Наскоро Бог ќе им стави крај на сите страдања
„До кога, Јехова, ќе викам за помош, а ти нема да слушаш? До кога ќе те викам на помош поради насилството, а ти нема да спасиш?“ (Авакум 1:2, 3). Овие зборови ги кажал Авакум, еден добар човек кој ја имал Божјата наклоност. Дали тие покажуваат дека немал доволно вера? Воопшто не. Бог го уверил Авакум дека одредил време кога ќе им стави крај на страдањата (Авакум 2:2, 3).
Кога ти или некој од твоите блиски страда, лесно можеш да заклучиш дека Бог е бавен и дека досега требало веќе да направи нешто. Сепак, Библијата нѐ уверува: „Јехова не доцни со исполнувањето на своето ветување, како што некои мислат дека доцни, туку е стрплив со вас бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9).
КОГА БОГ ЌЕ ПРЕЗЕМЕ НЕШТО?
Многу скоро! Исус кажал дека едно поколение ќе биде сведок на одредени настани кои ќе се случуваат истовремено и кои ќе ги означат последните денови од овој поредок (Матеј 24:3-42). Тоа што пророштвото на Исус се исполнува денес ни покажува дека е многу близу времето кога Бог ќе се вмеша во работите на Земјата. *
Но, како Бог ќе им стави крај на страдањата? Кога бил на Земјата, Исус покажал дека Бог има моќ да ги отстрани страдањата кои го измачуваат човештвото. Размисли за следниве примери.
Природни катастрофи: Додека Исус и неговите апостоли пловеле по Галилејското Море, почнала страшна бура која можела да го потоне нивниот чамец. Но, Исус покажал дека тој и неговиот Татко имаат контрола врз природните сили (Колошаните 1:15, 16). Исус рекол: „Смири се! Молкни!“ Што се случило потоа? Ветрот стивнал и настанала потполна тишина (Марко 4:35-39).
Болести: Било познато дека Исус имал способност да ги излекува слепите и сакатите, како и сите оние што имале епилепсија, лепра или некоја друга болест. Во врска со Исус, во Библијата пишува: „Ги излекува сите болни“ (Матеј 4:23, 24; 8:16; 11:2-5).
Недостаток на храна: Во текот на својата служба, Исус ја користел моќта што му ја дал неговиот Татко за од малку храна да обезбеди доволно храна за илјадници луѓе. Во Библијата се запишани два такви случаи (Матеј 14:14-21; 15:32-38).
Смрт: Јехова има моќ над смртта. Тоа јасно се гледа од трите воскресенија што ги направил Исус. Еден од оние што ги воскреснал бил мртов цели четири дена (Марко 5:35-42; Лука 7:11-16; Јован 11:3-44).
^ пас. 5 Нешто повеќе за последните денови можеш да прочиташ во лекција 32 од книгата Радувај му се на животот засекогаш, која е издадена од Јеховините сведоци. Достапна е и на www.dan124.com/mk.