Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој ја поделил Библијата на поглавја и стихови?

Кој ја поделил Библијата на поглавја и стихови?

ЗАМИСЛИ СИ дека си христијанин што живее во првиот век. Твоето собрание само што добило писмо од апостол Павле кое треба се прочита пред сите. Додека слушаш, забележуваш дека Павле често цитирал од „светите списи“, односно од Хебрејските списи (2. Тимотеј 3:15). Си велиш: „Би сакал да го видам текстот што го цитирал Павле“. Но, тоа би било тешко изводливо. Зошто?

БЕЗ ПОГЛАВЈА И БЕЗ СТИХОВИ

Како изгледале ракописите од „светите списи“ во времето на Павле? На сликата во оваа статија е прикажан дел од книгата Исаија од Свитоците од Мртвото Море. Што гледаш на неа? Бескрајна низа зборови без правописни знаци. Нема поглавја и стихови означени со бројки како во Библиите денес.

Писателите на Библијата не го поделиле текстот на поглавја и стихови. Тие само во целост ја запишале пораката што Бог им ја дал за потоа да можат и читателите да обрнат внимание на сѐ што било запишано, а не само на одредени делови. Истото би го направиле и ние ако добиеме писмо од некој што ни значи, зарем не? Ќе го прочитаме од почеток до крај, а не само некои издвоени реченици или делчиња.

Но, поради тоа што немало поглавја и стихови, се појавил еден проблем. За да покаже дека цитира, Павле морал да каже „како што е напишано“, „како што Исаија прорече“ и слично (Римјаните 3:10; 9:29). Меѓутоа, ако некој сакал да го види местото од каде што бил земен цитатот, тешко дека ќе успеел освен ако не ги познавал многу добро „светите списи“.

Освен тоа, „светите списи“ не се состоеле од една едноставна порака од Бог. До крајот на првиот век од н.е., „светите списи“ станале една колекција од 66 книги. Токму поради тоа, се јавила потреба Библијата да биде поделена на поглавја и стихови. Така читателите ќе можеле полесно да најдат некоја информација како, на пример, деловите што Павле ги цитирал во своите писма.

Можеби сега се прашуваш: „А кој ја поделил Библијата на поглавја и стихови?“

КОЈ ГО ПОДЕЛИЛ ТЕКСТОТ НА ПОГЛАВЈА?

Се смета дека англискиот свештеник Стивен Лангтон, кој подоцна станал и надбискуп на Кантербери, е тој што го поделил библискиот текст на поглавја. Тоа го направил во почетокот на 13 век од н.е., додека бил професор на Парискиот универзитет во Франција.

Меѓутоа, уште пред Лангтон, истражувачите се обидувале да го поделат библискиот текст на помали делови или на поглавја, по сѐ изгледа за да им биде полесно да се осврнуваат на него. Замисли си колку им било полесно да бараат некоја мисла во само едно поглавје отколку да ја бараат низ цела книга! На пример, само книгата Исаија има 66 поглавја!

Но, потоа се јавил и друг проблем. Секој од истражувачите го делел текстот според свој метод. Според еден метод, евангелието на Марко било поделено на скоро 50 поглавја, а не на 16, колку што има сега. Во времето на Лангтон, во Париз имало студенти од разни земји, и секој од нив користел Библија од местото од каде што доаѓал. Кога студентите и професорите ќе се осврнеле на некој дел од Библијата, доаѓало до недоразбирање. Зошто? Затоа што нивните Библии биле поделени на различен начин.

Затоа Лангтон ја поделил Библијата на поглавја според еден нов метод. Таа поделба „им се допаднала и на читателите и на препишувачите и брзо почнала да се користи низ цела Европа“, како што пишува во книгата The Book—A History of the Bible. Повеќето Библии денес се поделени токму според методот на Лангтон.

КОЈ ГО ПОДЕЛИЛ ТЕКСТОТ НА СТИХОВИ?

По околу 300 години, во средината на 16 век, познатиот француски печатар и изучувач Роберт Етјен уште повеќе ги поедноставил работите. Тој сакал што поголем број луѓе да можат да ја истражуваат Библијата. Затоа заклучил дека би било добро да постои еден утврден метод според кој Библијата ќе биде поделена не само на поглавја, туку и на стихови.

Етјен не бил првиот што ја добил идејата Библијата да се подели на стихови. На пример, неколку векови претходно, еврејските препишувачи го поделиле текстот од Хебрејските списи, односно делот од Библијата познат како Стар завет, на стихови, но не и на поглавја. Исто како со поглавјата, и за стиховите немало утврден метод за поделба.

Етјен направил нова поделба на Христијанските грчки списи, или Новиот завет, на стихови со број, и ја усогласил со онаа што веќе била направена во Хебрејските списи. Во 1553 год., Етјен го издал првото комплетно издание на Библијата (на француски јазик) во кое текстот бил поделен на поглавја и стихови на речиси ист начин како и во повеќето Библии денес. На некои не им се допаднало тоа што Етјен го поделил библискиот текст на мали делови. Сметале дека така текстот станал збир на одвоени и неповрзани изјави. И покрај тоа, неговиот метод бил брзо прифатен од другите печатари.

БЛАГОДЕТ ЗА ИСТРАЖУВАЧИТЕ НА БИБЛИЈАТА

Идејата библискиот текст да е поделен на поглавја и стихови е едноставно решение. Благодарение на тоа, секој стих од Библијата има своја „адреса“ и може лесно да се најде. Точно е дека Бог не го водел овој процес на поделба, и дека понекогаш текстот е поделен на чудни места. Но, поглавјата и стиховите ни помагаат полесно да најдеме некоја мисла во Библијата и да ја издвоиме или да ја споделиме со другите, слично како што би направиле и со некои важни делови од некој документ или книга.

Иако многу ни користи тоа што Библијата е поделена на поглавја и стихови, да не заборавиме дека најважно е да добиеме целосна слика за она што Бог сака да ни го каже преку неа. Затоа, труди се да стекнеш навика да читаш поголеми делови од Библијата, а не само издвоени стихови без да го земаш предвид контекстот. Така сѐ подобро ќе ги разбираш „светите списи, кои можат да те направат мудар за да добиеш спасение“ (2. Тимотеј 3:15).