Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тетраграмот, односно Божјето свето име, Јехова, напишан со хебрејски букви; се чита оддесно налево

Голема поука од најмалата хебрејска буква

Голема поука од најмалата хебрејска буква

Можеме ли да бидеме уверени дека сите ветувања од Бог ќе се исполнат? Исус бил сигурен во тоа, а ги поучувал и другите да имаат таква вера. Размисли за споредбата што ја раскажал во Проповедта на гората, запишана во Матеј 5:18: „Побргу ќе исчезнат небото и земјата отколку да исчезне од Законот најмалата буква или делче од буква, а сето тоа да не се исполни“.

Најмалата буква од хебрејската азбука е буквата י (јод). Таа е првата буква од тетраграмот, односно Божјето свето име, Јехова. * Освен самите букви и зборови од Божјиот закон, книжниците и фарисеите го сметале за важно дури и секое „делче од буква“.

Исус рекол дека се поголеми шансите небото и Земјата да исчезнат отколку да остане неисполнет и најситниот детаљ од Божјиот закон. Меѓутоа, Библијата нѐ уверува дека небото и Земјата ќе постојат засекогаш (Псалм 78:69). Според тоа, оваа впечатлива изјава покажува дека сѐ што прорекол Бог ќе се исполни, и тоа до најситен детаљ.

Дали на Јехова Бог му се важни и малите детали? Се разбира. Размисли за следново: Бог им заповедал на Израелците од минатото да не му скршат ниту една коска на пасхалното јагне (2. Мојсеева 12:46). Ова можеби ни изгледа како ситница. Дали Израелците сфатиле зошто се бара тоа од нив? Веројатно не. Но, ваквиот детаљ имал пророчко значење — укажувал дека на Месијата нема да му биде скршена ниту една коска кога ќе биде прикован на столбот (Псалм 34:20; Јован 19:31-33, 36).

Што учиме од она што го кажал Исус за најмалата буква? Можеме да бидеме потполно уверени дека ќе се исполнат сите Божји ветувања, до најситен детаљ. Колку голема поука од најмалата хебрејска буква!

^ пас. 3 Најмалата буква од грчката азбука е буквата ι (јота) и е многу слична на хебрејската буква י (јод). Но, со оглед на тоа што Мојсеевиот закон бил напишан и пренесуван од колено на колено на хебрејски јазик, Исус веројатно се осврнал на хебрејската буква.