Зошто Бог не одговара на сите молитви?
Нашиот небесен Татко, Јехова Бог, сака да ги слуша нашите молитви и се радува кога му се молиме. Но, Бог не одговара на секоја молитва. Зошто не, и на што треба да внимаваме кога се молиме? Да разгледаме неколку библиски начела.
„Кога се молите, не кажувајте секогаш едно исто“ (Матеј 6:7).
Јехова не сака да му кажуваме молитви што сме ги научиле напамет или молитви што ги читаме од молитвеник. Напротив, тој сака да му се молиме од срце. Како би се чувствувал ако имаш пријател кој постојано ти кажува едно исто? Добрите пријатели се отворени и искрени. Кога му се молиме со свои зборови на нашиот небесен Татко, му ги кажуваме своите мисли и чувства, и така му покажуваме дека ни е близок пријател.
„Барате, а не примате, бидејќи барате со зла намера“ (Јаков 4:3).
Не можеме да очекуваме Бог да одговори на молитви во кои бараме работи што тој не ги одобрува. На пример, знаеме дека Јехова Бог јасно ги осудува алчноста и суеверното верување во среќа. Тогаш, дали тој би му одговорил на некој коцкар што се моли за добивка? (Исаија 65:11; Лука 12:15). Не е логично Јехова да одговара на такви молитви! За Бог да одговори на нашите молитви, тие треба да бидат во склад со она што тој го кажува во Библијата.
„Кој го одвраќа увото за да не го слуша законот, и молитвата негова е одвратна“ (
Во библиски времиња, Бог не одговарал на молитвите на оние што не живееле според неговите праведни закони (Исаија 1:15, 16). Тој не се променил (Малахија 3:6). Ако сакаме Бог да одговори на нашите молитви, мора да правиме сѐ што е во наша моќ за да живееме во склад со неговите закони. Но, што ако во минатото сме направиле некои погрешни работи? Дали тоа значи дека Јехова никогаш повеќе нема да нѐ слуша? Секако дека не! Ако се каеме и се трудиме да му бидеме послушни на Бог, тој со љубов ќе ни прости (Дела 3:19).