Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 49

Има време за работа и време за одмор

Има време за работа и време за одмор

Дојдете со мене на едно осамено место и одморете се малку (МАР. 6:31)

ПЕСНА 143 Будно, спремно да чекаме!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Каков став кон работата имаат многу луѓе?

КАКОВ став кон работата имаат повеќето луѓе во местото во кое живееш? Во многу земји, луѓето работат понапорно и подолго од кога и да било порано. Оние кои премногу работат честопати немаат доволно време да се одморат, да бидат со своето семејство и да ги задоволат своите духовни потреби (Проп. 2:23). Од друга страна, некои луѓе воопшто не сакаат да работат и постојано си бараат изговори да не работат (Изр. 26:13, 14).

2-3. Каков пример ни даваат Јехова и Исус во поглед на работата?

2 За разлика од многу луѓе во светот, Јехова и Исус имаат урамнотежен став кон работата. Ние знаеме дека Јехова сака да работи. Исус јасно го потврдил тоа кога рекол: „Мојот Татко работи сѐ досега, па и јас работам“ (Јован 5:17). Размисли колку многу труд вложил Бог додека ги создавал безбројните ангели, како и ѕвездите и планетите во огромната вселена. Освен тоа, Јехова создал и голем број прекрасни работи тука на Земјата. Еден псалмист со право рекол: „Колку се многубројни твоите дела, Јехова! Сите мудро си ги направил, полна е земјата со твоите творби“ (Пс. 104:24).

3 Исус го следел примерот на својот Татко. Кога Јехова ги создавал небесата, тој соработувал со него како „вешт градител“ (Изр. 8:27-31). Многу подоцна, додека бил на Земјата, Исус одлично ја завршил задачата што му ја дал Бог. Всушност, за него било како храна да ја извршува таа задача. А поради сите дела што ги направил, луѓето јасно можеле да видат дека бил испратен од Бог (Јован 4:34; 5:36; 14:10).

4. Каков став имаат Јехова и Исус кон одмарањето?

4 Дали тоа што Јехова и Исус ни оставиле пример како вредни работници значи дека не е потребно да се одмараме? Воопшто не. Библијата вели дека, откако ги создал небото и Земјата, Јехова престанал да работи и дека почнал да се одмара (2. Мој. 31:17). Во која смисла Јехова се одмара? Бидејќи тој никогаш не се уморува и не му е потребен физички одмор, ова очигледно значи дека престанал да создава и дека одвоил време да му се радува на она што го направил. И Исус напорно работел додека живеел на Земјата, но одвојувал и време да се одмори и да јаде заедно со своите пријатели (Мат. 14:13; Лука 7:34).

5. Што им е тешко на многу Божји слуги?

5 Библијата ги поттикнува Божјите слуги да бидат вредни работници. Тие треба да бидат трудољубиви, а не мрзливи (Изр. 15:19). Можеби работиш за да го издржуваш своето семејство. Освен тоа, сите Христови ученици имаат одговорност да ја проповедаат добрата вест. Сепак, потребно е и доволно да се одмараш. Дали понекогаш ти е тешко да бидеш урамнотежен кога одредуваш колку време да трошиш за работа, за служба и за одмор? Што ќе ти помогне да одредиш колку време да посветиш на работа, а колку на одмор?

КАКО ДА НАЈДЕШ РАМНОТЕЖА

6. Како стиховите од Марко 6:30-34 покажуваат дека Исус имал урамнотежен став кон работата и одморот?

6 Многу е важно да имаме урамнотежен став кон работата. Цар Соломон напишал: „Сѐ си има свое време“. Тој притоа спомнал садење, градење, плачење, смеење, танцување и други активности (Проп. 3:1-8). Јасно е дека и работата и одморот заземаат важно место во нашиот живот. Исус имал урамнотежен став кон работата и одморот. Во една прилика, апостолите се вратиле од проповедање и му раскажувале на Исус како си поминале. Но притоа многу луѓе доаѓале и заминувале, и затоа апостолите немале време ни да јадат. Тогаш Исус им рекол: „Дојдете со мене на едно осамено место и одморете се малку“. (Прочитај Марко 6:30-34.) Иако тој и неговите ученици не биле во можност да се одмараат секогаш кога сакале, Исус знаел дека на сите нив им бил потребен одмор.

7. Зошто е корисно да дознаеме нешто за седмичниот ден за одмор спомнат во Мојсеевиот закон?

7 Понекогаш, на сите ни треба одмор или промена во секојдневната рутина. Тоа се гледа и од една важна заповед што Јехова му ја дал на својот народ во минатото — да го држат седмичниот ден за одмор познат и како сабат. * Иако денес не треба да го држиме Мојсеевиот закон, добро е да знаеме што пишувало во него за сабатот. Тоа ќе ни помогне да се преиспитаме дали имаме исправен став кон работата и одморот.

САБАТОТ — ВРЕМЕ ЗА ОДМОР И ДУХОВНИ АКТИВНОСТИ

8. Според 2. Мојсеева 31:12-15, која била целта на сабатот?

8 Божјата Реч вели дека, откако создавал шест „дена“, Бог почнал да одмара, односно престанал да создава материјални работи на Земјата (1. Мој. 2:2). Но, Јехова сака да работи, и затоа продолжил и понатаму да работи (Јован 5:17). Кога им го дал на Израелците законот за сабат, Јехова одредил да работат шест дена, а да одмараат секој седми ден, слично на Јеховиниот ден за одмор што е опишан во 1. Мојсеева. Бог рекол дека сабатот е знак меѓу него и Израелците. Тоа бил ден „за целосен одмор, свет за Јехова“. (Прочитај 2. Мојсеева 31:12-15.) Никој не смеел да работи тој ден. Оваа забрана се однесувала и на децата, и на робовите, па дури и на домашните животни (2. Мој. 20:10). Тоа им овозможувало на Божјите слуги да посветат повеќе време на духовни активности.

9. Какво неурамнотежено гледиште во врска со законот за сабат имале некои луѓе во времето на Исус?

9 Законот за сабат бил многу корисен за Божјиот народ. Но, голем број верски водачи од времето на Исус поставувале премногу крути правила во врска со тоа како треба да се држи тој закон. Тие тврделе дека на сабат никој не смее да скине дури ни неколку зрна жито за да јаде, па ни да излекува некој што е болен (Мар. 2:23-27, фус.; 3:2-5, фус.). Таквите ставови не биле во склад со Божјето гледиште, и Исус јасно им го кажал тоа на оние што го слушале.

Членовите на семејството на Исус го користеле сабатот за да станат поблиски со Јехова (Види во пасус 10) *

10. Според Матеј 12:9-12, каков став имал Исус во врска со законот за сабат?

10 Исус и неговите следбеници со еврејско потекло го држеле сабатот бидејќи биле под Мојсеевиот закон. * Сепак, Исус покажал со зборови и со дела дека не било погрешно на тој ден да им се прави добро на другите. Тој јасно кажал: „Дозволено е да се прави добро во сабота“. (Прочитај Матеј 12:9-12.) Исус не мислел дека со тоа што им се прави добро на другите се прекршува законот за сабат. Всушност, со своите постапки тој покажал дека сфаќа која била една многу важна причина зошто требало да се држи тој закон. Бидејќи се одмарале од секојдневната работа, Божјите слуги можеле да се посветат на духовни активности. Исус пораснал во семејство чии членови го држеле сабатот за да станат поблиски со Бог. Тоа го потврдуваат следните стихови: „[Исус] дојде во Назарет, каде што порасна. Според својот обичај, влезе во синагогата во саботен ден, па стана да чита“ (Лука 4:15-19, фус.).

КАКОВ Е ТВОЈОТ СТАВ КОН РАБОТАТА?

11. Кој му дал добар пример на Исус во однос на работата?

11 Додека го поучувал за дрводелскиот занает, Јосиф сигурно го поучувал Исус и за тоа каков став има Јехова кон работата (Мат. 13:55, 56). Освен тоа, Исус гледал како Јосиф напорно работи секој ден за да го издржува своето големо семејство. Интересно е дека тој подоцна им кажал на своите ученици: „Работникот е достоен за својата плата“ (Лука 10:7). Според тоа, Исус знаел што значи напорно да се работи.

12. Кои стихови покажуваат каков став имал Павле кон напорната работа?

12 И апостол Павле трудољубиво работел. Најважна задача му била да им сведочи на другите за Исус и да им ги пренесува неговите поуки. Сепак, Павле исто така работел за да се издржува себеси. Тој им напишал на Солуњаните: „Дење и ноќе тешко и напорно работевме за да не му бидеме товар никому од вас“ (2. Сол. 3:8; Дела 20:34, 35). Овде Павле можеби мислел на изработувањето шатори. Додека бил во Коринт, тој останал кај Акила и Прискила. Тие биле изработувачи на шатори и Павле работел со нив. Тоа што Павле работел „дење и ноќе“ не значи дека работел без престан. На пример, за време на сабат не изработувал шатори. Тој ден го користел за да им сведочи на Евреите, кои исто така не работеле на сабат (Дела 13:14-16, фус.; 13:42-44; 16:13, фус.; 18:1-4, фус.).

13. Што можеме да научиме од примерот на Павле?

13 Апостол Павле ни оставил добар пример. Иако морал да работи за да се издржува, тој одвојувал време и за редовно да учествува во „светото дело на проповедање на Божјата добра вест“ (Рим. 15:16; 2. Кор. 11:23). Павле ги поттикнувал и другите редовно да проповедаат. Поради тоа, Акила и Прискила биле негови „соработници во Христос Исус“ (Рим. 12:11; 16:3). Апостол Павле напишал: „Ако некој не сака да работи, нека и не јаде!“ (2. Сол. 3:10). Но Јехова исто така го поттикнал да им напише на Коринќаните да бидат „зафатени во делото на Господарот“ (1. Кор. 15:58; 2. Кор. 9:8).

14. Што мислел Исус кога ги кажал зборовите запишани во Јован 14:12?

14 Најважната задача што можеме да ја извршуваме денес е да проповедаме и да им помагаме на другите да станат Христови ученици. Всушност, Исус прорекол дека неговите ученици ќе прават дури и поголеми дела од неговите! (Прочитај Јован 14:12.) Со тоа не мислел дека неговите следбеници ќе прават поголеми чуда отколку што правел тој, туку дека ќе проповедаат на далеку поголемо подрачје, на многу повеќе луѓе и многу подолг период.

15. Кои прашања треба да си ги поставиме, и зошто?

15 Ако си вработен, прашај се: „Дали на работното место сум познат како вреден работник? Дали си ја завршувам работата навреме и најдобро што можам?“ Ако можеш да одговориш потврдно на овие прашања, тогаш веројатно шефот има доверба во тебе. Исто така, со тоа им помагаш на колегите да бидат поспремни да ја слушаат добрата вест. А во врска со проповедничкото дело, прашај се: „Дали сум познат како некој што трудољубиво ја врши службата на проповедање? Дали добро се подготвувам пред да одам во служба? Дали брзо ги посетувам луѓето што покажале интерес? И дали редовно учествувам во различни гранки од службата на проповедање?“ Ако можеш потврдно да одговориш, сигурно службата на проповедање ти носи радост.

КАКОВ Е ТВОЈОТ СТАВ КОН ОДМОРОТ?

16. Како ставот што го имале Исус и апостолите кон одморот се разликува од ставот на многу луѓе денес?

16 Исус знаел дека нему и на апостолите понекогаш им бил потребен одмор. Но, многу луѓе во тоа време и многумина денес се слични на богаташот од споредбата на Исус. Овој човек си велел: „Почивај, јади, пиј и уживај!“ (Лука 12:19; 2. Тим. 3:4). Тој си мислел дека одморот и задоволствата се најважни во животот. За разлика од него, на Исус и на апостолите не им било најважно да си угодуваат себеси.

Урамнотежениот став кон работата и кон одморот ни овозможува во поголема мера да учествуваме во духовни активности кои ни носат радост (Види во пасус 17) *

17. Како ние денес го користиме нашето слободно време?

17 Денес ние се обидуваме да го следиме примерот на Исус така што слободното време не го користиме само за одмор туку и за да им сведочиме на другите и да присуствуваме на христијанските состаноци. Всушност, службата на проповедање и присуството на состаноците за нас се нешто свето, и затоа правиме сѐ што можеме за редовно да учествуваме во овие духовни активности (Евр. 10:24, 25). Дури и кога сме отпатувале некаде на годишен одмор, ние продолжуваме да присуствуваме на состаноците и им сведочиме на другите за Библијата секогаш кога имаме прилика за тоа (2. Тим. 4:2).

18. Што сака нашиот Цар, Исус Христос, да правиме?

18 Многу сме благодарни што нашиот Цар, Исус Христос, не очекува од нас повеќе од она што можеме да го направиме, и ни помага да имаме урамнотежен став кон работата и одморот! (Евр. 4:15). Тој сака да се одмараме кога тоа ни е потребно. Исто така, сака трудољубиво да работиме за да се грижиме за нашите материјални потреби и да учествуваме во проповедничкото дело кое ни носи радост. Во следната статија, ќе стане збор за тоа што направил Исус за да нѐ ослободи од едно сурово ропство.

ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне

^ пас. 5 Од Божјата Реч учиме како да имаме урамнотежен став кон работата и одморот. Во оваа статија ќе видиме како сабатот, односно седмичниот ден за одмор што морале да го држат Израелците, ќе ни помогне да си го преиспитаме ставот кон работата и одморот.

^ пас. 7 Хебрејскиот збор „шабат“, односно „сабат“ (од кој преку грчкиот јазик доаѓа македонскиот збор „сабота“) значи „починка, одмор, мирување“. Сабатот почнува по заоѓањето на сонцето во петок и трае до заоѓањето на сонцето во сабота. Според еврејскиот календар сабатот бил седмиот ден во седмицата.

^ пас. 10 Учениците многу го почитувале законот за сабат. Тоа се гледа од фактот дека, кога почнал сабатот, тие престанале да подготвуваат мирисливи масла со кои требало да го намачкаат мртвото тело на Исус (Лука 23:55, 56).

^ пас. 56 ОПИС НА СЛИКАТА: Јосиф го води своето семејство во синагога за време на сабат.

^ пас. 58 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден татко кој работи за да го издржува семејството го користи слободното време за теократски активности, дури и кога тој и неговото семејство се на одмор.