Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кога децата тагуваат

Кога децата тагуваат

Дали ти починал некој од семејството? Ако да, што може да ти помогне да се справиш со болката? Прочитај како Библијата им помогнала на тројца млади кои се нашле во таква ситуација.

ИСКУСТВОТО НА ДАМИ

Дами

Отпрвин изгледаше дека тато има обична главоболка. Но кога болките се засилија, мама викна брза помош. Сѐ уште се сеќавам како медицинските лица го однесоа. Не ни помислував дека никогаш повеќе нема да го видам. По три дена, тато умре од мозочна аневризма. Имав само шест години.

Долго време се обвинував за неговата смрт. Во главата нонстоп ми се вртеа сликите од моментот кога медицинските лица го зедоа тато. Се прашував: „Зошто стоев настрана? Зошто не направив нешто?“ Секогаш кога ќе видев постари луѓе со здравствени проблеми се прашував: „Зошто тие се живи, а тато не?“ Со текот на времето, мама ми помогна да научам да си ги искажувам чувствата. Освен тоа, бидејќи сме Јеховини сведоци, имавме голема поддршка од нашето собрание.

Некои луѓе мислат дека најмногу тагуваш веднаш по трагедијата а потоа станува подобро, но со мене не беше така. Можам да кажам дека почнав вистински да тагувам за тато дури кога влегов во тинејџерските години.

На младите кои изгубиле родител би им рекла: „Зборувај со некого за тоа како се чувствуваш. Колку поскоро им дозволиш на чувствата да излезат од тебе толку подобро за твоето здравје“.

Ми паѓа многу тешко кога доживувам значајни моменти во животот а тато не е тука. Но, голема утеха ми е библиското ветување од Откровение 21:4, кое вели дека наскоро Бог „ќе ја избрише секоја солза од [нашите] очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“.

ИСКУСТВОТО НА ДЕРИК

Дерик

Некои од најубавите спомени со татко ми се кога заедно одевме на риболов и кампувавме на планина. Многу ги сакаше планините.

Некое време татко ми имаше проблеми со срцето. Се сеќавам дека го посетив еднаш или двапати во болница кога бев мал. Но, не сфаќав колку била сериозна неговата болест. Кога имав девет години, тој умре.

Многу плачев. Имав чувство како да се гушам и не сакав да зборувам со никого. Никогаш во животот немав почувствувано таква болка, повеќе не ми се правеше ништо. Младите од црквата во која одев ми обрнаа внимание во почетокот, но тоа траеше кратко. Луѓето во црквата велеа: „Тоа е — судбина“, „Бог го зеде“ или „Не се секирај, сега е на небото“. Тие зборови воопшто не ми беа од помош, а во тоа време сѐ уште не знаев што вели Библијата за мртвите.

По некое време, мајка ми почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, а подоцна ѝ се придруживме и јас и брат ми. Ја дознавме вистината за состојбата на мртвите, и многу ни беше утешно Божјето ветување дека тие ќе воскреснат (Јован 5:28, 29). Сепак, најмногу ми помогна стихот од Исаија 41:10, каде Бог вели: „Не плаши се, зашто јас сум со тебе! Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам“. Помислата дека Јехова е со мене ми беше огромна утеха — и во тие тешки моменти и денес.

ИСКУСТВОТО НА ЏЕНИ

Џени

Кога имав седум години, мајка ми умре од рак. Тој ден, сѐ ми беше како во сон. Мајка ми почина дома, а кај нас беа баба ми и дедо ми. Се сеќавам дека сите беа смирени, и памтам дека јадевме пржени јајца. Некако сѐ ми беше нереално, и имав чувство како да ми се сруши целиот свет.

Тој период, а и во годините што следеа, мислев дека не смеам да покажам слабост поради сестра ми, која беше помала од мене, па затоа ги потиснував чувствата во себе. До ден-денес сум склона да ја кријам емоционалната болка што ја чувствувам, иако знам дека тоа не е здраво.

Се сеќавам дека добивме многу голема поддршка од собранието на Јеховините сведоци во кое одевме. Иако тогаш само што почнавме да одиме на состаноците во салата, нашите соверници беа секогаш тука за нас — како да се знаевме цел живот. Мислам дека татко ми цела година не мораше да прави ручек бидејќи секој ден ни носеа нешто за јадење.

Посебен впечаток ми оставаат зборовите од Псалм 25:16, 17. Псалмистот го молел Бог: „Сврти го кон мене своето лице и смилувај ми се, зашто сум осамен и во неволја. Се намножија маките на моето срце, избави ме од мојата тегоба“. Навистина ме теши мислата дека никогаш не си сам кога тагуваш. Бог е секогаш тука за тебе. Со помош на Библијата, успеав да продолжам со животот и да мислам на позитивни работи, како што е прекрасното библиско ветување за воскресение. Едвај чекам повторно да се сретнам со мајка ми и да ја видам жива и здрава во рајот на Земјата (2. Петрово 3:13).

Сакаш ли да дознаеш нешто повеќе за утехата што ја дава Библијата за сите што тагуваат? Можеш бесплатно да ја преземеш брошурата „Кога ќе умре некој што го сакаш“. Оди на www.dan124.com/mk и кликни на ИЗДАНИЈА > КНИГИ И БРОШУРИ.