Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можеш да бидеш среќен уште сега!

Можеш да бидеш среќен уште сега!

ЗАМИСЛИ СИ каков ќе биде животот кога ќе нема болести, старост и смрт! Уште малку, тоа ќе стане реалност. Сепак, денес живееме во свет кој е исполнет со неволји и проблеми. Како можеш да бидеш среќен уште сега? Во Библијата има совети кои ќе ти помогнат да водиш среќен и исполнет живот. Да разгледаме некои од предизвиците со кои се соочуваме, и да видиме како Божјата Реч може да ни помогне да се справиме со нив.

КАКО ДА БИДЕШ ЗАДОВОЛЕН СО ОНА ШТО ГО ИМАШ

Библиски совет: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите, туку бидете задоволни со она што го имате“ (Евреите 13:5).

Секој ден сме преплавени со понуди за различни производи и услуги кои се сметаат за „неопходни“. Сепак, Библијата нѐ поттикнува да бидеме задоволни со она што го имаме. Што ќе ни помогне во тоа?

Немој да ги сакаш парите. Некои луѓе се спремни да жртвуваат сѐ за да имаат пари — здравјето, семејството, пријателствата, моралните вредности, па дури и своето лично достоинство (1. Тимотеј 6:10). Тие навистина плаќаат превисока цена! На крајот, на оној што го сака богатството никогаш не му е доволно тоа што го има (Проповедник 5:10).

Не заборавај дека луѓето се поважни од предметите. Точно е дека имаме потреба од некои уреди и предмети. Но, тие не можат да ни возвратат со љубов и благодарност — само луѓето можат да го сторат тоа. Добрите пријатели можат да ни бидат извор на вистинска радост (Изреки 17:17).

УШТЕ СЕГА МОЖЕМЕ ДА БИДЕМЕ СРЕЌНИ АКО ГИ ПРИМЕНУВАМЕ БИБЛИСКИТЕ СОВЕТИ

КАКО ПОЛЕСНО ДА ПОДНЕСЕШ НЕКОЈА БОЛЕСТ

Библиски совет: „Веселото срце дејствува добро како лек“ (Изреки 17:22).

Исто како еден добар лек, радоста може да ни помогне полесно да се справиме со некоја болест. Но, како може да бидеме радосни кога сме болни?

Биди благодарен. Ако мислиме само на нашиот проблем, „сите денови“ ќе ни изгледаат лоши (Изреки 15:15). Наместо тоа, Библијата вели: „Бидете благодарни!“ (Колошаните 3:15). Научи да ги цениш дури и малите работи во животот. Прекрасно зајдисонце, пријатно ветре, насмевка на некој што го сакаме — тоа се само некои работи кои можат да ни го разубават животот.

Прави нешто за другите. Дури и ако сме болни, добро е да имаме на ум дека „повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Кога другите го ценат она што го правиме за нив, се чувствуваме исполнето и тоа ни помага да ги тргнеме мислите од нашите проблеми. Ако се трудиме да им го разубавиме животот на другите, и нашиот живот ќе биде поубав.

КАКО ДА СИ ГО ЗАЦВРСТИШ БРАКОТ

Библиски совет: Проценете што е најважно (Филипјаните 1:10).

Сопружниците кои не поминуваат доволно време заедно можат да се оддалечат еден од друг. Затоа, тие треба да посветат време на својот брак, кој е една од најважните работи во нивниот живот.

Правете некои работи заедно. Наместо секој сам да си прави нешто што го интересира, зошто не испланирате да правите некои работи заедно? Библијата вели: „Подобро им е на двајца отколку на еден“ (Проповедник 4:9). Можете заедно да готвите, да се рекреирате, да си излезете на кафе или да имате некое хоби.

Покажувај му на својот брачен другар дека го сакаш. Библијата ги поттикнува мажот и жената да се сакаат и да се почитуваат еден со друг (Ефешаните 5:28, 33). Една топла насмевка, срдечна прегратка или мал подарок можат многу да го зајакнат бракот. Се разбира, брачните другари треба да имаат интимни односи само еден со друг (Евреите 13:4).