Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Војни

Војни

Во старо време, Израелците воделе војни во името на својот Бог, Јехова. Дали тоа значи дека Бог ги одобрува и војните што се водат денес?

Зошто Израелците од минатото војувале?

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ

 

Израелците обожавале крвожеден „бог на војната“.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

 

Народите кои биле поразени од Израелците постапувале крајно насилно и расипано. На пример, вршеле содомија и инцест, и жртвувале деца. Откако Бог со векови им давал шанса на тие народи да се променат, тој им рекол на Израелците: „Со сето тоа се валкаа народите што јас ги гонам од пред вас“ (3. Мојсеева 18:21-25; Еремија 7:31).

„Јехова, твојот Бог, ги истерува тие народи од пред тебе поради нивната злоба“ (5. Мојсеева 9:5)

Дали Бог зазема страни во денешните војни?

МОЖЕБИ СИ ЗАБЕЛЕЖАЛ

 

Во многу воени судири, верските водачи и од едната и од другата страна тврдат дека Бог е со нив. Во една книга пишува: „Религијата имала свој удел во сите војни што се воделе досега“ (The Causes of War).

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

 

На христијаните не им е дозволено да војуваат против своите непријатели. Апостол Павле им напишал на соверниците: „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се“ (Римјаните 12:18, 19).

Исус не им рекол на своите следбеници да одат во војна. Наместо тоа, тој ги советувал: „Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат, за да бидете синови на својот Татко кој е на небесата“ (Матеј 5:44, 45). Христијаните треба да останат неутрални дури и ако народот на кој припаѓаат учествува во војна. Исус рекол: „Не сте дел од светот“ (Јован 15:19). Тоа што Бог очекува неговите слуги, кои се од сите народи, да ги сакаат своите непријатели и да не бидат дел од светот, покажува дека тој не зазема страни во денешните воени судири.

„Моето царство не е дел од овој свет. Да беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде“ (Јован 18:36)

Ќе дојде ли некогаш време без војни?

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ

 

Секогаш ќе има војни. Во една книга стои: „Војните имаат иднина. Во ова столетие не се заканува опасност од глобален и траен мир“ (War and Power in the 21st Century).

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

 

Војните ќе завршат кога ќе нема луѓе што сакаат да војуваат. Божјето Царство, кое претставува вистинска влада на небото, наскоро ќе го уништи сето оружје и ќе ги научи луѓето да бидат мирољубиви. Библијата нѐ уверува дека Бог „ќе ги исправи работите меѓу моќни далечни народи. Тие ќе ги прековаат своите мечеви во плугови и своите копја во српови. Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да се учат да војуваат“ (Михеј 4:3).

Од Библијата дознаваме дека под власта на Божјето Царство повеќе нема да има човечки влади кои се залагаат за своите сопствени интереси, неправедна политика поради која луѓето се креваат на бунт ниту, пак, предрасуди кои ја разгоруваат етничката омраза. Како резултат на тоа, војните ќе престанат. Бог ветува: „Повеќе нема да се прави зло и нема да се пустоши... зашто земјата ќе биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“ (Исаија 11:9).

„Ги прекинува војните до крајот на земјата. Го крши лакот, го здробува копјето, со оган ја пали колата“ (Псалм 46:9)