Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

По каков пат ќе тргнат твоите деца ако ги следат твоите стапки?

ЗА РОДИТЕЛИ

8. Личен пример

8. Личен пример

ШТО ЗНАЧИ ТОА

Родителите им оставаат добар пример на децата кога живеат според она за кое ги поучуваат. На пример, не можеш да очекуваш твојот син да ја кажува вистината ако тој те слушне како велиш: „Кажи дека не сум дома“ кога не сакаш да зборуваш со некој што ти заѕвонил на врата.

„Луѓето знаат да кажат: ’Не гледај што правам, прави што ти велам‘. Но, ова не поминува кај децата. Тие се како сунѓери кои впиваат сѐ што кажуваме и правиме, и ни кажуваат кога постапуваме поинаку од она за кое се обидуваме да ги поучиме“ (Давид).

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Зарем ти, кој проповедаш: „Не кради“, крадеш? (Римјаните 2:21).

ЗОШТО Е ВАЖНО

Најголемо влијание врз децата, па дури и врз тинејџерите, имаат родителите. Тие имаат поголемо влијание дури и од нивните врсници. Тоа значи дека ти си во најдобра положба да ги насочуваш твоите деца во исправен правец, се разбира, само ако постапуваш според она што го кажуваш.

„Можеме сто пати да повториме нешто и да се прашуваме дали детето стварно нѐ слуша, но само еднаш да не постапиме како што сме кажале, детето веднаш ќе ни укаже на тоа. Децата забележуваат сѐ што правиме, дури и кога си мислиме дека ништо не гледаат“ (Никол).

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Мудроста одозгора е нелицемерна (Јаков 3:17).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Размисли кои се твоите мерила. Што гледаш ти на телевизија или на Интернет? Како се однесуваш со својот сопружник и со децата? Какви пријатели имаш? Дали си обѕирен кон другите? Кратко кажано, дали ти си таков какви што сакаш да бидат твоите деца?

„Јас и маж ми не бараме од децата да се држат за мерила за кои ние самите не се држиме“ (Кристина).

Извини се кога ќе згрешиш. Твоите деца знаат дека не си совршен. Ако им се извинуваш и на децата и на сопружникот кога ќе згрешиш, ќе ги научиш децата на искреност и понизност.

„Децата треба да слушнат дека си ја признаваме грешката и дека се извинуваме за неа. Ако не го правиме тоа, тие нема да научат да си ги признаваат грешките“ (Ровина).

„Како родители, имаме најголемо влијание врз нашите деца. Нашиот пример е најважен затоа што цело време го гледаат. Тој е како книга која постојано е отворена пред нив и од која можат во секое време да учат“ (Вендел).