БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ
Научив да ги почитувам жените, но и себеси
-
РОДЕН: 1960
-
ЗЕМЈА: ФРАНЦИЈА
-
НЕКОГАШ: НАСИЛЕН ЗАВИСНИК ОД ДРОГА, НЕ ГИ ПОЧИТУВАЛ ЖЕНИТЕ
МОЕТО МИНАТО
Роден сум во Милуз, североисточна Франција, во населба со луѓе од работничка класа позната по насилството. Моите спомени од детството се поврзани со насилни расправии меѓу семејствата во населбата. Во нашата фамилија на жените се гледаше со потценување и беше ретко некој маж да ги праша за мислење. Ми кажуваа дека местото на жената е во кујната и дека нејзината работа е да се грижи за мажот и децата.
Имав тешко детство. Кога наполнив десет години, татко ми умре бидејќи беше алкохоличар. По пет години, еден од моите постари браќа се самоуби. Истата година, бев сведок на убиство за време на семејна расправија, што многу ме потресе. Некои од мојата фамилија ме научија да се тепам и да користам ножеви и пиштоли. Бев млад но не бев среќен, па затоа почнав да пијам и да се тетовирам по целото тело.
На 16 години веќе пиев од 10 до 15 шишиња пиво на ден, а по кратко време почнав да земам и дрога. За да дојдам до пари за своите пороци, продавав старо железо и крадев. Пред да наполнам 17 години, веќе имав одлежано затворска казна. Осумнаесет пати бев осудуван за кражба и насилство.
Откако наполнив 20 години, почнав да правам уште полоши работи. Пушев марихуана, понекогаш и до 20 џоинти на ден, и земав хероин и други незаконски супстанции. Неколку пати ќе умрев од предозираност. Почнав да препродавам дрога, па затоа секогаш носев ножеви и пиштоли. Еднаш пукав во еден човек, но за среќа куршумот се одби од токата на неговиот ремен. Кога имав 24 години умре мајка ми, и станав уште погневен. Кога луѓето ќе ме видеа, од страв преминуваа на другата страна од улицата. Бидејќи учествував во тепачки, многу викенди поминав или во полициска станица или во болница за да ми ги сошијат раните.
На 28 години се оженив. Како што можете да си претпоставите, воопшто немав почит кон жена ми. Ја навредував и ја тепав. Ништо не правевме заедно. Сметав дека е доволно тоа што ѝ давам од накитот што го крадев. Но, се случи нешто неочекувано. Таа почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. После нејзината прва студија, престана да пуши, повеќе не сакаше да зема од парите што ги крадев и ми го врати накитот. Бев бесен. Почнав да ја спречувам да ја проучува
Библијата и намерно ѝ го дував чадот од цигарите в лице. Исто така, ја исмевав пред соседите.Една ноќ, бев многу пијан и го запалив нашиот стан. Жена ми ме спаси и мене и нашата пет-годишна ќерка од огнените јазици. Кога се отрезнив, многу се обвинував. Длабоко во себе мислев дека Бог никогаш нема да ми прости. Се сетив на зборовите на еден свештеник кој рече дека злобните ќе одат во пекол. Дури и мојот психијатар ми рече: „Нема надеж за тебе! Ти си непоправлив!“
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ
По пожарот, се преселивме кај родителите на жена ми. Кога дојдоа Јеховините сведоци, ги прашав: „Ќе ми прости ли Бог за сите мои гревови?“ Тие ми прочитаа неколку стихови од Библијата, запишани во 1. Коринќаните 6:9-11. Во нив е наведено какво однесување Бог осудува, но потоа пишува: „Такви беа некои од вас“. Тоа ме увери дека можам да се сменам. Потоа ми ги прочитаа зборовите од 1. Јованово 4:8, што ми помогна да увидам дека Бог ме сака. Толку бев охрабрен што ги замолив да ја проучуваат Библијата со мене двапати седмично, а почнав и да одам на христијанските состаноци. Често му се молев на Јехова.
По еден месец, решив да ги оставам дрогата и алкохолот. Во моето тело почна да се води страшна битка. Ме измачуваа ужасни кошмари, главоболки, грчеви и други симптоми на одвикнување. Но, во исто време чувствував дека Јехова ме држи за раката и ме зајакнува. Се чувствував како апостол Павле, кој за помошта што ја добил од Бог напишал: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Филипјаните 4:13). По некое време, се откажав и од цигарите (2. Коринќаните 7:1).
Освен што ми помогна да имам контрола над мојот живот, Библијата го зајакна и моето семејство. Мојот став кон жена ми се промени. Почнав да покажувам повеќе почит кон неа, на пример, да ѝ велам „те молам“ и „фала“. Исто така, почнав да се грижам за нашата ќерка како што треба. Откако една година ја проучував Библијата, и јас, како жена ми, му го посветив својот живот на Јехова и се крстив.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА
Уверен сум дека начелата од Библијата ми го спасија животот. Дури и моите роднини што не се Јеховини сведоци велат дека досега веројатно ќе бев мртов од предозираност или ќе бев убиен во некоја тепачка.
Откако со помош на Библијата сфатив кои се моите одговорности како сопруг и татко, мојот семеен живот се смени од корен (Ефешаните 5:25; 6:4). Почнавме да правиме многу работи заедно како семејство. Наместо да мислам дека местото на мојата жена е во кујната, со задоволство ја поддржувам во она што го прави за Бог. Таа посветува околу 70 часа месечно за да зборува со луѓето за Библијата, а јас често ја придружувам. Но, и таа ми е голема поддршка мене додека ја извршувам мојата улога како собраниски старешина.
Милоста и љубовта што ми ги покажа Јехова Бог многу влијаеја врз мојот живот. Сакам да зборувам за неговите особини со луѓето на кои другите гледаат како на изгубен случај, како што некогаш гледаа и на мене. Уверен сум дека Библијата секому може да му помогне да води чист и смисловен живот. Таа ми помогна да покажувам љубов и почит кон сите, и кон мажите и кон жените. А ми помогна да се почитувам и себеси.