ПРИЧИНИ ЗА ПРОБЛЕМИТЕ
Да се дојде до коренот на проблемите
Дали сметаш дека луѓето можат да ги решат многуте проблеми што ни го одземаат мирот, ни ја загрозуваат безбедноста и ни ја доведуваат во прашање иднината? За да се најде вистинско решение, најпрво мора да се дојде до коренот на проблемите. На тој начин ќе можат да се лекуваат причините за лошата состојба, а не само да се ублажуваат симптомите.
Да наведеме еден пример. Еден пациент по име Том бил болен и подоцна умрел. Зошто умрел? „Кога му се појавиле првите симптоми, никој не се сетил дека треба да ја утврди причината за болеста“, напишал еден од лекарите во болницата во која Том бил примен кратко пред да почине. По сѐ изгледа, претходните лекари само му давале лекарства за да се чувствува подобро.
Дали луѓето се обидуваат да ги решат проблемите во светот на сличен начин? На пример, за да се справат со криминалот, властите донесуваат закони, поставуваат безбедносни камери и го засилуваат присуството на полицијата. Но, иако даваат одредени резултати, овие мерки не ги решаваат причините за проблемите. Всушност, на тој начин не се зема предвид еден важен факт — дека постапките на луѓето обично се резултат на нивните мисли, чувства и желби.
Даниел, кој живее во една јужноамериканска земја што сѐ повеќе осиромашува, вели: „Порано водевме нормален живот. Не се плашевме од вооружени грабежи. Но, сега нема мир во ниту еден град или село. Сиромаштијата го откри вистинското лице на повеќето луѓе. Се виде дека се алчни и дека немаат никаква почит ниту кон животот ниту кон имотот на другите“.
Еден човек кого ќе го наречеме Елиас побегнал од едно место на Блискиот Исток каде што имало војна, и подоцна ја проучувал Библијата. Тој вели: „Многу млади мажи од мојот роден град беа поттикнати од своите семејства и од политичките и верските водачи да учествуваат во војната и да станат херои. Но, и на оние на противничката страна им ја кажувале истата работа. Сето ова ми помогна да сфатам колку е жално човек да има доверба во човечките владетели“.
Библијата, која содржи мудри совети, со право вели:
-
„Човечкото срце е склоно кон зло од неговата младост“ (1. Мојсеева 8:21).
-
„Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ. Кој може да проникне во него?“ (Еремија 17:9).
-
„Од срцето излегуваат зли мисли, убиства... блудства, кражби, лажни сведоштва“ (Матеј 15:19).
Луѓето не успеале да најдат лек за лошите особини со кои ги повредуваат другите. Всушност, проблемите кои беа спомнати во претходната статија се јасен показател дека луѓето стануваат сѐ полоши (2. Тимотеј 3:1-5). Ова е случај иако денес ни се достапни огромен број информации и користиме повеќе начини на комуникација од кога и да било порано. Тогаш, зошто не можеме да ги решиме светските проблеми? Дали очекуваме премногу од себеси? Дали воопшто е возможно светот да стане мирно и безбедно место за живеење?
ДАЛИ СЕ ОБИДУВАМЕ ДА ГО ПОСТИГНЕМЕ НЕВОЗМОЖНОТО?
Дури и ако луѓето со некое чудо би можеле да ги отстранат лошите особини од своето срце, сѐ уште не би можеле да го направат светот безбедно
место за сите. Зошто? Затоа што имаат ограничувања.Ова го потврдува следнава едноставна вистина запишана во Библијата: „Човекот... не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23). Со други зборови, човекот не е создаден да управува со други луѓе. Всушност, не сме создадени да владееме над другите исто како што не сме создадени да живееме под вода или надвор од Земјината топка.
Размисли за следново: Дали луѓето, општо земено, сакаат некој друг да им кажува што да прават и според какви морални мерила да живеат? Кои се тие што сакаат другите да им го наметнуваат своето гледиште за абортусот, за смртната казна или за воспитувањето на децата? Ова се само некои работи што предизвикуваат поделби меѓу луѓето. Затоа, колку и да е тешко да се прифати, она што го кажува Библијата е точно. Едноставно, немаме ниту способност ниту право да владееме над други луѓе. Тогаш, кој може да ни помогне?
Најразумно е да побараме помош од нашиот Творец. На крајот на краиштата, тој е оној што нѐ создал! И, спротивно на она што го мислат некои, Бог не кренал раце од нас. Всушност, од мудрите совети кои ги дал во Библијата јасно се гледа колку се грижи за луѓето. Ако ја разбереме таа уникатна книга, ќе се разбереме подобро и самите себеси. Тогаш ќе сфатиме и зошто човечката историја е толку трагична. Ќе разбереме зошто, како што напишал еден германски филозоф, „луѓето и владите не учат ништо од историјата“, па дури и да извлечат некои заклучоци, „не постапуваат во склад со нив“.
МУДРОСТА ОД БИБЛИЈАТА НЀ ШТИТИ
Библијата вели дека „мудроста ја оправдуваат сите нејзини деца“, односно резултати (Лука 7:35). Таква мудрост содржат зборовите запишани во Псалм 146:3: „Немајте доверба во достоинствениците, ниту во некој друг земен човек, од кого нема спасение!“ Овој добар совет може да нѐ чува од лажни надежи и нереални очекувања. Кенет, кој живее во еден град во Северна Америка во кој има многу насилство, вели: „Политичарите ветуваат дека ќе ги подобрат работите, но факт е дека не можат. Тие постојано ги кршат своите ветувања, и на тој начин се потврдува дека она што го вели Библијата е точно“.
Даниел, кој беше цитиран претходно, пишува: „Секој ден сѐ повеќе се уверувам дека луѓето не можат добро да владеат... Тоа што некој има пари на сметка или пензиско осигурување не е гаранција дека до крај ќе има спокоен и сигурен живот. Познавам многумина што имале такви надежи и страшно се разочарале“.
Како што ќе видиме во следните статии, освен што нѐ чува од нереални очекувања, Библијата ни дава и вистинска надеж.