Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 9

Да бидеме самопожртвувани како што бил Исус

Да бидеме самопожртвувани како што бил Исус

Повеќе усреќува давањето отколку примањето (ДЕЛА 20:35)

ПЕСНА 17 „Сакам“

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Каков убав став покажуваат Јеховините слуги?

УШТЕ многу одамна, Библијата прорекла дека Божјиот народ „спремно ќе се понуди“ да ја извршува службата за Јехова под водство на неговиот Син (Пс. 110:3). Ова пророштво навистина се исполнува денес. Секоја година, Јеховините ревносни слуги поминуваат стотици милиони часови во проповедничкото дело. Тие го прават тоа доброволно и на свој трошок. Исто така, тие одвојуваат време за да им помагаат на своите соверници во физички, емоционален и духовен поглед. Именуваните браќа одвојуваат многу време за да ги подготват точките што ги имаат на состаноците и за да прават пастирски посети кај браќата и сестрите. Што ги мотивира Божјите слуги да го прават сето ова? Тоа е љубовта — љубовта кон Јехова и љубовта кон ближниот (Мат. 22:37-39).

2. Според Римјаните 15:1-3, каков пример ни оставил Исус?

2 Исус ни оставил извонреден пример со тоа што ги ставал потребите на другите пред своите потреби. Ние даваме сѐ од себе за да одиме по неговите стапки. (Прочитај Римјаните 15:1-3.) Оние што се трудат да го следат неговиот пример ќе имаат многу благослови. Исус рекол: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Во оваа статија ќе разгледаме какви жртви правел Исус за другите, и како може да го следиме неговиот пример. Исто така, ќе видиме како може да си ја зголемиме желбата да им служиме на другите.

ДА ГО СЛЕДИМЕ ПРИМЕРОТ НА ИСУС

И покрај тоа што бил уморен, што направил Исус кога кај него дошле мноштво луѓе? (Види во пасус 4)

4. Како Исус покажал дека ги става потребите на другите пред своите потреби?

4Исус се жртвувал за другите дури и кога бил уморен. Размисли како постапил тој кога едно големо мноштво луѓе дошле кај него додека бил на една висорамнина близу Капернаум. Претходната ноќ, тој цело време му се молел на Јехова. Исус сигурно бил многу уморен, но кога ги видел луѓето, се сожалил на сиромашните и на болните меѓу нив. Тој не само што ги излекувал туку и ја одржал Проповедта на гората — еден од најохрабрувачките говори на сите времиња (Лука 6:12-20).

На кои начини може да бидеме самопожртвувани како Исус? (Види во пасус 5)

5. Како оние што се глава на семејството покажуваат самопожртвуваност како Исус кога се уморни?

5Како оние што се глава на семејството го следат примерот на Исус. Замисли си ја следнава ситуација: Откако поминал цел ден на работа, таткото се враќа дома исцрпен. Тој помислува да не ја одржи Семејната вечер, но го моли Јехова да му даде сила за да може да ја одржи. Јехова му одговара на молитвата, и тој проучува со своето семејство како што го прави тоа секоја седмица. Таа вечер децата учат важна поука — дека за нивните родители, духовните работи секогаш се на прво место.

6. Наведи пример како Исус правел жртви за другите дури и кога имал потреба да биде сам.

6Исус одвојувал време за другите дури и кога имал потреба да биде сам. Можеш ли да си замислиш како се чувствувал Исус кога дознал дека на неговиот пријател Јован Крстител му била отсечена главата? Тој сигурно бил многу тажен. Библијата вели: „Кога чу за [смртта на Јован], Исус замина оттаму со чамец и отиде на пусто место за да биде сам“ (Мат. 14:10-13). Може да сфатиме зошто Исус сакал да биде сам. Многумина од нас сакаат да бидат сами кога тагуваат. Но во таа прилика, тоа било невозможно за Исус бидејќи едно големо мноштво луѓе пристигнале на тоа осамено место уште пред него. Што направил Исус? Тој бил свесен за потребите на луѓето и „се сожалил на нив“. Тој знаел дека очајно им се потребни помош и утеха од Бог, и затоа веднаш презел нешто во врска со тоа — почнал „да ги поучува [не за малку, туку] за многу работи“ (Мар. 6:31-34; Лука 9:10, 11).

7-8. Наведи пример кој покажува како грижливите старешини го следат примерот на Исус кога ќе се појави потреба од помош во собранието.

7Како грижливите старешини го следат примерот на Исус. Многу го цениме сето она што нашите самопожртвувани старешини го прават за нас! Повеќето во собранието не се свесни за голем дел од работата што тие ја завршуваат. На пример, кога има потреба од итна медицинска интервенција, членовите на Одборот за посредување меѓу лекари и пациенти Јеховини сведоци веднаш им помагаат на своите соверници. Честопати, ова се случува во текот на ноќта. Но, поттикнати од сочувство кон своите браќа и сестри кои се во неволја, овие драги старешини, заедно со нивните семејства, ги ставаат потребите на своите соверници пред своите потреби.

8 Исто така, старешините учествуваат во изградбата на сали за состаноци и други објекти, како и во пружање помош при катастрофи. А поминуваат и безброј часови за да нѐ поучуваат и охрабруваат. Сите овие браќа и нивните семејства ја заслужуваат нашата искрена пофалба. Јехова нека ги благослови за нивниот самопожртвуван дух! Се разбира, како и сите други, старешините треба да бидат урамнотежени. Тие не треба да поминуваат толку многу време во такви теократски активности што ќе ги запостават потребите на своите семејства.

КАКО ДА РАЗВИВАМЕ САМОПОЖРТВУВАН ДУХ

9. Според Филипјаните 2:4, 5, каков став треба да развиваат сите христијани?

9 Прочитај Филипјаните 2:4, 5. Се разбира, не само старешините туку сите ние треба да се трудиме да бидеме самопожртвувани како што бил Исус. Библијата вели дека тој зел „облик на роб“ (Фил. 2:7). Да размислиме што учиме од овој стих. Еден корисен роб, или слуга, бара начини да му угоди на својот господар. Бидејќи сме робови на Јехова и им служиме на нашите браќа, без сомнение, сакаме да им бидеме уште покорисни — и на Јехова и на соверниците. Следниве предлози можат да ни помогнат во тоа.

10. Кои прашања може да си ги поставиме?

10Преиспитај го својот став. Би можел да си поставиш прашања како следниве: „Колку сум спремен да се жртвувам за другите? На пример, како би постапил ако бидам замолен да посетам некој постар брат во дом за стари лица или да носам некоја постара сестра на состаноци? Дали сум спремен да помагам кога има потреба од доброволци за чистење на конгресната локација или за одржување на салата за состаноци?“ Кога сме му го заветувале животот на Јехова, ние сме му ветиле дека ќе го користиме сето она што го имаме во службата за него. Затоа, тој се радува кога несебично ги трошиме нашето време, сила и материјални средства за да им помагаме на другите. Ако гледаме дека треба да се подобриме во овој поглед, што може да правиме?

11. Како може молитвата да ни помогне да развиеме самопожртвуван дух?

11Искрено зборувај со Јехова во молитва. Можеби си увидел дека треба да се подобриш во некој поглед, но немаш мотивација да ги направиш потребните промени. Во таков случај, помоли му се на Јехова и биди искрен. Кажи му како се чувствуваш и моли го да ти даде и желба и сила за да можеш во поголема мера да бидеш самопожртвуван (Фил. 2:13).

12. Како можат младите крстени браќа да помагаат во своите собранија?

12 Ако си млад крстен брат, моли го Јехова да ти помогне да развиеш желба да му служиш на собранието во поголема мера. Во некои земји има повеќе старешини отколку слуга-помошници, а многу од слуга-помошниците се средовечни или постари. Како што расте бројот на објавители, потребни се повеќе млади браќа кои ќе им помагаат на старешините околу грижата за Божјите слуги. Ако си спремен да ја извршуваш секоја задача, ќе бидеш среќен. Зошто? Бидејќи на тој начин ќе го радуваш Јехова, ќе си стекнеш добро име и ќе се чувствуваш исполнето затоа што им помагаш на другите.

Христијани од Јудеја кои пребегале во градот Пела преминувајќи ја реката Јордан. Оние што стигнале меѓу првите во градот ја распределуваат храната за своите соверници кои штотуку пристигнуваат. (Види во пасус 13.)

13-14. На кои практични начини може да им помогнеме на нашите браќа и сестри? (Види ја сликата на насловната страница.)

13Труди се да ги забележиш потребите на другите. Апостол Павле ги поттикнал христијаните кои живееле во Јудеја: „Не заборавајте да правите добро и да делите со другите, зашто со таквите жртви му се угодува на Бог“ (Евр. 13:16). Тоа навистина било корисен совет! Само неколку години откако го добиле ова писмо, тие христијани морале да ги напуштат своите домови, работата и роднините кои не биле христијани и да побегнат во планините (Мат. 24:16). Во тоа време било особено важно да си помагаат еден на друг. Доколку претходно го применувале советот на Павле и меѓусебно си го делеле она што го имале, сигурно ќе им било полесно да се навикнат на новите околности.

14 Нашите браќа и сестри можеби нема секогаш да ни кажат кога имаат некоја потреба. На пример, на некој брат можеби му починала сопругата. Дали треба да му се зготви нешто? Дали има потреба од превоз или да му се помогне нешто околу домот? Тој можеби нема ништо да ни каже бидејќи не сака да ни биде на товар. Но, многу ќе му значи ако преземеме иницијатива и му ја пружиме потребната помош. Не треба да мислиме дека некој друг ќе му помогне или, пак, дека братот секогаш ќе ни каже кога има потреба од нешто. Добро е да се прашаме: „Да сум на негово место, каква помош би ми значела?“

15. Какви треба да бидеме ако сакаме да им помагаме на другите?

15Биди пристаплив. Сигурно познаваш некои браќа и сестри од твоето собрание кои секогаш спремно им помагаат на другите. Тие никогаш не ни оставаат впечаток дека им пречиме. Знаеме дека секогаш може да се потпреме на нив кога нешто ни е потребно, и би сакале и самите да бидеме такви личности. Ален, кој има 45 години и служи како старешина, сака да биде пристаплив. Во врска со примерот на Исус, тој вели: „Исус бил зафатен, но луѓе од сите возрасти биле привлечени кон него и се чувствувале слободни да го замолат за помош. Тие знаеле дека тој вистински се грижи за нив. Со сето срце сакам да бидам како Исус, и другите да ме познаваат како некој што е пристаплив, срдечен и грижлив“.

16. Како тоа што ќе го применуваме Псалм 119:59, 60 ќе ни помогне сѐ потесно да го следиме примерот на Исус?

16 Не треба да се обесхрабруваме ако не успеваме совршено да го следиме примерот на Исус (Јак. 3:2). Некој што учи да слика не може совршено да го следи примерот на својот професор. Но, доколку учи од своите грешки и се труди да го следи примерот на професорот најдобро што може, ученикот ќе се подобрува. На сличен начин, ако го применуваме она што го учиме од Библијата и се трудиме да се подобруваме, сѐ потесно ќе го следиме примерот на Исус. (Прочитај Псалм 119:59, 60.)

ШТО СЕ ПОСТИГНУВА АКО СМЕ САМОПОЖРТВУВАНИ

Старешините им оставаат добар пример на младите кога покажуваат самопожртвуван став како Исус (Види во пасус 17) *

17-18. Што се постигнува кога се трудиме да бидеме самопожртвувани како Исус?

17 Нашиот самопожртвуван став може да биде заразен. Еден старешина по име Тим вели: „Во нашето собрание беа именувани за слуга-помошници некои многу млади браќа. Една од причините за тоа беше самопожртвуваниот став што го покажуваа по примерот на други објавители. Овие млади браќа им пружаат поддршка на старешините и му помагаат на собранието“.

18 Живееме во свет во кој многу луѓе се себични. Но, Јеховините слуги се разликуваат од нив. Самопожртвуваниот дух на Исус има силно влијание врз нас, и решени сме да го следиме неговиот пример. Иако не можеме да го правиме тоа совршено, сепак можеме тесно да ги следиме „неговите стапки“ (1. Пет. 2:21). Ако даваме сѐ од себе да бидеме самопожртвувани како што бил Исус, ќе бидеме среќни бидејќи на тој начин го радуваме Јехова.

ПЕСНА 13 Исус, нашиот пример

^ пас. 5 Исус секогаш ги ставал потребите на другите пред своите потреби. Во оваа статија ќе разгледаме на кои начини можеме да го следиме неговиот пример. Ќе видиме и како ќе ни користи тоа што ќе се трудиме да бидеме самопожртвувани како што бил тој.

^ пас. 57 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден млад брат по име Дан е присутен кога двајца старешини го посетуваат неговиот татко во болница. Убавиот пример што го оставаат старешините го поттикнува Дан и тој да им помага на други во собранието. Еден друг млад брат, по име Бен, ја забележува грижата што ја покажува Дан. Примерот на Дан го поттикнува Бен да учествува во чистењето на салата за состаноци.