Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 50

„Како ќе воскреснат мртвите?“

„Како ќе воскреснат мртвите?“

„Смрт, каде е твојата победа? Смрт, каде е твоето осило?“ (1. КОР. 15:55)

ПЕСНА 141 Животот — чудесен Божји дар

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Зошто сите христијани треба да бидат заинтересирани за небесното воскресение?

ПОВЕЌЕТО Јеховини слуги денес имаат надеж дека ќе живеат вечно на Земјата. Но, помазаните христијани имаат надеж дека ќе бидат воскреснати за живот на небото. Се разбира, тие сакаат да знаат каков ќе биде нивниот живот таму. А зошто ова треба да ги интересира и оние што се надеваат дека ќе живеат на Земјата? Затоа што небесното воскресение ќе им донесе благослови и ним. Сеедно дали имаме надеж дека ќе живееме на небото или на Земјата, сите ние треба да бидеме заинтересирани за небесното воскресение.

2 Под водство на Божјиот дух, некои ученици на Исус во првиот век пишувале за небесната надеж. Апостол Јован објаснил: „Сега сме деца Божји, но уште не се покажало што ќе бидеме. Знаеме дека, кога тој ќе се покаже, ќе бидеме како него“ (1. Јов. 3:2). Според тоа, помазаните христијани не знаат каков ќе им биде животот кога ќе воскреснат со духовни тела на небото. Сепак, тие се сигурни дека, кога ќе ја добијат својата награда, ќе можат дословно да го гледаат Јехова. Библијата не открива многу детали за небесното воскресение. Но, апостол Павле кажал нешто во врска со тоа. Помазаните христијани ќе бидат заедно со Христос кога тој „ќе ги уништи секоја влада и секоја власт и сила“. Во ова спаѓа и смртта како „последен непријател“. На крајот, Исус, заедно со своите совладетели, ќе му подложи на својот татко сѐ, вклучувајќи се и себеси (1. Кор. 15:24-28). Тоа навистина ќе биде величествена завршница! *

3. Според 1. Коринќаните 15:30-32, што можел да направи Павле затоа што верувал во воскресение?

3 Тоа што Павле верувал во воскресение му помогнало да се справи со најразлични неволји. (Прочитај 1. Коринќаните 15:30-32.) Тој им рекол на Коринќаните: „Секој ден се соочувам со смртта“. Исто така, напишал дека се борел со ѕверови во Ефес. Можеби сакал да каже дека се борел со вистински животни во некоја арена во Ефес (2. Кор. 1:8; 4:10; 11:23). Или, пак, се осврнал на противењето од Евреите и од некои други кои биле како „ѕверови“ (Дела 19:26-34; 1. Кор. 16:9). Сеедно на што мислел, Павле се соочувал со големи опасности. И покрај сѐ, имал позитивно гледиште за иднината (2. Кор. 4:16-18).

Членовите на едно семејство кои живеат во место каде што нашето дело е законски ограничено истрајно му служат на Бог со потполна доверба дека тој ќе им подари прекрасна иднина. (Види во пасус 4.)

4. Како надежта во воскресение ги зајакнува христијаните денес? (Види ја сликата на насловната страница.)

4 Живееме во опасни времиња. Некои наши браќа биле жртви на криминал. Други живеат на подрачја кои се погодени од војни, и воопшто не се чувствуваат безбедно. А некои храбро му служат на Јехова во земји каде што нашето проповедничко дело е ограничено или забрането, иако поради тоа би можеле да завршат в затвор или да бидат убиени. Сите овие браќа и сестри не престануваат да му служат на Јехова, и со тоа ни даваат одличен пример. Тие не се плашат бидејќи знаат дека, дури и да го изгубат својот живот денес, Јехова им ветува нешто далеку подобро во иднина.

5. Кое опасно гледиште може да ја ослабне нашата вера во воскресението?

5 Павле им дал предупредување на своите браќа во врска со едно опасно гледиште кое го имале некои во тоа време: „Ако мртвите не воскреснуваат, ’да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме‘“. Некои луѓе имале ваков став уште пред времето на Павле. Можеби тој го цитирал Исаија 22:13, каде што е опишан ставот на Израелците. Наместо да се зближат со Бог, најважно од сѐ им било да уживаат во животот. Со други зборови, нивниот став бил „денес сме овде, утре може не“ — гледиште кое е раширено до ден-денес. Библијата опишува какви лоши последици сносел израелскиот народ поради ваквиот погрешен став (2. Лет. 36:15-20).

6. Како надежта во воскресение треба да влијае врз нашиот избор на пријатели?

6 Тоа што Јехова ќе ги воскресне мртвите треба да влијае врз нашиот избор на пријатели. Браќата во Коринт морале да внимаваат да не се дружат со оние што не верувале во воскресение. Која е поуката за нас денес? Ако често се дружиме со луѓе на кои им се најважни моменталните задоволства, тоа може да има многу лоши последици за нас. Таквото друштво може да влијае негативно врз нашиот став и врз нашите навики. Всушност, може да нѐ наведе на грев, односно да го правиме она што Јехова го мрази. Затоа Павле го дал следниот строг совет: „Отрезнете се, вршејќи го она што е право, и не грешете“ (1. Кор. 15:33, 34).

СО КАКВО ТЕЛО ЌЕ ВОСКРЕСНАТ?

7. Според 1. Коринќаните 15:35-38, кое прашање во врска со воскресението можеби го поставувале некои?

7 Прочитај 1. Коринќаните 15:35-38. Некои од оние што сакале да ги наведат другите да се посомневаат во воскресение можеби прашувале: „Како ќе воскреснат мртвите?“ Бидејќи и денес мнозина имаат свое гледиште за тоа што се случува со луѓето кога ќе умрат, добро е да видиме што вели Библијата. Да го разгледаме одговорот што го дал Павле.

Павле употребил споредба со семе и со растение за да покаже дека Бог може да им даде соодветно тело на оние што ќе воскреснат (Види во пасус 8)

8. Која споредба може да ни помогне да го разбереме воскресението за живот на небото?

8 Кога некој ќе умре, неговото тело се распаѓа. Но, оној што ја создал вселената може да го воскресне тоа лице и да му даде соодветно тело (1. Мој. 1:1; 2:7). Павле употребил една споредба за да покаже дека Бог не мора да го оживее истото тело. Размисли што се случува со едно „голо зрно“, или семе, кога ќе се засади во земјата. Тоа изртува и станува ново растение, кое многу се разликува од семето. Павле ја употребил оваа споредба за да покаже дека нашиот Творец може да му даде на секое свое создание „тело какво што сака“.

9. Според 1. Коринќаните 15:39-41, како се разликуваат Божјите творби една од друга?

9 Прочитај 1. Коринќаните 15:39-41. Павле рекол дека Божјите творби се разликуваат, односно дека имаат различни тела. На пример, телата на стоката, на птиците и на рибите се разликуваат едни од други. Павле рекол дека има разлика и помеѓу сонцето и месечината. Исто така, напишал дека „ѕвезда од ѕвезда се разликува по славата“. Иако не можеме да ги видиме разликите меѓу ѕвездите со голо око, научниците тврдат дека има црвени џинови, бели џуџиња и жолти ѕвезди, какво што е нашето сонце. Освен тоа, Павле рекол дека има „небесни тела и земни тела“. Што сакал да каже со ова? На Земјата постојат материјални тела, а на небото постојат духовни тела, какви што имаат ангелите.

10. Какви тела ќе имаат оние што ќе бидат воскреснати за живот на небото?

10 Забележи што рекол Павле потоа: „Така е и со воскресението на мртвите. Се сее во распадливост, а се воскреснува во нераспадливост“. Се разбира, кога човек ќе умре, неговото тело се распаѓа и се враќа во прав (1. Мој. 3:19). Тогаш, како е можно едно тело да воскресне во нераспадливост? Павле не зборува за некој што бил вратен во живот на Земјата како оние што биле воскреснати од Илија, Елисеј и Исус. Тој зборува за некој што е воскреснат со небесно тело, односно со „духовно тело“ (1. Кор. 15:42-44).

11-12. Каква промена доживеал Исус кога бил воскреснат и, слично на него, каква промена ќе доживеат помазаниците?

11 Кога бил на Земјата, Исус имал тело од крв и месо. Но, кога воскреснал, станал „дух кој дава живот“ и се вратил на небото. На сличен начин, кога помазаните христијани ќе воскреснат, Бог ќе им даде тело со кое ќе можат да живеат на небото. Павле објаснил: „Како што го носиме обликот од оној што е направен од прав, ќе го носиме и обликот на оној што е небесен“ (1. Кор. 15:45-49).

12 Важно е да се забележи дека Исус не воскреснал со човечко тело. При крајот на своето објаснување за воскресението, Павле кажал и зошто. Тој рекол: „Телото и крвта не можат да го наследат Божјето царство“ на небото (1. Кор. 15:50). Апостолите и другите помазани христијани немало да бидат воскреснати на небото со распадливи тела од крв и месо. А кога требало да воскреснат? Павле нагласил дека тоа ќе се случи во иднина, а не веднаш откако ќе умрат. Кога тој го напишал 1. Коринќаните, некои од учениците веќе биле умрени, како што бил апостол Јаков (Дела 12:1, 2). А другите апостоли и помазаници требало да умрат подоцна (1. Кор. 15:6).

ПОБЕДА НАД СМРТТА

13. Што требало да се случува во времето на Христовата присутност?

13 И Исус и Павле зборувале за еден посебен период во човечката историја, односно за Христовата присутност. Во тој период низ целиот свет требало да има војни, земјотреси, болести и други лоши работи. Гледаме дека ова библиско пророштво се исполнува од 1914 год. Но, требало да се случи уште нешто многу важно. Исус рекол дека добрата вест за Божјето воспоставено Царство „ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:3, 7-14). Павле укажал дека за време на „присутноста на Господарот“ ќе бидат воскреснати помазаните христијани кои умреле (1. Сол. 4:14-16; 1. Кор. 15:23).

14. Што се случува со помазаните христијани кои умираат во текот на Христовата присутност?

14 Помазаните христијани кои умираат денес, веднаш воскреснуваат за живот на небото. Ова го потврдил и Павле кога напишал: „Нема сите да умреме, но сите ќе се преобразиме, во еден момент, за миг, при звукот од последната труба“ (1. Кор. 15:51, 52). Зборовите на Павле се исполнуваат денес! Кога ќе воскреснат овие Христови браќа, многу ќе се радуваат затоа што ќе бидат „секогаш со Господарот“ (1. Сол. 4:17).

Оние што ќе се преобразат „за миг“, заедно со Исус ќе извојуваат победа над сите зли луѓе на Земјата (Види во пасус 15)

15. Каква работа ги чека оние што ќе се преобразат „за миг“?

15 Библијата ни кажува каква работа ги чека на небото оние што ќе се преобразат „за миг“. Исус им вели: „На оној што ќе победи и ќе се држи за моите дела сѐ до крајот, нему ќе му дадам власт над народите, како што и јас примив власт од својот Татко, па ќе управува со нив со железна палка и ќе ги разбие како глинени садови“ (Отк. 2:26, 27). Тие ќе го следат својот Заповедник, и ќе управуваат со народите со железна палка (Отк. 19:11-15).

16. На кој начин многу луѓе ќе извојуваат победа над смртта?

16 Помазаните христијани ќе извојуваат победа над смртта (1. Кор. 15:54-57). Затоа што биле воскреснати на небото, тие ќе можат да имаат удел во уништувањето на сето зло на Земјата во војната Армагедон. Милиони други Божји слуги ќе ја преживеат големата неволја и ќе влезат во новиот свет (Отк. 7:14). Тие ќе бидат очевидци на уште една победа над смртта — кога ќе започне воскресението на милијарди луѓе кои умреле во минатото. Замисли колку ќе бидеме среќни кога ќе се случи тоа! (Дела 24:15). И сите оние што ќе му останат верни на Јехова ќе извојуваат победа над смртта што сме ја наследиле од Адам. Тие ќе можат да живеат засекогаш.

17. Според 1. Коринќаните 15:58, што треба да правиме сега?

17 Сите христијани денес треба да бидат благодарни за утешните зборови што Павле им ги напишал на Коринќаните во врска со воскресението. Ние навистина имаме многу причини да го послушаме неговиот совет така што ќе даваме сѐ од себе во „делото на Господарот“. (Прочитај 1. Коринќаните 15:58.) Ако верно учествуваме во тоа дело, ќе може да ѝ се радуваме на една прекрасна иднина. Тоа време ќе биде толку убаво што не можеме ни да си го замислиме! Тогаш ќе се увериме дека нашиот „труд во Господарот“ навистина не бил залуден.

ПЕСНА 140 Конечно, вечен живот!

^ пас. 5 Втората половина од 1. Коринќаните поглавје 15 содржи детали за воскресението, особено за воскресението на помазаните христијани. Но, она што го напишал Павле е важно и за „другите овци“. Во оваа статија ќе видиме како надежта за воскресение треба да влијае врз нашиот живот денес. Тоа ќе ни даде причина и со нетрпение да ја очекуваме иднината.

^ пас. 2 Во статијата „Прашања од читателите“ во овој број се објаснети зборовите на Павле запишани во 1. Коринќаните 15:29.