прашувам: ’Зошто сме тука? Која е смислата на животот?‘ Откако многу размислував, заклучив дека мора да постои Творец“.
Во својата потрага по смислата на животот, Алексеј решил да испита што вели Библијата. Подоцна, и неговата жена, која била лекар и не верувала во Бог, почнала да ја проучува Библијата — во почетокот со цел да му докаже дека не е во право! Но, сега и двајцата се цврсто уверени дека постои Бог, и знаат која е неговата намера со луѓето како што е објаснето во Библијата.
Д-Р ХУАБИ ЈИН, НАУЧНИК. Хуаби Јин студирала физика, и со години вршела истражувања на плазмата. Плазмата се смета за една од четирите основни агрегатни состојби и главно се состои од електрони и катјони (како во Сонцето).
Хуаби вели: „Секогаш кога ние научниците истражуваме некој природен феномен, наидуваме на неверојатен ред кој се должи на прецизно утврдени закони. Се прашував: ’Како настанале тие закони? Ако мора да внимаваме на еден обичен оган, тогаш кој е одговорен за законите што ја регулираат температурата на Сонцето?‘ Со текот на времето заклучив дека најлогичниот одговор се наоѓа во првата реченица од Библијата: ’Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата‘“ (1. Мојсеева 1:1).
Науката одговорила на многу прашања кои почнуваат со „како“. На пример: Како функционираат мозочните клетки? Како Сонцето произведува топлина и светлина? Но, како што дознале Алексеј и Хуаби, Библијата дава одговор на поважните прашања, кои почнуваат со „зошто“: Зошто постои универзумот? Зошто сѐ во него функционира според физички закони? Зошто постоиме?
Во врска со Земјата, Библијата вели: „[Бог] не ја создаде залудно, туку ја обликува за да биде населена“ (Исаија 45:18). Бог има намера со Земјата. А таа намера, како што ќе видиме во следната статија, е тесно поврзана со нашата надеж за иднината.