Дали сте знаеле?
Како археолошките докази потврдуваат дека Валтазар постоел и дека бил цар на Вавилон?
СО ГОДИНИ, критичарите на Библијата тврделе дека цар Валтазар, кој се спомнува во библиската книга Даниел, е измислена личност (Дан. 5:1). Тие го застапувале тоа гледиште бидејќи археолозите не успеале да пронајдат докази дека Валтазар навистина постоел. Но, ова се сменило во 1854 год. Како?
Таа година, еден британски конзул по име Џон Тејлор ги истражувал урнатините на древниот град Ур, кои се наоѓаат во јужниот дел на денешен Ирак. Таму, во една голема кула, овој истражувач пронашол неколку глинени цилиндри. Секој од нив бил долг околу 10 сантиметри и содржел натпис со клинесто писмо. На едниот од нив била испишана молитва за долговечност на вавилонскиот цар Набонид и на неговиот најстар син, Валтазар. Дури и критичарите морале да признаат — ова било доказ дека Валтазар сепак постоел.
Меѓутоа, Библијата кажува дека Валтазар не само што постоел туку и дека бил цар. Критичарите не се согласувале и со тоа. На пример, Вилијам Талбот, англиски научник од 19 век, напишал: „Некои тврдат дека Велсарусур [Валтазар] владеел истовремено со својот татко Набонид. Но, за ова нема никакви докази“.
Оваа дилема била разрешена кога од натписите на други глинени цилиндри се открило дека таткото на Валтазар, цар Набонид, понекогаш бил отсутен од престолнината и по неколку години. Што се случувало додека не бил таму? Според една енциклопедија, „кога не бил во својата земја, Набонид му го препуштал престолот на Валтазар и му оставал голем дел од војската“ (Encyclopaedia Britannica). За тоа време, Валтазар владеел во Вавилон наместо својот татко. Затоа, Ален Милерд, археолог и лингвист, вели дека е соодветно што „во книгата Даниел, Валтазар е наречен ’цар‘“.
Се разбира, за Божјите слуги, самата Библија ги содржи најважните докази дека книгата Даниел е веродостојна и вдахновена од Бог (2. Тим. 3:16).