Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА

Еразмо Ротердамски

Еразмо Ротердамски

ВО ВРЕМЕТО во кое живеел, Еразмо Ротердамски (околу 1469-1536) отпрвин бил сметан за еден од најистакнатите европски изучувачи, а подоцна бил оцрнет и прогласен за кукавица и еретик. Во текот на еден период на жестоки религиозни дебати, тој бестрашно ги разоткрил пропустите и злоупотребите кои постоеле во католицизмот, како и кај оние што сакале да воведат реформи во Црквата. Денес, тој се смета за човекот кој имал клучна улога во промените што се случиле на религиозно поле во Европа. Зошто?

НЕГОВИТЕ ИЗУЧУВАЊА И ВЕРУВАЊА

Еразмо одлично ги познавал грчкиот и латинскиот јазик, и тоа му помогнало да направи споредба меѓу латинските преводи на Библијата, како што е Вулгатата, и раните грчки ракописи на Христијанските грчки списи, општопознати како Нов Завет. Така се уверил дека е многу важно луѓето да ја познаваат Библијата. Затоа настојувал Светото писмо да биде преведено и на другите јазици на кои зборувале луѓето во тоа време.

Еразмо се залагал за внатрешна реформа на католичката црква бидејќи верувал дека секој христијанин треба да живее според библиските учења, а не само да ги држи бескорисните обичаи на Црквата. Како резултат на тоа, кога реформаторите почнале да протестираат и да бараат промени, Римокатоличката црква почнала да го гледа со недоверба.

Еразмо бестрашно ги разоткрил пропустите и злоупотребите кои постоеле во католицизмот и кај реформаторите

Во своите дела, Еразмо сатирично ги разоткрил разните злоупотреби од страна на свештенството, нивниот раскошен живот и амбициозноста на папите кои ги одобрувале војните. Тој бил против тоа да се наплаќаат црковните услуги — како што биле исповедањето гревови, обожавањето светци, постењето и поклонението — преку кои нечесните свештеници ги искористувале верниците. Исто така, бил против некои црковни практики, како што биле продажбата на индулгенции и наметнатиот целибат.

НОВИОТ ЗАВЕТ НА ГРЧКИ ЈАЗИК

Во 1516 год., Еразмо го објавил своето прво издание на Новиот Завет на грчки јазик, што било и првото печатено издание на Христијанските грчки списи. Ова дело на Еразмо вклучувало коментари, како и негов превод на Христијанските грчки списи на латински, кој се разликувал од Вулгатата. Некое време тој продолжил да го ревидира ова издание, што на крајот водело до превод со уште поголеми отстапки од текстот на латинската Вулгата.

Новиот Завет на грчки јазик на Еразмо

Една од разликите се наоѓала во 1. Јованово 5:7. Со цел да се поддржи небиблиското учење за тројство, во Вулгатата во овој стих бил вметнат текст што е познат под називот comma Johanneum. Тој гласи: „На небото: Отецот, Словото и Светиот Дух; и овие Тројца се едно“. Но, Еразмо ги извадил овие зборови од првите две изданија на својот превод на Новиот Завет бидејќи ги немало во ниту еден од грчките ракописи кои внимателно ги прегледал. Подоцна, Црквата му вршела притисок во неговото трето издание да ги вклучи и тие стихови.

Подобрените изданија на Новиот Завет на грчки јазик што ги направил Еразмо претставувале основа за подобри преводи на европските јазици. Мартин Лутер, Вилијам Тиндејл, Антонио Бручоли и Франсиско де Ентинас ги користеле за да ги преведат грчките списи на германски, англиски, италијански и шпански јазик.

Еразмо живеел во период на значајни религиозни превирања, а неговиот превод на Новиот Завет на грчки јазик бил од огромна помош за протестантските реформатори. Всушност, и самиот Еразмо бил сметан за реформатор пред реформацијата да добие многу поголеми размери. Но, тој одбил да заземе страна во големите теолошки дебати што следеле. Интересно е тоа што пред повеќе од 100 години, изучувачот Дејвид Шаф напишал дека „кога умрел, Еразмо бил сам и не припаѓал на ниту една религија. Бил отфрлен од католицизмот, а не сакал да припаѓа на протестантизмот“.