Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кое е Божјето име?

Кое е Божјето име?

Кога сакаш да запознаеш некого, веројатно најпрво ќе го прашаш: „Како се викаш?“ Ако му го поставиш ова прашање на Бог, што ќе ти одговори тој?

„Јас сум Јехова. Тоа е моето име“ (Исаија 42:8).

Дали првпат го слушаш ова име? Ако да, тоа е можеби затоа што многу преведувачи на Библијата ретко го користат, а некои воопшто не го спомнуваат. Тие честопати го заменуваат со титулата „ГОСПОД“. Сепак, во ракописите на изворните јазици, Божјето име се појавува околу 7.000 пати. Името се состои од четири хебрејски согласки кои одговораат на буквите ЈХВХ, и на македонски се преведува со Јехова или Јахве. a

Свитоци од Мртвото Море (извадок од Псалмите) Прв век од н.е., ХЕБРЕЈСКИ

Преводот на Тиндејл 1530, АНГЛИСКИ

Преводот Reina-Valera 1602, ШПАНСКИ

Преводот Union Version 1919, КИНЕСКИ

Божјето име се појавува насекаде во Хебрејските списи, а и во многу преводи

ЗОШТО Е ВАЖНО БОЖЈЕТО ИМЕ

На Бог му е важно неговото име. Никој не му дал име на Бог; тој самиот си го избрал. Јехова рекол: „Тоа е моето име за навек и тоа е мојот спомен од поколение до поколение“ (2. Мојсеева 3:15). Во Библијата, Божјето име се појавува почесто од која и да било од неговите титули, како што се Семоќен, Татко, Господар или Бог, и почесто од кое и да било друго лично име, како што е Авраам, Мојсеј, Давид или Исус. Исто така, Бог сака другите да го знаат неговото име. Во Библијата пишува: „За да се знае дека единствено ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја“ (Псалм 83:18).

Божјето име му е важно на Исус. Кога им ја кажал на своите ученици молитвата која е позната како Оченаш, Исус ги поучил да му се молат на Бог со зборовите: „Да се свети името твое“ (Матеј 6:9). И самиот Исус во молитва го кажал следново: „Татко, прослави го своето име“ (Јован 12:28). На Исус му било најважно во животот да го свети Божјето име, и затоа можел во молитва да каже: „Го објавив твоето име и ќе го објавувам“ (Јован 17:26).

Божјето име им е важно на оние што го познаваат Бог. Божјите слуги во минатото знаеле дека нивната заштита и спасение биле поврзани со Божјето име. Во Изреки 18:10 пишува: „Името на Јехова е цврста кула. Во неа бега праведникот и наоѓа заштита“. А во Јоил 2:32 стои: „Секој што ќе го повика името на Јехова ќе биде спасен“. Библијата ни открива дека оние што му служат на Бог ќе се разликуваат од другите луѓе по тоа што ќе го знаат и ќе го користат неговото име. Во неа пишува: „Сите народи ќе одат, секој во името на својот бог, а ние ќе одиме во името на Јехова, нашиот Бог, довека, во сета вечност“ (Михеј 4:5; Дела 15:14).

ШТО НИ ОТКРИВА БОЖЈЕТО ИМЕ

Ни открива кој навистина е Бог. Многу изучувачи дошле до заклучок дека името Јехова значи „оној што предизвикува да стане“. Јехова Бог ни открил нешто во врска со значењето на своето име кога му кажал на Мојсеј: „Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“ (2. Мојсеева 3:14). Значи, Божјето име открива нешто многу повеќе отколку само фактот дека Бог создал сѐ. Тоа покажува дека Бог може да стане сѐ што е потребно за да ја исполни својата намера, но и дека може да предизвика неговите созданија да станат сѐ што е потребно за да се исполни неговата намера. За разлика од титулите, кои укажуваат на положбата, власта или моќта што ја има Бог, неговото име, Јехова, ни открива кој навистина е тој и што сѐ може да стане.

Ни открива дека Бог е заинтересиран за нас. Значењето на Божјето име укажува дека Бог се грижи за своите созданија, меѓу кои сме и ние. Исто така, тоа што Бог ни го објавил своето име покажува дека сака да го запознаеме. Всушност, тој го открил своето име многу одамна, уште пред да се родиме. Очигледно е дека Бог не сака да гледаме на него како на некое таинствено и далечно божество, туку како на реална личност со која можеме да се зближиме (Псалм 73:28).

Тоа што го користиме Божјето име покажува дека Бог ни е важен. Да наведеме еден пример. Ако сакаш да бидеш пријател со некого, сигурно ќе му кажеш да те вика по име. Како ќе се чувствуваш ако тој постојано одбива да го прави тоа? По некое време, веројатно ќе се прашаш дали воопшто сака да биде близок со тебе. Така е и со Бог. Јехова ни го открил своето име и нѐ поттикнува да го користиме. Кога го правиме тоа, му покажуваме дека сакаме да бидеме блиски со него. Јехова ги забележува дури и оние „што размислуваат за неговото име“ (Малахија 3:16).

Ако сакаме да го запознаеме Бог, првиот чекор е да го дознаеме неговото име. Но, тоа не е доволно. Треба да дознаеме и каква личност е тој.

КОЕ Е БОЖЈЕТО ИМЕ? Бог се вика Јехова. Тоа име ни открива дека тој може да ја исполни својата намера

a Види во Осија 12:5, Превод на МПЦ — издание од 1991 година и Исаија 42:8, Превод на МПЦ — ревидирано издание од 2006 година.