Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Многу ми е убаво кога поминувам време со младите од собранието

БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Бејзболот ми беше сѐ!

Бејзболот ми беше сѐ!
  • РОДЕН: 1928

  • ЗЕМЈА: КОСТАРИКА

  • НЕКОГАШ: ИГРАЛ ПРОФЕСИОНАЛЕН БЕЈЗБОЛ И ИГРИ НА СРЕЌА

МОЕТО МИНАТО

Пораснав на источниот брег на Костарика, во пристанишниот град Лимон и неговата околина. Бевме осум деца, од кои јас бев претпоследното. Татко ми умре кога имав осум години, и мајка ми продолжи сама да се грижи за нас.

Играм бејзбол од кога знам за себе. Уште како дете го сакав овој спорт. Како тинејџер почнав да играм за една екипа во аматерската лига. Кога имав 20-ина години, додека сѐ уште играв во аматерската лига, еден човек кој бараше талентирани спортисти ми понуди да играм за еден професионален тим во Никарагва. Но, во тоа време мајка ми не беше добра со здравјето и морав да се грижам за неа. Бидејќи не сакав да се преселам во Никарагва, ја одбив понудата. По некое време, добив уште една понуда, овојпат да играм за репрезентацијата на Костарика која се состоеше од избрани играчи од аматерската лига. Ја прифатив понудата. Бев дел од репрезентацијата во периодот од 1949 до 1952 год. и учествував во повеќе натпревари во Куба, Мексико и Никарагва. Играв како чувар на втора и трета база, и бев прилично добар. Еднаш одиграв 17 натпревари по ред без ниедна грешка. Колку ми беше убаво кога слушав како публиката го извикува моето име!

За жал, во тие години живеев неморално. Имав девојка, но ја изневерував со други. Освен тоа, многу пиев. Еднаш толку се напив што следниот ден не ни знаев како сум стигнал дома! Играв домино за пари и редовно уплаќав лото.

Некаде во тој период, мајка ми стана Јеховин сведок. Ми зборуваше за нејзините верувања, но до мене не допираше ништо бидејќи бев целосно посветен на спортот. Кога тренирав, заборавав дури и да јадам. Не мислев на ништо друго освен на играта. Бејзболот ми беше сѐ!

Кога имав 29 години, за време на еден натпревар тешко се повредив обидувајќи се да го фатам топчето. По некое време закрепнав, но престанав да играм професионален бејзбол. Сепак, не се откажав потполно од овој спорт. Продолжив како тренер на една екипа од аматерската лига која тренираше недалеку од мојот дом.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

Во 1957 год., се согласив да присуствувам на конгрес на Јеховините сведоци на еден стадион на кој претходно играв бејзбол. Додека седев на трибините, не можев а да не забележам колку поинаку се однесуваат Јеховините сведоци од навивачите на бејзбол натпреварите. Тој конгрес ме поттикна да почнам да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци и да одам на нивните состаноци.

Библиските учења ми оставија многу голем впечаток. На пример, Исус прорекол дека во последните денови неговите ученици ќе ја проповедаат добрата вест низ целиот свет (Матеј 24:14). Освен тоа, дознав дека вистинските христијани не земаат пари за службата што ја извршуваат. Исус рекол: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Матеј 10:8).

Додека ја проучував Библијата, она што го учев го споредував со она што го гледав кај Јеховините сведоци. Им се восхитував што неуморно ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство низ целиот свет. Се уверив дека тие навистина се великодушни, токму како што Исус ги поучил своите ученици. Затоа, кога во Марко 10:21 го прочитав повикот на Исус: „Дојди и оди по мене“, посакав и јас да станам Јеховин сведок.

Сепак, ми требаше време за да ги направам потребните промени. На пример, долги години секоја седмица играв лото со мојот „среќен“ број. Меѓутоа, од Библијата дознав дека Бог не ги прифаќа оние што му служат на „богот на Среќата“ ниту, пак, оние што се алчни (Исаија 65:11; Колошаните 3:5). Затоа, решив да прекинам со игрите на среќа. Првата недела откако престанав да играм лото, победи токму мојот „среќен“ број! Луѓето што ме познаваа ми се смееја бидејќи баш таа недела не уплатив. Ме убедуваа да продолжам да играм лото, но не попуштив. Никогаш повторно не се вратив на таа навика.

По некое време се соочив со уште едно искушение, и тоа на денот кога се крстив како Јеховин сведок (Ефешаните 4:24). Таа вечер, кога се вратив во хотелот во кој ноќевав, пред вратата стоеше мојата поранешна девојка. „Семи, те чекав“, ми рече. „Што велиш да бидеме малку сами?“ Веднаш ѝ реков: „Не сакам!“, а потоа ја потсетив дека сега живеам според моралните мерила од Библијата (1. Коринќаните 6:18). „Што?“, извика изненадено и почна да ме убедува дека не е толку важно што вели Библијата за моралот. Сакаше да ја обновиме нашата врска. Но јас само влегов во собата и веднаш ја заклучив вратата. Среќен сум што, од моментот кога станав Јеховин сведок во 1958 год. па сѐ до денес, живеам според високите мерила од Библијата.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА

Не можам ни да ги набројам сите убави работи што ми се случија поради тоа што живеам според Библијата. На пример, стекнав добри пријатели, мојот живот доби смисла и најдов вистинска среќа.

Сѐ уште го сакам бејзболот, но повеќе не ми е сѐ во животот. Иако ми донесе слава и пари, тие работи не траат вечно. Од друга страна, пријателството со Бог и меѓународното братство на кое припаѓам ќе постојат засекогаш. Библијата вели: „Светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17). Сега можам да кажам дека најважни во животот ми се Јехова Бог и неговиот народ!