СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 48
„Бидете свети“
Бидете свети во сѐ што правите (1. ПЕТ. 1:15)
ПЕСНА 34 Да живееме беспрекорно
КРАТОК ПРЕГЛЕД *
1. Каков совет им дал апостол Петар на своите соверници, и зошто можеби ни изгледа невозможно да го примениме тој совет?
СЕЕДНО дали имаме надеж да живееме вечно на небото или на Земјата, може да извлечеме корист од советот што апостол Петар им го дал на помазаните христијани во првиот век. Тој напишал: „Како што е свет оној што ве повикал, и вие бидете свети во сѐ што правите, бидејќи е напишано: ’Бидете свети, зашто јас сум свет‘“ (1. Пет. 1:15, 16). Од овие зборови учиме дека можеме да се угледаме на Јехова, кој е најдобриот пример во поглед на светоста. Ние можеме и мора да бидеме свети во нашето однесување. Можеби такво нешто ни изгледа невозможно бидејќи сме несовршени. Самиот Петар направил некои грешки, но од неговиот пример гледаме дека можеме да бидеме свети.
2. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
2 Во оваа статија ќе ги разгледаме следниве прашања: Што значи да се биде свет? Што учиме од Библијата за Јеховината светост? Како може да бидеме свети во нашето однесување? И, како нашата светост е поврзана со нашиот однос со Јехова?
ШТО ЗНАЧИ ДА СЕ БИДЕ СВЕТ?
3. Како повеќето луѓе би опишале некој што е свет, но од каде може точно да дознаеме што значи да се биде свет?
3 За повеќето луѓе, свет човек е некој што носи религиозна облека и секогаш има тажен и сериозен израз на лицето. Но, всушност, оние кои се свети воопшто не се такви. За Јехова, кој е свет, во Библијата се вели дека е „среќниот Бог“ (1. Тим. 1:11). И оние што му служат се наречени среќни (Пс. 144:15). Исус ги осудил оние што носеле посебни облеки и правеле добри дела само за да ги видат другите (Мат. 6:1; Мар. 12:38). Како христијани, ние знаеме што значи да се биде свет од она што го учиме од Библијата. Уверени сме дека нашиот свет и грижлив Бог никогаш не би побарал од нас нешто што не можеме да го направиме. Затоа, штом Јехова ни вели: „Бидете свети“, ние не се сомневаме дека можеме да го постигнеме тоа. Се разбира, за да можеме да бидеме свети во нашето однесување, најпрво треба да разбереме што значи да се биде свет.
4. Што значат зборовите „свет“ и „светост“?
4 Што значи да се биде свет? Во Библијата, зборовите „свет“ и „светост“ главно се однесуваат на неизвалканост во морален и во религиозен поглед. Освен тоа, овие изрази ја пренесуваат смислата некој да биде одвоен за да му служи на Бог. Со други зборови, ќе бидеме свети ако сме морално чисти, ако го обожаваме Јехова на исправен начин и ако имаме близок личен однос со него. Помислата дека Јехова, кој е потполно свет, сака да биде близок пријател со нас иако сме несовршени, нѐ исполнува со восхит.
„СВЕТ, СВЕТ, СВЕТ Е ЈЕХОВА“
5. Што учиме за Јехова од верните ангели?
5 Јехова е чист во секој поглед. Тоа го дознаваме од она што го рекле серафимите — ангели кои се близу до Јеховиниот престол. Некои од нив објавувале: „Свет, свет, свет е Јехова над војските!“ (Иса. 6:3). Ангелите можат да имаат близок однос со Бог, кој е свет, бидејќи и тие се свети. Токму затоа, некои места на Земјата станувале свети од самото присуство на некој ангел кој бил испратен да пренесе порака. Тоа се случило кога Мојсеј бил кај грмушката што горела (2. Мој. 3:2-5; Ис. Нав. 5:15).
6-7. а) Според 2. Мојсеева 15:1, 11, како Мојсеј нагласил дека Бог е свет? б) Што ги потсетувало Израелците дека Бог е свет? (Види ја сликата на насловната страница.)
6 Откако Израелците го преминале Црвеното Море, Мојсеј им нагласил дека нивниот Бог, Јехова, е свет. (Прочитај 2. Мојсеева 15:1, 11.) Египќаните обожавале лажни богови и биле далеку од свети. Истото важело и за Ханаанците, кои при обожавањето на своите богови жртвувале деца и учествувале во изопачени сексуални ритуали (3. Мој. 18:3, 4, 21-24; 5. Мој. 18:9, 10). За разлика од лажните богови, Јехова никогаш не би побарал од своите слуги да направат нешто што би ги понижило и би им нанело штета. Тој е потполно свет. За Израелците да не го заборават тоа, на турбанот на првосвештеникот имало златна плочка на која пишувало: „Јехова е свет“ (2. Мој. 28:36-38).
7 Секој што ќе го прочитал тој натпис ќе можел да се увери дека Јехова навистина е свет. Но, што ако некој Израелец никогаш не ја видел таа плочка бидејќи немал можност да биде во близина на првосвештеникот? Дали сепак ќе знаел дека Јехова е свет? Да! Секој Израелец можел да ја слушне таа вистина кога Законот се читал пред мажите, жените и децата (5. Мој. 31:9-12). Да си бил и ти меѓу нив, ќе си ги чул следниве зборови: „Јас сум Јехова, вашиот Бог... Бидете свети, зашто јас сум свет!“ „Бидете свети за мене, зашто јас, Јехова, сум свет“ (3. Мој. 11:44, 45; 20:7, 26).
8. Што учиме од 3. Мојсеева 19:2 и од 1. Петрово 1:14-16?
8 Да разгледаме нешто што е запишано во 3. Мојсеева 19:2, за кое Јехова рекол дека треба да им се чита на сите Израелци. Јехова му рекол на Мојсеј: „Кажи ѝ на целата заедница од синови на Израел и речи им: ’Бидете свети, зашто сум свет јас, Јехова, вашиот Бог!‘“ Можеби Петар цитирал од овој стих кога ги поттикнал христијаните да бидат свети. (Прочитај 1. Петрово 1:14-16.) Се разбира, ние денес не сме под Мојсеевиот закон. Сепак, зборовите што ги напишал Петар го потврдуваат она што стои во 3. Мојсеева 19:2 — дека Јехова е свет и дека оние што го сакаат треба да се трудат да бидат свети. Ова важи за сите нас, сеедно дали имаме надеж да живееме на небото или во рајот на Земјата (1. Пет. 1:4; 2. Пет. 3:13).
„БИДЕТЕ СВЕТИ ВО СЀ ШТО ПРАВИТЕ“
9. Како ќе ни користи тоа што ќе го разгледаме поглавје 19 од 3. Мојсеева?
9 Бидејќи сакаме да го радуваме нашиот свет Бог, многу ни е важно да научиме како да бидеме свети. За да успееме во тоа, Јехова ни дал некои практични совети. Такви совети може да најдеме во 3. Мојсеева, поглавје 19. Маркус Калиш, изучувач на хебрејскиот јазик, напишал: „Ова можеби е најсеопфатното, најразновидното и, во некои аспекти, најважното поглавје во 3. Мојсеева, па можеби дури и во сите пет Мојсееви книги“. Да разгледаме некои стихови од ова поглавје кои содржат важни поуки за нашиот секојдневен живот. Додека го правиме тоа, да имаме на ум дека овие поуки се поврзани со воведните зборови од ова поглавје — „бидете свети“.
10-11. Според 3. Мојсеева 19:3, што треба да правиме, и зошто тоа е важно?
10 Откако им кажал на Израелците дека треба да бидат свети, Јехова додал: „Секој од вас треба да ги почитува својата мајка и својот татко... Јас сум Јехова, вашиот Бог“ (3. Мој. 19:2, 3, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013).
11 Значи, многу е важно да бидеме послушни на Божјата заповед да ги почитуваме нашите родители. Размисли за она што му го рекол Исус на еден човек кој го прашал: „Какво добро морам да направам за да добијам вечен живот?“ Меѓу другото, тој му одговорил дека треба да ги почитува „татка си и мајка си“ (Мат. 19:16-19). Исус дури ги осудил фарисеите и книжниците затоа што на лукав начин ја избегнувале одговорноста да се грижат за родителите. Така ја обезвреднувале „речта Божја“ (Мат. 15:3-6). Меѓу другото, „речта Божја“ ја вклучувала петтата од Десетте заповеди, како и она што стои во 3. Мојсеева 19:3 (2. Мој. 20:12). Да истакнеме уште еднаш дека заповедта од 3. Мојсеева 19:3 — да ги почитуваме родителите — доаѓа веднаш по изјавата: „Бидете свети, зашто сум свет јас, Јехова, вашиот Бог“.
12. Како може да покажеме дека сме послушни на заповедта од 3. Мојсеева 19:3?
12 Во склад со Јеховината заповед да ги почитуваме родителите, би можеле да се прашаме: „Како стојам јас во овој поглед?“ Ако сметаш дека не си направил доволно во минатото, би можел да направиш некои подобрувања сега. Не можеш да го смениш минатото, но отсега натаму можеш да се трудиш да поминуваш повеќе време со твоите родители и повеќе да им помагаш. За да успееш во тоа, можеби ќе треба да направиш некои промени. Освен тоа, размисли дали би можел да им пружиш поголема поддршка во материјален, духовен или емоционален поглед. Ако го правиш тоа, тогаш си послушен на заповедта од 3. Мојсеева 19:3.
13. а) Што друго стои во 3. Мојсеева 19:3? б) Како може да го следиме примерот на Исус за кој читаме во Лука 4:16-18?
13 Од 3. Мојсеева 19:3 учиме уште нешто за тоа како да бидеме свети. Таму се спомнува дека Израелците требало да ги држат деновите за одмор. Бидејќи ние како христијани не сме под Законот, не треба да го држиме седмичниот ден за одмор, познат како сабат. Сепак, може многу да научиме од тоа како Израелците го држеле сабатот и како им користело тоа. Тој ден, Израелците не требало да извршуваат никаква работа, туку требало да го посветат на духовни активности. * Токму затоа, на денот за одмор Исус имал обичај да оди во синагогата во неговиот град и да чита од Божјата Реч (2. Мој. 31:12-15; прочитај Лука 4:16-18). Божјата заповед: „Држете ги моите денови за одмор“, запишана во 3. Мојсеева 19:3, треба да нѐ поттикне да одвојуваме време од нашите секојдневни активности за да посветиме поголемо внимание на духовните работи. Дали сметаш дека треба да направиш некои промени во овој поглед? Ако редовно одвојуваш време за духовните работи, ќе стекнеш близок однос со Јехова — нешто што е неопходно за да бидеш свет.
ЗАЈАКНУВАЈ СИ ГО ПРИЈАТЕЛСТВОТО СО ЈЕХОВА
14. Која важна вистина се истакнува во 3. Мојсеева поглавје 19?
14 Во 3. Мојсеева поглавје 19 повеќе пати се повторува една важна вистина која може да ни помогне да останеме свети. Четвртиот стих завршува со зборовите: „Јас сум Јехова, вашиот Бог“. Оваа мисла се појавува 16 пати во ова поглавје. Таа нѐ потсетува на првата заповед: „Јас сум Јехова, твојот Бог... Немој да имаш други богови освен мене“ (2. Мој. 20:2, 3). Доколку сакаме да бидеме свети, нашето пријателство со Бог мора да ни биде поважно од било кого и од било што. А бидејќи го носиме името Јеховини сведоци, решени сме да не направиме ништо со кое би му нанеле срам на Божјето свето име (3. Мој. 19:12; Иса. 57:15).
15. На што треба да нѐ поттикнат стиховите од 3. Мојсеева поглавје 19 во кои се зборува за принесувањето жртви?
15 Израелците покажувале дека го прифаќаат Јехова како свој Бог со тоа што ги држеле неговите закони. Во 3. Мојсеева 18:4 пишува: „Постапувајте според моите закони, држете ги моите одредби и живејте по нив. Јас сум Јехова, вашиот Бог“. Во поглавје 19 се запишани некои од одредбите што Израелците требало да ги држат. На пример, во стихови 5-8, 21 и 22 се спомнуваат животински жртви. Тие требало да се пренесуваат на начин со кој не би се обесветило „она што му е свето на Јехова“. Овие стихови треба да ни ја разгорат желбата да го радуваме Јехова и да му принесуваме жртви на фалба кои се прифатливи во негови очи, како што сме поттикнати во Евреите 13:15.
16. Кое начело може да нѐ потсети на разликата меѓу оние што му служат на Бог и оние што не му служат?
16 За да бидеме свети, мора да имаме желба да се разликуваме од луѓето кои не му служат на Бог. Тоа можеби нема да биде лесно. Понекогаш соучениците, колегите, членовите на семејството кои не се Сведоци и некои други може да нѐ стават под притисок да правиме работи кои Јехова не ги одобрува. Ако се најдеме во таква ситуација, треба да донесеме важна одлука. Што ќе ни помогне да постапиме исправно? Во 3. Мојсеева 19:19 наоѓаме едно интересно начело: „Не ставај на себе облека ткаена од два вида преѓа“. Овој закон им помагал на Израелците да се разликуваат од околните народи. Бидејќи ние денес не сме под Законот, не е погрешно да носиме облека направена од различни материјали како, на пример, од памук и полиестер или од волна и вискоза. Но, одбиваме да бидеме како луѓето чии верувања и постапки се во судир со библиските учења, дури и ако станува збор за соученици, колеги или членови на нашето семејство. Се разбира, ние си го сакаме семејството, а покажуваме љубов и кон другите луѓе. Сепак, со одлуките што ги носиме во животот покажуваме дека ни е најважно да му бидеме послушни на Јехова, дури и ако поради тоа сме поинакви од луѓето околу нас. Тоа е многу важно бидејќи, ако сакаме да бидеме свети, неопходно е да се издвојуваме од оние што не му служат на Бог (2. Кор. 6:14-16; 1. Пет. 4:3, 4).
17-18. Која важна поука може да ја извлечеме од 3. Мојсеева 19:23-25?
17 Изразот „јас сум Јехова, вашиот Бог“ требало да ги потсетува Израелците дека пријателството со Јехова треба да им биде најважното нешто во животот. Да видиме на кој начин стиховите од 3. Мојсеева 19:23-25 ги потсетувале на тоа. (Прочитај.) Размисли што значеле овие зборови за Израелците кога влегле во Ветената земја. Ако некој човек посадел овошка, првите три години не требало да јаде од нејзините плодови. Плодовите што ќе се роделе во четвртата година требало да бидат одвоени за посебна намена — да се однесат во Божјето светилиште. Сопственикот можел да јаде од плодовите на тоа дрво дури во петтата година. Целта на овој закон била да им помогне на Израелците да сфатат дека не треба да ги ставаат своите потреби на прво место. Тие требало да имаат доверба дека Јехова ќе се грижи за нив, и најважно во животот требало да им биде да го поддржуваат обожавањето на вистинскиот Бог. Тој ќе се грижел да имаат доволно храна, и затоа ги поттикнувал великодушно да носат дарови во светилиштето — местото каде што го обожавале.
18 Законот кој е запишан во 3. Мојсеева 19:23-25 нѐ потсетува на нешто што кажал Исус во Проповедта на гората. Тој рекол: „Не бидете загрижени... што ќе јадете или што ќе пиете“. Потоа додал: „Вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“. Исто како што се грижи за птиците, Бог ќе се погрижи и за нашите потреби (Мат. 6:25, 26, 32). Ние имаме потполна доверба во тоа. А кога гледаме дека некој е во немаштија, спремно му пружаме помош без да го истакнуваме тоа пред другите. Исто така, со радосно срце приложуваме средства за да се покријат собраниските трошоци. Јехова ја забележува таквата дарежливост и ќе ни возврати за тоа (Мат. 6:2-4). Кога спремно даваме, покажуваме дека сме ја сфатиле поуката од 3. Мојсеева 19:23-25.
19. Како ти користеше тоа што разгледавме некои стихови од 3. Мојсеева?
19 Разгледавме само некои стихови од 3. Мојсеева поглавје 19, од кои видовме како можеме да бидеме свети како нашиот Бог. Кога го следиме неговиот пример, покажуваме дека сакаме да бидеме свети во сѐ што правиме (1. Пет. 1:15). Многу луѓе кои не му служат на Јехова го забележале доброто однесување на неговиот народ. Всушност, тоа поттикнало некои да го слават Бог (1. Пет. 2:12). Но, од 3. Мојсеева поглавје 19 можеме да извлечеме и други поуки. Во следната статија ќе разгледаме други стихови од ова поглавје од кои ќе видиме на кои други начини можеме да бидеме свети, како што нѐ поттикнал и Петар.
ПЕСНА 80 „Вкусете и видете колку е добар Јехова!“
^ пас. 5 Ние многу го сакаме Јехова и сакаме да го радуваме. Тој е свет, а очекува и неговите слуги да бидат свети. Но, дали такво нешто е можно за несовршени луѓе? Да, можно е. Ќе разгледаме што им рекол апостол Петар на своите соверници и што им заповедал Јехова на Израелците во минатото. Тоа ќе ни помогне да научиме да бидеме свети во сѐ што правиме.
^ пас. 13 Нешто повеќе за сабатот и за поуките што може да ги извлечеме можеш да прочиташ во статијата „Има време за работа и време за одмор“, во Стражарска кула од декември 2019.