Каков ќе биде новиот свет кој е на прагот?
Бог ја создал Земјата за на неа засекогаш да живеат праведни луѓе (Псалм 37:29). Тој ги сместил првите луѓе Адам и Ева во прекрасна рајска градина. Ним и на нивните потомци, Бог им дал задача да ја обработуваат Земјата и да се грижат за неа (1. Мојсеева 1:28; 2:15).
Денешниот свет воопшто не личи на рајот што Бог имал намера да постои на Земјата. Но, тој не се откажал од својата намера. Како ќе ја исполни? Како што видовме во претходните статии, Бог нема да ја уништи Земјата. Напротив, тој ќе им дозволи на луѓето кои му се послушни да живеат на неа. Какви ќе бидат условите за живот на Земјата кога Бог ќе ги исполни своите ветувања?
Влада која ќе владее над целата Земја
Наскоро, кога Божјата небесна влада ќе почне да владее над целото човештво, Земјата ќе стане убаво место за живеење. Тогаш луѓето ќе бидат во мир едни со други и ќе имаат работа која ќе ги исполнува. Бог го поставил Исус Христос да владее над Земјата. За разлика од многу владетели денес, Исус секогаш ќе го прави она што е најдобро за луѓето. Тој ќе владее со љубов и ќе биде добар, сочувствителен и праведен цар (Исаија 11:4).
Меѓународно единство
Во новото општество на Земјата нема да има национални или расни поделби. Целото човештво ќе биде обединето како еден народ (Откровение 7:9, 10). Сите луѓе ќе го сакаат Бог и ќе се сакаат едни со други. Тие ќе соработуваат во мир за да ја исполнат намерата што Бог ја имал на почетокот — да се грижат за нивниот дом, планетата Земја (Псалм 115:16).
Хармонија меѓу луѓето и природата
Кога Божјето Царство ќе владее над целата Земја, Творецот ќе има потполна контрола врз временските услови, кои ќе бидат во совршена рамнотежа (Псалм 24:1, 2). Кога бил на Земјата, Исус во една прилика со само неколку збора смирил страшна бура. Така покажал што може да направи со моќта што му ја дал Бог (Марко 4:39, 41). Под власта на Исус, никој нема да се плаши од природни катастрофи. Освен тоа, кога ќе владее Божјето Царство ќе живееме во мир со животните и повеќе нема да ја уништуваме природата (Осија 2:18).
Совршено здравје и изобилство храна
Секој ќе има совршено здравје. Никој нема да се разболува, да старее и да умира (Исаија 35:5, 6). Луѓето ќе живеат во убава и чиста средина каква што била и рајската градина во која живееле првите луѓе, Адам и Ева. Исто како во рајската градина, Земјата повторно ќе дава богат род и сите нејзини жители ќе имаат изобилство храна (1. Мојсеева 2:9). Како што било случај со Божјиот народ од минатото, секој човек што ќе живее во рајот ќе го јаде „својот леб до ситост“ (3. Мојсеева 26:4, 5).
Вистински мир и сигурност
Кога Божјата влада ќе владее со целата Земја, насекаде ќе има мир и сите луѓе ќе постапуваат љубезно и чесно едни со други. Нема да има војни ниту злоупотреба на моќта и никој нема да мора да се бори за опстанок. Библијата ветува: „Секој ќе седи под својата лоза и под својата смоква и никој нема да го плаши“ (Михеј 4:3, 4).
Убаво место за живеење и работа што исполнува
Секое семејство ќе има свој дом и нема да се плаши дека ќе го изгуби. Секоја работа што ќе ја работиме ќе ни носи задоволство. Според Библијата, оние што ќе живеат во Божјиот нов свет „нема да се трудат залудно“ (Исаија 65:21-23).
Најдобро образование
Библијата ветува: „Земјата ќе биде полна со знаење за Јехова“ (Исаија 11:9). Членовите на новото човечко општество ќе учат од бескрајната мудрост на својот Творец, Јехова, и постојано ќе дознаваат нешто ново за прекрасните работи што ги создал. Своето знаење нема да го користат за да изработуваат оружје или за да им наштетат на другите луѓе (Исаија 2:4). Наместо тоа, ќе учат како да живеат во мир едни со други и како да се грижат за планетата Земја (Псалм 37:11).
Бескраен живот
Бог со многу љубов ја создал Земјата за да можеме секој ден да му се радуваме на животот. Тој сака луѓето вечно да живеат на неа (Псалм 37:29; Исаија 45:18). За да ја исполни својата намера, Бог „ќе ја уништи смртта засекогаш“ (Исаија 25:8). Библијата ветува: „Смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:4). Бог ќе им даде на сите луѓе можност да живеат вечно — и на оние што ќе ги спаси кога ќе го уништи овој злобен свет и на големиот број луѓе кои ќе ги воскресне во новиот свет (Јован 5:28, 29; Дела 24:15).
Дознај нешто повеќе за тоа како можеш да го преживееш крајот на овој свет и што треба да правиш за да живееш во еден подобар свет кој наскоро доаѓа. Побарај бесплатен интерактивен библиски курс од Јеховините сведоци со книгата Радувај му се на животот засекогаш.